Ексклузивно: Новиот Volvo EX30 во Volvo Studio Milano

На само неколку дена по официјална светска премиера имав можност во живо да го разгледам целосно новиот електричен Volvo EX30. Ова е автомобил кој е од огромно значење за брендот и сега откако го видов во живо можам да кажам дека ќе биде вистински хит кај купувачите. 

Иако дизајнот на моделите на Volvo не се промени премногу во последниве години, EX30 носи една многу убава еволуција на добро познатиот шведски стил. Според мене, EX30 во моментов е најубавиот модел во понудата на Volvo – впечатокот кој го остава во живо е навистина импресивен – особено во новата Cloud Blue боја. Ми се допаѓа и тоа што убаво се интерпретирани некои ретро елементи од старите модели, но во нов модерен стил. Исто така, многу визуелни карактеристики се позајмени од поголемиот EX90. Овде на сличен начин се нацртани предниот и задниот дел. Карактеристичните светла напред веднаш покажуваат со која марка си имаме работа, додека задните светла се исто така дискретно вградени во столбот. Ова е очигледна референца за моделите на семејството 850/V70 кои го популаризираа ова решение.

EX30 е навистина компактен автомобил – неговата должина е точно 4.233 мм, а меѓуоскиното растојание е долго 2.650 мм. Така, разликата со Volvo XC40 е јасна – таа е над 20 сантиметри и во живо е веднаш очигледна. Всушност ова ќе биде идеален автомобил за оние кои голем дел од времето во поминуваат во градскиот метеж. 

Внатрешноста е многу модерна и комплетно различна од она што сме навикнати да го гледаме во останатите модели. Швеѓаните и овде се фокусираа на докажани решенија, односно минимализам и леснотија на користење. Ова е еден од ретките брендови каде што контролата на допир е релативно интуитивна и пријателска.

Командниот центар овде е централниот екран од 12,3 инчи (во портрет ориентација), кој го користи најновиот софтвер подготвен со брендовите Google, Qualcomm и Apple. Опкружен е со елегантна декоративна лента и визуелно пријатна пластика. Нивната текстура сугерира добар квалитет. Интересен факт е напуштањето на класичната инструмент табла. Сите информации тука се прикажани на централниот екран. Инаку, работата на новиот систем е одлична – менито е сосема ново, но доста едноставно за користење, а респонзивноста и графиката се на доста високо ниво. 

Во понудата ќе бидат достапни две батерии. Во основната верзија на Volvo EX30 ќе добиете електромотор со 272 коњски сили (343 Nm) на задната оска, кој работи со батерија од 54 kWh. Тоа е конструкција од литиум-железо-фосфат. Во ова издание досегот е 344 километри според стандардот WLTP, а максималната моќност на полнење е 134 kW.

Употребата на таква технологија овозможува да се намали цената на овој автомобил. Поскапата верзија добива конструкција на батеријата од никел-манган-кобалт за поголема ефикасност. Дополнително, во ова издание ни стојат на располагање 69 kWh. Досегот се зголемува на 480 километри со едно полнење, а максималната моќност на полнење до 153 kW.

Интересно, и покрај истата моќност, верзијата со батерија од 54 kWh забрзува до 100 км/ч за 5,7 секунди, а со батерија од 69 kWh за 5,4 секунди. Врвот во понудата е Volvo EX30 Twin Motor Performance – тука има и дополнителен електричен мотор на предната оска. Погонот на четири тркала и 428 коњски сили и 543 Nm се претвораат во одлични перформанси. Таквото Volvo забрзува до 100 км/ч за само 3,6 секунди. Овде наоѓаме само подобра батерија со капацитет од 69 kWh, но досегот е намален на 460 километри.

Со нетрпение го очекувам пристигнувањето на EX30 на нашиот пазар кога ќе можам и да го пробам автомобилот, а тоа треба да биде во декември оваа година. Во однос на цените, Volvo ветува дека цените ќе бидат скоро исти на сите пазари, а тоа значи дека почетната цена за верзијата со еден електромотор и помала батерија треба да изнесува околу 36.000 евра.