Вчеравечер со свечено отворање на продажниот салон, официјално започна со работа брендот BAIC. Официјален импортер во Македонија за брендот BAIC е компанијата Цилаз – компанија која има долгогодишно искуство во автомобилскиот свет. Продажниот салон се наоѓа во Аеродром, односно на ул. 3та Македонска Бригада бр.49.
На самиот старт во понудата на BAIC се достапни вкупно пет различни модели, а наскоро оваа понуда ќе биде збогатена со уште неколку новитети. И најинтересното е тоа што сите модели се со класични мотори со внатрешно согорување, целосно електрични модели не се понудени (барем сега за сега).
Најмалиот и најевтиниот SUV е моделот X35 кој има должина од 4325 мм. Овој модел е придвижуван од 1.5-литарски турбо-бензинец со 134 коњски сили, силата се пренесува на предните тркала преку 6-степен мануелен менувач. Цената за овој автомобил изнесува 17.900 евра.
Следен е SUV моделот X55, односно моделот кој се очекува да биде најпопуларен на нашиот пазар. Првично изгледа навистина интересно и уникатно, а исто така стандардно е опремено со многу богата опрема. Тука, под хаубата се наоѓа исто 1.5-литарски турбо-бензинец но со 175 коњски сили и 7-степен автоматски менувач. Силата се пренесува само на предните тркала и кај овој модел. Цената на X55 изнесува 28.900 евра.
Скалило погоре, со должина од 4745 мм се наоѓа моделот X7 кој го користи истиот погон како и моделот X55, но нуди значително повеќе простор во кабината. Цената која што треба да се плати за овој модел изнесува 33.900 евра.
Како најголем SUV и вистински off-road модел се наоѓа BJ40 Plus. Ова е робусен и навистина голем SUV наменет за клиентите со авантуристички дух. Под хаубата кај BJ40 Plus се наоѓа 2.0-литарски дизел мотор со 160 коњски сили и 8-степен автоматски менувач. Цената за овој модел изнесува 49.500 евра.
И последниот модел кој е достапен е седанот U5 Plus. Во време кога на пазарот доминираат SUV модели, освежување е да се види и класичен седан модел. Под хаубата тука се наоѓа 1.5-литарски атмосферски бензински мотор кој испорачува 112 коњски сили и е спарен со CVT автоматски менувач. За овој модел треба да издвоите 21.900 евра.
Веќе од денес може да го посетите продажниот салон и одблиску да се запознаете со автомобилите на кинескиот бренд BAIC!