На само два месеци од премиерата, новата фејслифт BMW Серија 3 пристигна во салонот на BMW во Скопје. Новиот модел е со ревидиран надворешен дизајн и внатрешен дизајн, како и нови технологии.
Со своите јасно структурирани површини, динамични линии и големи доводи за воздух, предниот дел додава уште поголем акцент на спортскиот изглед на новата Серија 3. Редизајнираните фарови и „бубрезите“, исто така, му даваат силно визуелно присуство на автомобилот. Стандардните целосно LED фарови сега се многу потенки, со јасни контури и дневни светла распоредени во превртена форма на буквата L за да создадат хармоничен и модерен изглед. Адаптивните LED фарови се достапни како опција и се препознаваат по сините акценти. Изменетите контури даваат уште помоќен изглед на предната решетка. Доводите за воздух во црна боја со висок сјај позиционирани под бубрежната решетка го ладат системот за сопирање и додаваат софистициран изглед.
Чистиот дизајн на задниот дел придонесува за софистициран изглед на Серија 3. Хоризонталните линии, тенките задни светла и широките крила ја нагласуваат ширината и мускулестиот став на задниот дел. Завршетоците на издувниот систем сега имаат дијаметар од 90 или 100 милиметри, во зависност од моторот.
Внатрешноста на новата Серија 3 е темелно ажурирана. Новата интерпретација на типичниот фокус на возачот е отелотворена од стандардниот заоблен екран на BMW. Пред возачот се наоѓа екран од 12.3-инчи, додека инфозабавниот систем добива екран од 14.9-инчи. Овој дизајн на кокпитот има прогресивна дигитализација и овозможува значително да се намали бројот на физички копчиња и контроли. Нов дизајн има и рачката на менувачот за стандардниот осумстепен Steptronic автоматски менувач. Позициониран е на централната конзола заедно со Start/Stop копчето, iDrive контролерот, Driving Experience Control копчињата, рачната сопирачка и другите функции на возилото.
Што се однесува до моторите, фејслифт верзијата е достапна со истите мотори како и претходно, а тоа вклучува четирицилиндарски и шестцилиндарски бензинци и дизел мотори. Кај бензинците достапен е 2.0-литарски турбо мотор со 156 коњски сили (ознака 318i), со 184 коњски сили (ознака 320i) и со 245 коњски сили (ознака 330i). На врвот на понудата се наоѓа M340i xDrive кој користи 3.0-литарски турбо бензинец со 374 коњски сили и забрзување од 0 до 100 км/ч за 4.4 секунди.
Кај дизел моторите, достапен е 2.0-литарски мотор со 150 коњски сили (ознака 318d) и со 190 коњски сили (ознака 320d). Верзијата 330d добива 3.0-литарски мотор и испорачува 286 коњски сили. И тука на врвот на понудата е спортската M340d xDrive верзија која го користи истиот 3.0-литарски дизел мотор, но тука испорачува 340 коњски сили и забрзување од 0 до 100 км/ч за 4.6 секунди.
Во понудата достапни се и две Plug-in хибридни верзии, односно 320e кој има системска моќност од 204 коњски сили и 330e кој има зголемена моќност од 292 коњски сили. Двете верзии само на струја можат да поминат до 60 километри (според WLTP).
Новост е тоа што дизел моторите сега добиваат 48V mild-hybrid технологија, а осумстепениот Steptronic автоматски менувач е стандаредн кај сите мотори. Како опција е достапен и Steptronic Sport автоматскиот менувач, додека одредени верзии се достапни и со xDrive погонот на сите четири тркала.
Достапни се и мноштво на нови безбедносно системи и системи за асистенција на возачот.Стандардно вклучува предупредување за преден судир со интервенција на сопирачките, кое детектира присуство на велосипедисти, како и возила и пешаци, темпомат со функција на сопирање, дисплеј за ограничување на брзината со индикатор за забрана на престигнување и предупредување за напуштање на коловозна лента, како и враќање во лента. Како дополнителна опција се достапни и Head-Up дисплеј и Driving Assistant Professional кој содржи активен асистент за управување и контрола со Stop&Go функција, автоматско ограничување на брзината и препознавање на семафори.





































