Ова е новиот Jaguar XF – луксузниот седан доби темелно освежување и многу нови технологии.
На надворешноста, промените се суптилни. Предниот дел добива нов браник, кој има подлабоки и пошироки отвори за воздух – промена за која Jaguar вели дека ја истакнува ширината на автомобилот. Над него седи репрофилирана решетка со нови детали и додека фаровите остануваат во иста форма како порано, тие сега се со LED технологија како стандард. Како и порано, XF се нуди како седан и во караванска „Sportbrake“ изведба. Двете верзии добиваат ревидиран заден браник и нови LED светла, а светлата кај седанот се малку потемни.
Внатре, промените се многу позначајни, освежениот дизајн на кабината е резултат на големите надградби на технологијата во XF. Централната конзола е целосно редизајнирана, со нов 11,4-инчен закривен стаклен дисплеј кој го контролира новиот Pivi Pro инфозабавен систем на Jaguar. Новиот систем се одликува со многу подобра и посветла графика, како и подобрен кориснички интерфејс, пренесувајќи ги повеќето главни функции за навигацијата, клима уредот и аудио на главниот дисплеј. Системот, исто така, располага со поставување на двојна SIM-картичка – ова не само што обезбедува многу подобра врска во роаминг, туку функциите како стриминг и „over-the-air“ надградби можат да работат истовремено без никаква загуба во перформансите. Apple CarPlay и Android Auto се стандардни, додека полнењето на мобилен телефон може да се изврши безжично. Пред возачот, XF добива нов 12,3-инчен дигитален дисплеј, како и нов дизајн за воланот. Новост е и Active noise cancellation системот кој открива бучава од патот и пушта звук од спротивна бранова должина на внатрешните звучници ветувајќи потивка и порафинирана кабина. Новиот XF го добива и „ClearSight“ дигиталниот внатрешен ретровизор кој нуди подобрена видливост кон задниот дел.
На купувачите им се нуди избор од еден дизел и два бензински мотори. Дизелот е 2.0-литарски и се карактеризира со блага хибридна технологија, за која Jaguar вели дека помага во намалена потрошувачка и емисија на штетни гасови од 131 г/км. Исто така сега е помоќен и располага со 204 коњски сили. Бензинците се исто така 2.0-литарски четирицилиндарски мотори кои произведуваат 250 или 300 коњски сили. Послабиот нуди забрзување од 0 до 100 км/ч за 6.5 секунди, додека појакиот тоа го прави за 5.8 секунди. Сите верзии добиваат 8-степен автоматски менувач, а силата се пренесува само на задните или на сите четири тркала во зависност од моторот.
















