Новата BMW Серија 4 Coupe пристигна во Македонија!

Кога станува збор за историја и претставителност во купе сегментот, ретко кој од големите автомобилски гиганти може да се спореди со BMW. Оваа нова Серија 4 е тука да ја заврши работата која ја започнале нејзините предци. Иако ја дели платформата со Серија 3, за овој модел се направени неколку промени кои допринесуваат за поспортско чувство при возење. Најголем допринос има стандардната М sport суспензија.

Новата генерација на BMW Серија 4 е со доста забележителен дизајн, а вниманието го привлекува големата предна решетка. Па затоа, ова е еден од најозборуваните автомобили во изминатите неколку месеци. Новиот дизајн е виновник да овој автомобил е 128мм подолг, малку поширок и со поголемо меѓуоскино растојание за 41мм од својот претходник. Но, ајде да преминеме на главното – големата вертикална решетка. Смело… многу смело… дизајнерите велат дека со овој дизајн BMW се враќа на корените од минатото кога “бубрезите” биле со поголема висина наместо ширина. Ова всушност е и една од најголемите разлики со Серија 3, па токму поради тоа Серија 4 ќе привлекува големо внимание на улиците. Овие нови “бубрези” се надополнети со целосни LED фарови или опционални фарови со Laserlight технологија. Гледајќи го овој автомобил од страна многу наликува на поголемата Серија 8 – опаѓачка кровна линија која завршува со мал спојлер. Задниот дел исто така се разликува од Серија 3, односно има поголеми штопови и на задниот браник се наоѓа мал дифузер со два излези за издувот. Искрено, возилото во живо изгледа далеку подобро отколку на фотографии и видеа, па затоа пред да одлучите дали ви се допаѓа или не посетете го салонот на BMW каде што ќе може и да ја видите новата Серија 4.

Иако екстериерот е многу различен во споредба со секој друг автомобил од моменталната понуда на BMW, внатрешноста ќе им биде доста позната на купувачите. Централната конзола е идентична како онаа кај Серија 3 со стандарден 8.8-инчен екран и делумно дигитална инструмент табла. Како опција ќе биде достапен поголем, 10.25-инчен централен дисплеј или BMW Live Cockpit Professional опцијата со 12.3-инчна дигитална инструмент табла. Предни спортски седишта се стандардна опрема за овој автомобил кој е стриктно наменет за 4 патници. Стандардно добивате и делумно кожни седишта, а може да одберете помеѓу 5 различни бои со опција за целосно кожни седишта.

За почеток, само еден дизелски мотор ќе биде понуден на купувачите, а тоа е 420d кој има 2.0-литарски мотор со 48 волтна mild-hybrid технологија и располага со 190 коњски сили и 400Nm вртежен момент и достапен е со опционален xDrive погон на сите четири тркала. Бензинските агрегати се 420i (без mild-hybrid технологија) кој е всушност 2.0-литарски мотор кој произведува 185 коњски сили и 300Nm вртежен момент, доволен да го забрза овој автомобил до 100 километри на час за 7.5 секунди. Појакиот, 430i го користи истиот мотор, но во оваа изведба има 258 коњски сили, доволни за забрзување до 100 км/ч за 5.8 секунди. Следната изведба е M440i xDrive која со помош на 374 коњски сили и 500Nm вртежен момент го забрзува овој автомобил до 100 километри на час за 4.5 секунди. Сите модели стандардно доаѓаат со 8-степен Steptronic автоматски менувач. На врвот на понудата се свежо претставените M4 и M4 Competition кој користат 3.0-литарски шестцилиндарски турбо-бензински мотор со 480, односно 510 коњски сили.

При почетокот на 2021 година во понудата ќе бидат достапни и 430d и M440d xDrive, а двете верзии користат 3.0-литарски дизел мотор.

Конкретниот модел од фотографиите е 430i со M Sport пакет во новата “Arctic Race Blue Metallic” боја.

Повеќе информации за новата Серија 4 може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на BMW M Car.

More Stories
BMW го претстави новиот X6