Македонска премиера на новиот електричен Volvo EX30

Денес се одржа официјалната македонска премиера на целосно новиот електричен Volvo EX30! Ова е најмалиот SUV на брендот до сега, но истовремено нуди и доста големи карактеристики кои го прават да се издвојува. EX30 е модел кој цели на луѓе кои бараат интересен автомобил за градот, но сакаат да одат на подолго патување од време на време.

Дизајнерите на Volvo едноставно знаат да нацртаат модерни и безвременски автомобили. Дизајнот е модерен, но не е пренападен, па затоа ретко може да се слушне од некој дека одреден модел на Volvo не му се допаѓа. EX30 совршено се вклопува во овие претпоставки со својот едноставно убав дизајн. Многу визуелни карактеристики се позајмени од големиот EX90. Тука на сличен начин се нацртани предниот и задниот дел. Карактеристичните светла напред веднаш покажуваат со која марка си имаме работа, додека задните светла се исто така дискретно вградени во столбот. Ова е очигледна референца за моделите на семејството 850/V70 кои го популаризираа ова решение.

EX30 е навистина компактен автомобил – неговата должина е точно 4.233 милиметри, а меѓуоскиното растојание е долго 2.650 милиметри. Па така, разликата со XC40 е јасна и таа е над 20 сантиметри. И покрај овие компактни димензии, новиот EX30 изненадува со просторот во внатрешноста, како на предните, така и на задните седишта.

Внатрешноста на EX30 е модерна и ги следи сите најнови решенија. Швеѓаните овде се фокусираа на докажани решенија, односно целосен минимализам и леснотија при користење. Ова е еден од ретките брендови каде што контролата на допир е релативно интуитивна и пријателска.

Командниот центар овде е централниот екран од 12,3 инчи (во портрет ориентација), кој го користи најновиот софтвер подготвен со брендовите Google, Qualcomm и Apple. Опкружен е со елегантна декоративна лента и визуелно пријатна пластика. А тука е специјалното амбиентално светла кое може да го регулирате според неколку одредени „теми“. Интересен факт е целосното напуштањето на класичната инструмент табла. Сите информации околу возењето се прикажани во горниот дел на централниот екран. Дали ова е добар потег? Времето ќе покаже.

Платформата SEA отвори голем број можности. Новиот модел на брендот ја користи архитектурата што Geely постојано ја воведува во следните модели на своите брендови. Во случајот со овој автомобил, направена е навистина добра спецификација. EX30 е исто така најбрзиот Volvo до сега…Звучи доста интересно во перспектива на најмалиот модел во понудата.

Најмалиот модел на Volvo е достапен со две различни батерии. Во основната верзија на EX30 ќе добиете електромотор со 272 коњски сили (343 Nm) кој ја придвижува задната оска и кој работи со батерија од 54 kWh. Тоа е конструкција од литиум-железо-фосфат. Во оваа основна верзија досегот е 344 километри според стандардот WLTP, а максималната моќност на полнење е 134 kW. Верзијата со поголема батерија добива и различна конструкција на батеријата од никел-манган-кобалт(LFP) за поголема ефикасност. Дополнително, во оваа верзија на располагање се 69 kWh. Досегот тука се зголемува на 480 километри со едно полнење, а максималната моќност на полнење до 153 kW. Интересно, и покрај истата моќност, верзијата со батерија од 54 kWh забрзува до 100 км/ч за 5,7 секунди, а со батерија од 69 kWh за 5,4 секунди.

Врвот во понудата е Volvo EX30 Twin Motor Performance кој е понуда за клиенти со поспецифични барања. Тука има и дополнителен електричен мотор на предната оска. Погонот на сите четири тркала и  моќноста од 428 коњски сили и 543 Nm се претвораат во одлични перформанси. Ваквата верзија на EX30 забрзува до 100 км/ч за само 3,6 секунди. Тука работи подобрата батерија со капацитет од 69 kWh, но досегот е намален на 460 километри.

Швеѓаните сакаат да привлечат многу клиенти со цената и опремата на новиот Volvo EX30. Достапни се вкупно три нивоа на опременост – Core, Plus и Ultra. Уште основната Core верзија нуди се што ви треба за да бидете среќни. Во основната верзија, има Full LED светла, загреани седишта, мултимедија со голем број на функции, адаптивен темпомат, 18-инчни тркала во послабата верзија и 19-инчни тркала во посилната верзија или со поголема батерија, вграден полнач од 11 kW (AC) и друго. Врвната Ultra верзија додава вграден полнач од 22 kW, камери од 360 степени, стаклен покрив, Harman/Kardon аудио систем, 20-инчни тркала, Pilot Assist, Park Assist, електрични седишта и многу друго. 

Новиот Volvo EX30 Core со батерија од 54 kWh има почетна цена од 37.990 евра.

Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Volvo Car Македонија.