Mercedes-Benz CLE е спортско купе кое го зазима местото на два модели понудени во последните години. Звучи како враќање во минатото, нели? Новото име овде крие докажан рецепт. CLE е спортско купе кое повторно ги комбинира карактеристиките на автомобили од два сегменти. Купе верзијата на CLE пристигна на македонскиот пазар пред скоро една година, а сега ја имаме и „фраерската“ кабриолет верзија. Иако зимата е пред нас, температурите сеуште не се толку ниски, па уживањето во кабрилет автомобил е сеуште возможно.
Новиот CLE е микс на C-Class Coupe и E-Class Coupe, Mercedes се одлучи овие модели да немаат нова генерација, туку да ги спои во еден модел кој ќе превземе одредени карактеристики од едниот и другиот модел. Крајниот резултат е навистина успешен и доста атрактивен – дури би рекол дека токму CLE е еден од најубавите модели во моментална понуда на брендот.
CLE е достапен и како купе верзија и како кабриолет, па во зависност од вашиот вкус може да ја одберете вашата идеална верзија. Дизајнот е динамичен и со карактеристични линии за брендот. Конкретниот модел е со AMG-Line пакет кој придонесува за уште подинамичен изглед. Инаку, ве делат точно 20 секунди од возење под отворено небо. Уште повеќе, покривот можете да го отворите и додека возите, со брзина до 60 км/ч. Истото важи и за затворањето. А точно е дека и багажникот се намали на 285 литри, но вреди – стилот е тука на прво место.
Внатрешноста на Mercedes CLE е целосно префрлена од C-Class. Ова значи дизајн типичен за новите автомобили на марката, со хоризонтален MBUX екран и карактеристични отвори за воздух. Мултимедијата го користи новиот софтвер кој дебитираше во E-Class. Ова значи пристап до многу апликации, вклучувајќи игри (Angry Birds) и TikTok. Квалитетот на материјалите е на врвно ниво и токму во внатрешноста се гледа дека димензиите на автомобилот се слични со E-Class Coupe отколку со C-Class Coupe.
Понудата на мотори се отвора со 2.0-литарски бензински и дизел мотори, кои се движат од 197 коњски сили за CLE220d и 204 коњски сили за CLE200. Во двата случаи, силата се испраќа на задните тркала преку 9-степен автоматски менувач. Потоа следува верзијата CLE300, која генерира 258 коњски сили од истиот 2.0-литарски мотор. Овде се добива и 4MATIC погон на сите тркала. За оние што сакаат нешто „повеќе“ тука е Mercedes CLE450, кој е опремен со 3.0-литарски шестцилиндричен бензинец кој генерира 381 коњски сили. Спринтот до стотка кај овој модел трае само 4.4 секунди, а максималната брзина е 250 км/ч.
И на самиот врв (сега за сега) е спортската AMG-CLE 53 верзија која користи 3.0-литарски шестцилиндричен турбо-бензинец кој испорачува 449 коњски сили и 600 Nm вртежен момент, а силата се пренесува на сите четири тркала благодарение на 4MATIC+ системот со DRIFT режим.

























