Hyundai го освежи спортскиот i30 N

Хот-хечот Hyundai i30 N е огромен успех за Корејскиот бренд, помагајќи му да се воспостави како сериозен играч во овој сегмент. Па сега, стигна време за освежување, Hyundai суптилно го редизајнираше i30 N – ја зголеми моќноста и за прв пат го направи достапен со 8-степен автоматски менувач со двојна спојка.

Вкупните пропорции и големината на i30 N остануваат непроменети, Hyundai се фокусираше на суптилни измени во дизајнот, како што е додавање на поширока и порамна решетка, рестилизирани LED предни светла, со нов потпис на осветлување во V форма. Долниот дел од предниот браник сега има и нови странични перки кои го подобруваат протокот на воздух и аеродинамичката ефикасност при поголема брзина. На задниот дел е додаден нов спојлер кој е поставен на покривот, заедно со триаголно светло за сопирање што се наоѓа веднаш над задното стакло. Редизајнирани се и задните LED светла, додека поголеми двојни издувни цевки се интегрирани во браникот. Моделите со „Performance“ пакетот добиваат 19-инчни Forged алуминиумски бандажи кои го прават автомобилот полесен за 14,4 килограми, а обвиени се во Pirelli P-Zero пневматици.

Промените во ентериерот се минимални и вклучуваат нов 10,25-инчен дисплеј за инфозабавниот систем кој доаѓа со поддршка за Apple CarPlay и Andorid Auto. Системот има и редизајниран интерфејс за прилагодливи режими на возење. Ова му овозможува на возачот да ја промени респонзивноста на моторот, управувачот и звукот од издувниот систем на многу полесен начин од претходно. Додадени се и нови Bucket седишта кој се во комбинација од кожа и алкантара и се 2,2 килограми полесни од тие во претходниот модел.

Како и претходно, i30 N користи 2.0-литарски турбо-бензинец, но моќноста сега е зголемена на 280 коњски сили, додека вртежниот момент се зголемува за 39Nm на вкупно 392 Nm. 6-степен мануелен менувач останува како стандард, но за прв пат до сега како опција купувачите ќе можат да изберат и 8-степен DCT автоматски менувач.

DCT менувачот вклучува и неколку уникатни карактеристики. Првата карактеристика е N Power Shift со кој се добива удар во грбот при секое мануелно менување на брзина во еден степен погоре на полна гас. Втората карактеристика – она што Hyundai го нарекува N Grin Shift – се пристапува преку копчето интегрирано на воланот, означено како NGS. Притиснете го и сите променливи параметри на i30 N се ставаат во најагресивната поставка за 20 секунди. Тоа значи дека се активира зголемена моќност на моторот, побрзи менувања на брзините и overboost функција за да се добијат инстантни перформанси.

Од Hyundai велат дека управувачот и суспензијата имаат нов обновен сетап со кој се добива подобро управување и подобри перформанси, додека на задниот дел на шасијата сега е поставен anti-roll бар кој придонесува за поголема цврстина.

I30 N доаѓа со голем број на безбедносни системи, вклучувајќи forward collision avoidance, lane assist, blind-spot detection, rear cross-traffic alert и нов e-call систем кој може да се користи во итни случаи. Како и со остатокот од гамата на Hyundai, 5 годишна гаранција со неограничена километража е стандардна. Новиот i30 N ќе биде достапен при крајот на оваа година, а цените би требало да бидат слични со претходниот модел.

More Stories
Kia претстави освежена верзија за компактниот кросовер Stonic