Land Rover Discovery Sport и Range Rover Evoque достапни во Plug-in Hybrid изведби

Land Rover претстави Plug-in Hybrid верзии на едни од најпопуларните модели во својата гама – Discovery Sport и Range Rover Evoque.
Двата нови модели бележат значителен развој во гамата на Land Rover. Тие исто така претставуваат значителна инвестиција во Premium Transverse Architecture(PTA) платформата, ова е платформа која ја користат помалите модели на брендот. PTA платформата уште од самиот почеток е дизајнирана за да може да се сместат електрифицирани погони. Од Land Rover тврдат дека овие модели се исто толку добри за off-road возење како и конвенционалните модели со бензински или дизел мотори.

Двата автомобили ја носат ознаката P300e и ги споделуваат сите клучни компоненти. Под хаубата е нов Ingenium мотор и се работи за 1,5-литарски трицилиндричен агрегат кој произведува 200 коњски сили и тежи 37 килограми помалку од 2,0-литарскиот четирицилиндричен мотор. Овој мотор ги придвижува предните тркала, а на задната оска е поставен електромотор кој произведува 109 коњски сили. Батеријата е сместена под вториот ред седишта и е со големина од 15kWh. Како резултат на тоа, Evoque и Discovery Sport имаат вкупна системска моќ од 309 коњски сили и 540Nm вртежен момент. Силата се пренесува преку комплетно нов 8-степен автоматски менувач кој е со помала големина од тој кој се наоѓа во конвенционалните модели.

Evoque P300e од 0 до 100 км/ч забрзува за 6,1 секунда и може да вози до 66 километри само на електрична енергија. Според WLTP, официјалната просечна потрошувачка изнесува 1.4 литри на 100 изминати километри и CO2 емисии до 32г/км.
Малку поголемиот Discovery Sport P300e од 0 до 100 км/ч забрзува за 6,2 секунди и има чисто електричен опсег од 62 километри. Официјалната просечна потрошувачка изнесува 1,6 литри на 100 изминати километри и CO2 емисии од 36г/км. Двата автомобили се способни да постигнат брзина од 135 км/ч само на електрична енергија.

Може од одберете од три режими на работа – EV, Hybrid и Save. Во EV режимот автомобилот работи само на електрична енергија, додека Hybrid режимот го користи и конвенционалниот бензински мотор и електромоторот, а со тоа ја комбинира моќта на најефикасен начин. Save режимот константно го користи моторот со внатрешно согорување и со тоа ја чува енергијата од батеријата за понатамошно користење.

Интеграцијата на оваа платформа со електрифицираниот погон им овозможи на инженерите во Land Rover да испорачаат уште два клучни аспекти – просторот во багажникот и на задните седишта не е намален и е идентичен како и кај конвенционалните модели, исто така резервоарот за гориво е 57 литри, што е релативно голем за Plug-in Hybrid автомобил.

Користејќи го приклучокот за полнење, кој се наоѓа на задната страна, спротивно од резервоарот за полнење гориво, на двата модели им е потребно нешто помалку од седум часа за целосно да се наполнат со употреба на стандарден домашен приклучок. Побрзиот 7kW AC полнач ќе го постигне истиот подвиг за помалку од 90 минути, додека со DC-брзите полначи батеријата од 0 до 80 проценти ќе се наполни за 30 минути.

Од Land Rover велат дека само мал број од возилата Discovery Sport и Evoque се возат на на некој екстремен off-road пат, но инженерите посочуваат дека прилагодливоста на вртежниот момент од електричниот мотор кој е задолжен за задната оска значи дека овие Plug-in Hybrid модели нудат навистина одлични теренски способности како и секоја друга конвенционална верзија од овие два модели.