eAuto е првиот салон во Македонија кој нуди нови автомобили од брендот Tesla

eAuto е нова компанија на македонскиот пазар и официјално го отвори својот прв салон кој во моментов е наменет за продажба на нови автомобили од брендот Tesla. Салонот се наоѓа во Скопје, во рамките на спортскиот аеродром Стенковец. 

Во моментов, за македонските купувачи достапни се сите модели кои ги нуди брендот Tesla, освен секако, новиот Cybertruck. На отворањето во салонот беа изложени, премиерно – новата фејслифт Tesla Model 3 и Tesla Model Y. Двата автомобили се Standard Range RWD верзијата и опремени се со Autopilot. Цената за Model 3 изнесува 55.000 евра, додека цената за Model Y е 56.000 евра. 

Компанијата eAuto има доста амбициозни планови кон масовно популаризирање на електричните автомобили во Македонија. На отворањето беше најавено дека во следните 12 месеци, eAuto ќе постави минимум 15 брзи полначи со капацитет од 180 kWh на автопатиштата низ државата. Понатаму, оваа бројка би требало доста да се зголемува. Дополнително, во eAuto ќе може да се купат и ѕидни полначи за домашна употреба. 

Освен брендот Tesla, eAuto има во план да ја збогати својата понуда и со други автомобилски брендови кои се специјализирани за целосно електрични автомобили. 

Иако инфраструктурата за електрични автомобили се уште ни е „слаба страна“ во нашата држава, потенцијалните купувачи на овие автомобили ги има се повеќе, a интересот за Tesla – бренд кој навистина ги помеша картите помеѓу автомобилските компании е доста голем. Па затоа, сите заинтересирани отсега ќе можат да отидат во изложбениот салон на eAuto, да ги видат моделите на Tesla, да ги пробаат и секако да си нарачаат целосно нов автомобил!