Третата генерација на Hyundai i30 го доби својот фејслифт. Ајде да видиме што е променето.
Надворешните и внатрешните промени се суптилни. Најочигледните промени на надворешноста се во предниот дел каде што може да се примети нов преден браник, а над тоа се наоѓа поостра решетка која ја надополнуваат нови LED фарови. Добра вест е тоа што овојпат разликата помеѓу стандардната верзија и N-Line верзијата е поголема и позабележлива. Задниот дел може да се пофали со нови стоп светла кои исто така се LED. Нови 17 и 18-инчни бандажи се во понудата, како и нови три бои кои купувачите ќе можат да ги одберат при нарачка на овој автомобил.
Технолошки, има доста промени во внатрешноста. Новиот infotainment дисплеј кој веќе го видовме во Kona и Ioniq сега е достапен и во i30 и дава опција за персонализaција на “home screen”. Apple CarPlay и Android Auto се стандардна опција кои подоцна во 2020 година ќе можат да функционираат безжично. Пред возачот се наоѓа 7 инчен екран на кој се менува графиката во зависност од тоа кој мод е одбран. Одстраните се аналогни стрелки за обртометарот, количината на гориво во резервоарот и температура на масло.
Понудата на мотори е целосно променета за 2020 година вклучувајќи и мотори со mild hybrid технологија. Стариот 1.4-литарски мотор е доработен во 1.5-литарски мотор со 110 коњски сили кој сега е основниот мотор во понудата. Истиот мотор со додаден турбо полнач испорачува 160 коњски сили, 20 коњски сили повеќе од стариот 1.4-литарски турбо мотор. Овој модел со турбо полнач ги ужива бенефитите на 48 волтен mild hybrid систем кој исто така може да се најде и во 1-литарскиот турбо бензински мотор со 120 коњски сили, како и во 1.6-литарскиот турбо дизел мотор со 135 коњски сили. Последниот мотор кој ќе може да се најде во понудата е non-hybrid 1.6-литарски дизел со 115 коњски сили. Најслабиот бензински мотор е достапен само со мануелен 6-степен менувач, додека останатите ќе имаат опција помеѓу 6-степен мануелен менувач и автоматски 7 степен менувач со двојна спојка.
Четири системи за безбедност се додадени и кои треба да го олеснат управувањето во секојдневни ситуации. Lane Following Assist комбиниран со адаптивниот темпомат овозможува полу автоматско возење за кратки временски периоди, додека blind spot collision warning системот има можност покрај известувањето за возила кои се приближуваат странично, да ја промени насоката на движење со цел да се спречи незгода. Rear collision avoidance системот ги активира сопирачките при движење наназад доколку возачот тоа не го направи навремено и последниот систем го алармира возачот доколку возилото напред направило простор за движење при услови на голем метеж.



















