Пред нешто повеќе од еден месец имав можност да присуствувам на светската премиера на целосно новиот Citroen ë-C3. Новата четврта генерација на еден од најпопуларните модели на брендот прави една револуција во компактниот Б-сегмент. На настанот имав ретка и ексклузивна можност накратко да поразговарам со луѓето кои се на чело на Citroen, а тоа се Federico Goyret – директор за маркетинг и односи со јавност, Laurence Hansen – директор за развој на производи, Pierre Leclercq – главен дизајнер и Thierry Koskas – главен извршен директор на Citroen.
Cars by Vik: Која е вистинската целна публика за новиот ë-C3?
Federico Goyret: Тоа би го поделил на три категории – првите се оние што ние ги нарекуваме „classico citroenist“ кој имаat околу 50 години и не им треба толку простор бидејќи немаат „активни“ деца во домот и живеат сами. Тие навистина го сакаат возилото што не одзима премногу од нивниот месечен буџет, но истовремено не сакаат нешто евтино, па затоа размислуваат да се префрлат на електричен автомобил, размислуваат и за ниски трошоци, размислуваат за удобност, тие сакаат малку повеќе простор, но реално не им треба голем SUV модел, тоа е традиционалниот Citroenist. Во случајот со ë-C3 ги имате оние кои се спремни и сакаат да се префрлат на електричен погон, но не сака да купи голем електричен автомобил и не сака да троши толку многу пари, па сака да биде кул и да се грижи за околината – ова се луѓе кои може да имаат 30 или 50 години и сакаат да покажат дека се различни. На крајот, тука се луѓето кои имаат одприлика 28-30 години, имаат низок буџет за автомобил и повторно ова се луѓе кои сакаат да се префрлат на „струја“ и не одат премногу надвор од градот, па затоа ваков тип на автомобил нема да им биде проблем.
Cars by Vik: Според вас која е најдобрата карактеристика на новиот C3 што го прави да се издвојува од конкуренцијата?
Laurence Hansen: Мислам дека главната карактеристика е удобноста како целина – тука се секако стандардните прогресивните хидраулични перничиња на суспензијата (за прв пат се вградуваат во модел од овој сегмент) што прави огромна разлика при возењето, ние сме први со ваков тип на суспензија во овој сегмент и јас го возев наспроти конкуренцијата и синтезата е едноставно „вистински Citroen“. Прво прогресивната хидраулична суспензија, напредните Advanced Comfort седишта, плус внатрешност која е буквално „како дома“ – ова се три работи кои се многу различни од конкуренцијата.
Cars By Vik: Дали мислите дека оваа огромна промена во дизајнот на ентериерот ќе одвлече некои од постарите генерации на клиенти?
Pierre Leclercq: Тоа е многу добро прашање. Најпрво се трудиме да внесеме и што е можно повеќе млади клиенти во брендот. Знаете дека кога ќе направите нов дизајн има два начина за тоа како луѓето ќе го гледаат – или да направиш нешто што јас го нарекувам дизајн што е во сивата зона – на никој не може да не му се допадне, но никој нема да се заљуби во него. Некои автомобили се поекстремни од другите, но треба малку да се ризикува, особено кога станува збор за Citroen, мислам дека тоа е бренд кој отсекогаш бил креативен и на свој начин уникатен, па затоа треба да се преземе и малку ризик. Се разбира, целта е да достигнете што е можно повеќе клиенти, но знам дека на некои нема да им се допадне, но тоа е сосема во ред, не мора на сите да им се допаѓа.
Cars by Vik: Како изгледа иднината на Citroen – дали е целосно електрична или микс помеѓу електрични и модели со класични мотори со внатрешно согорување?
Thierry Koskas: Тоа сигурно ќе биде повеќе електрична и помалку „бензин“, но до 2030 година ќе оставиме дел од моделите со класичен бензински мотор. Мислам дека сè уште треба да имаме во понуда и класични ICE верзии, особено во Европа бидејќи знаеме дека во некои земји пазарот на електрични возила е ограничен и исто така зависно во некои земји инфраструктурата за електрични автомобили не е се уште добро развиена. Ако го земете во предвид северниот дел на Европа имате навистина многу станици за полнење. Франција не е лоша и ако одите на автопат ќе видите многу места за полнење, но има различни ситуации во различни земји. Значи, сè уште ни требаат малку ICE модели, но ние навистина сакаме да бидеме лидери на електричната мобилност со прифатлива цена, што значи дека ја правиме електричната мобилност достапна за сите. Мислам дека искрено ë-C3 ќе биде еден од најдобро продаваните електрични автомобили во Европа, ако не и најдобро продаваниот електричен автомобил во Европа бидејќи создава еден сосема нов пазар каде што нема апсолутно никој, па затоа сме многу, многу сигурни во автомобилот.





