Лимитираниот Renault Megane R.S. Ultime пристигна во салонот на Automotive Group

Во салонот на Automotive Group пристигна навистина интересен и редок автомобил. Поточно, станува збор за спортскиот Renault Megane R.S. Ultime – ова e лимитирана верзија на Megane R.S. славејќи ја богатата историја на францускиот компактен спортски хечбек. Овој колекционерски модел ја круниса сагата која започна во далечната 2003 година. Megane R.S. Ultime е последниот Megane R.S. и воедно последниот модел со логото на Renault Sport. 

Ексклузивниот дизајн на Megane R.S. Ultime ги содржи визуелните белези на Renault Sport, вклучувајќи го двојниот дијамант и специфичната графика инспирирана од новото лого на Renault. Лентите се на покривот и хаубата, задниот браник, вратите и крилата. Тие се во мат црна боја за да се усогласат со Tonic Orange бојата на конкретниот примерок. Годината кога е основан Renault Sport, 1976 – е дискретно впишана во лентите од десната страна.

Каросеријата на Megane R.S. Ultime се карактеризира со 60 мм пошироки предни крила и 45 мм пошироки задни крила, странични отвори за воздух, R.S. Vision предни светла, централен издув, спојлер и заден дифузер. Многу од деталите на оваа ограничена серија сега се црни: логоата, рачките на вратите, рамките околу прозорците, тркалата (дури и капаците на навртките), задниот дифузер и сплитерот инспириран од Формула 1 на предниот браник. 

Во внатрешноста, стандардно доаѓаат Recaro спортски bucket седишта обвиени во алкантара и извезен R.S. монограм. Праговите на вратите се ексклузивни и секој модел има своја нумерирана метална плоча во близина на контролите на менувачот, на дното на конзолата. Потпишан е од Laurent Hurgon – возачот и експерт за развој кој работеше на Megane R.S. во текот на својата кариера и моментално ги држи рекордите на патеките Nürburgring, Suzuka и Spa-Francorchamps.

Стандардната опрема во Megane R.S. Ultime вклучува многу од специфичните карактеристики во Megane R.S. и Megane R.S.Trophy: 9.3-инчен инфозабавен екран со Bose Hi-Fi систем, 10-инчен дигитален кластер, R.S. Монитор за следење на телеметрија, адаптивен темпомат и систем од 360° камери за маневрирање. Листата на опции е ограничена на head-up дисплеј, панорамски сончев покрив и специјално дизајнираната обвивка која ќе ги воодушеви фановите кои го избраа овој типичен колекционерски автомобил.

Оваа лимитирана серија која е базирана на Megane R.S. Trophy е придвижувана од истиот 1.8-литарски четирицилиндарски турбо бензинец кој испорачува 300 коњски сили и 420 Nm вртежен момент. Стандардно е опремен со EDC автоматски менувач и Торсен механички диференцијал што овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за 5.7 секунди. Megane R.S. Ultime е опремен со полу-слик Bridgestone Potenza S007 пневматици специјално развиени за Megane R.S. Trophy R, споени со Fuji Light 19-инчни тркала и Brembo сопирачки со црвени шепи. Предната оска со независно потпирање, спуштената Cup шасија и 4CONTROL системот за управување со сите четири тркала придонесуваат за врвно искуство во возењето – на тркачка патека и секаде на друго место.

Од Megane R.S. Ultime ќе бидат произведени само 1.976 нумерирани примероци – Renault Sport е основана во 1976 година и бројката на примероци е во чест на основањето на оваа спортска дивизија. Па токму еден ваков примерок да пристигна и во Македонија е навистина за пофалба!