Македонска премиера на новиот Opel Grandland

Целосно новиот Opel Grandland официјално беше претставен на македонскиот пазар. Германците целосно го променија концептот на овој автомобил и се насочија кон поголемите конкуренти. На понудата на брендот одамна недостасува голем, простран теренец. Новиот Opel Grandland ја пополнува празнината што не беше развиена во оваа марка долги години. По напуштањето на Insignia, компанијата не можеше да се пофали со ниту еден поголем автомобил, таргетирајќи ги попребирливите клиенти. Сега тоа се менува.

Втората генерација на Grandland го дели само името со својот претходник. Овие автомобили немаат ниту еден заеднички елемент. Изгледот е сосема поинаков, димензиите се значително зголемени, а опремата е импресивна. Покрај тоа, ќе најдеме нови типови на погон под хаубата. 

Димензиите на новиот Grandland се импресивни. Тој е подолг за 17 сантиметри од претходникот. Кои се техничките податоци на овој модел? Новата генерација има должина од 4.650 мм, ширина 1.905 мм и висина од 1.660 мм. Меѓуоскиното растојание е 2.784 мм. 

Ние сме навистина горди на овој грандиозен C-SUV модел. Кога велиме грандиозен, не мислиме само на неговите надворешни димензии, грандиозноста се огледува во секој еден детаљ на оваа креација, грандиозен дизајн, чувство на грандиозност при управување, грандиозен стил, а истовремено чист и елегантен. Тоа е новиот Opel Grandland – Изјави Ана Јовановска, Менаџер за медиуми и односи со јавност во Еуроимпекс.

Стајлингот на новиот Grandland е многу успешен. Ова е развој на концептот од Astra, Mokka и Frontera, иако малку освежен. Решетката Vizor кај овој модел се одликува со вградените подолги LED дневни светла. Како резултат на тоа, нивниот светлосен потпис е многу попрепознатлив. Овде се користеше и системот Intelli-Lux Pixel Matrix HD, што треба да гарантира подобар квалитет на осветлувањето.

Назад, логото на брендот на багажникот е тргнато. Неговото место го зазеде натписот OPEL, кој е осветлен и составен дел на меѓусебно поврзаните задни светла. Целата работа изгледа навистина добро и остава добар впечаток. Без разлика на се, правецот во кој се движеше дизајнот на овој бренд е полн погодок.

Внатрешноста на новиот Opel Grandland се фокусира на модерни решенија. Иако самиот дизајн на кокпитот се однесува на Astra и новата Frontera, тука имаме голем број на силно редизајнирани елементи. Во Grandland дебитира целосно нов волан, со тесен екран за инструментите зад него. Таму се прикажани и податоците за опсегот и информациите од патниот компјутер.

Инфозабавниот систем е со широк екран и се протега низ контролната табла. Екранот е со големина од 16 инчи, што е доста интересна големина. Добра вест: тука се задржани копчињата за контрола на климата, што ќе им угоди на многумина. Има и многу места за складирање на најразлични ситници. Предните седишта AGR добија функција за греење, вентилација и масажа. Има и посебен елемент кој може да го намали притисокот врз опашката, со што се зголемува удобноста при патувањето.

Продукт Менаџерот за Опел, во Еуроимпекс – Драган Јовев изјави: „за што се залагаме во Опел во моментот…ние сме прогресивен и возбудлив Германски бренд. Новиот Opel Grandland скока нанапред вон своето време. Сега созреан, просторен и премиум… достоен на своето име. 

Карактеристиките на моделот се изведени од столбовите на кои е поставен брендот:

–                 Смел и чист дизајн

–                 Чисто кокпит искуство 

–                 Германско тежнеење кон извонредност

–                 Гриновација

И додаде: „Со новиот Grandland целиме во срцето на горниот C-SUV сегмент нудејќи БЕЗБЕДНОСТ на традиционалните купувачи, ПРОСТОР и ФУНКЦИОНАЛНОСТ на семејствата и ТЕХНОЛОГИЈА и СТИЛ на прогресивните купувачи.

На нашиот пазар овој модел ќе го понудиме во хибридна изведба од 136КС со Edition ниво на опременост, по одлична цена од 32.990€!“

Под хаубата на новиот Grandland има две верзии на погон со мотор со внатрешно согорување. Основниот погон е 1.2-литарскиот  (трицилиндричен) мотор со благ хибриден систем и инсталација од 48 V – вкупната моќност тука е 136 коњски сили. Гамата е надополнета и со нов plug-in хибрид, кој користи 1.6-литарски турбо-бензински мотор и батерија, а вкупната моќност тука е 195 коњски сили. Оваа верзија со полна батерија може да помине до 86 километри.

Во понудата има и две целосно електрични верзии – основната верзија е со батерија од 74 kWh, а втората е со батерија од 82 kWh и нудат досег до 580 километри, додека long range верзијата со батерија од 98 kWh и досег до 680 километри ќе биде достапна во третиот квартал од оваа година. 

Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го псетите продажниот салон на Opel.