Мотоцентар со кампања за подобрување на сообраќајната некултура

Изминатата сабота (11.11.2023), на платото пред трговскиот центар “Ист Гејт Мол“, на иницијатива на “Мотоцентар“, а поддржано од Републички Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) и МВР, се одржа настан именуван како “Да ја победиме сообраќајната некултура!“.

Поттикнати од големиот број сообраќајни незгоди во Скопје кои неретко завршуваат со жртви, „Мотоцентар“, заедно со трговскиот центар „Ист Гејт Мол“ иницираа еднодневен настан, со цел подигнување на јавната свест за важноста на културата во сообраќајот.

Во рамки на настанот, кон публиката се обратија г-дин Горан Гроздоски, Генерален Директор на „Мотоцентар“, г-ѓа Гордана Кожуваровска, Претседател на Републички Совет за Безбедност на Сообраќај на Патишта (РСБСП), г-дин Љупчо Грујовски, Претседател на „Порше Клуб Македонија“ и г-дин Ристо Вуков – Рико, македонски спортски автомобилист. Говорниците повикаа на свест, совест и внимателност во сообраќајот, апелирајќи за важноста на примената на повисоко ниво сообраќајна култура, почнувајќи секој од себе лично.

На настанот, му претходеше авто-мото дефиле во кое учествуваа членовите на “Порше Клуб Македонија“, кои со повремено свирење за време на дефилето, алармираа за поголемо внимание во сообраќајот и сообраќајната култура.