Големиот SUV на Audi – Q7 доби фејслифт!

Како што е редот, по неколку години производство (поточно 4) големиот SUV на Audi – моделот Q7 доби фејслифт.
Првото нешто што “боде очи” е новата решетка во предниот дел, која е доста поголема. Од двете страни на големата решетка ѕиркаат новите редизајнирани LED фарови, а за надополнување на целата слика додадени се и поголеми отвори за воздух во долните странични делови. Како опција достапни се HD Matrix LED фаровите кои користат ласерска технологија за осветлување и мораме да кажеме дека изгледаат одлично! Кога сме кај светлата, највоочлива е хромираната лента која ги спојува задните светла, дизајнерски детал кој го делат повеќе автомобили од гамата на Audi. Во долниот дел на браникот, овој фејслифт го почасти Q7 со поголеми трапезоидни отвори за издув.

Внатрешноста е местото каде може да се воочат поголеми измени со кои Audi тврдат дека се добива повеќе простор. Новата централна конзола има два екрани на допир и дополнително трет екран – дигитална инструмент табла. Очекувано, овој модел на Audi е преполн со најнови технологии кои веќе ни се познати од останатите автомобили од овој германски производител.

Под хаубата на овој автомобил на почетокот ќе се нудат два дизелски и еден бензиски мотор. На сите мотори ќе биде искористена хибридната технологија, но за жал сеуште нема информации за силата и ефикасноста на истите. Понатаму, се очекува и да се претстави plug-in hybrid модел. Новитет е тоа што сега како дополнителна опција купувачите ќе можат да додадат активна anti-roll стабилизација со што ќе се добие повеќе комфор и намалено навалување во кривини. За маневрирањето да биде олеснето за овој гооолем SUV на Ауди, како опција ќе биде понудено управување и со задните тркала.

Продажбата на овој модел се очекува да започне кон средината на месец Септември оваа година.