BMW ја претстави новата трета генерација на еден од најпопуларните автомобили во својата гама, односно SUV моделот X1. Истовремено, дебитира и целосно новиот електричен iX1. Со својот робустен изглед и функционална разновидност, новиот BMW X1 отелотворува автентично искуство на слобода и независност во секојдневното возење, како и на подолгите патувања. Прогресивниот дизајн и софистицираниот амбиент на ентериерот, како и многу поширокиот избор на стандардна опрема во споредба со моделот што го заменува, служат за да се нагласи неговиот длабоко вграден премиум карактер.
Новиот надворешен дизајн на BMW X1 го прикажува неговиот идентитет на „Sports Activity Vehicle“ појасно од кога било до сега. Карактеристичните елементи на дизајнот ги вклучуваат моќните пропорции, квадратните контури на крилата околу тркалата и препознатливиот стил на BMW X моделите на предните и задните краеви. Исправениот преден дел на новиот BMW X1 му дава многу поголемо чувство на присуство, со тенки LED фарови, голема и квадратна бубрежна решетка со линии во облик на Х впечатливи хромирани ленти во долниот дел. Како опција се достапни и адаптивни Matrix LED фарови, пулсирачки трепкачи и променлива распределба на светлината. Експресивно извајаните површини и долгата линија на покривот се карактеристичните дизајнерски елементи на динамички растегнатата силуета на новиот модел. На задниот дел, вниманието го привлекуваат малото стакло на задната врата, хоризонталните линии, како и впечатливите LED светла со целосно нова графика. Во зависност од верзијата која ќе се одбере, новиот X1 добива специфични дизајнерски елементи. На пример, xLine верзијата е наменета за оние кои често возат надвор од асфалтираниот пат, додека M Sport верзијата добива спортски елементи и поголема атрактивност.
Сите модели доаѓаат стандардно со 17-инчни тркала. Додека 18-инчни тркала се поставени на xLine и M Sport верзиите, а овие верзии се достапни и со 19-инчни и прв пат до сега – 20-инчни тркала. Клиентите можат да изберат од вкупно десет бои за надворешноста – вклучувајќи ја и новата опционална Frozen боја од BMW Individual.
Внатрешноста, исто така го добива најновиот дизајн на BMW што за прв пат го видовме кај електричниот iX. Клучните елементи на кабината се тенката и долга табла со инструменти, заоблениот централен дисплеј, „лебдечкиот“ потпирач за рака со интегрирана контролна табла и фиоката за паметни телефони со индиректно осветлување на предната страна на централната конзола.
Новиот BMW X1 добива iDrive систем од најновата генерација. Врз основа на оперативниот систем од осмата генерација на BMW, тој го содржи заоблениот екран со својата најсовремена графика и структура на менито, заедно со интелигентниот персонален асистент кој сега добива дополнителни вештини. Инфозабавниот екран е со големина од 10.25-инчи, а пак дигиталната инструмент табла за возачот е со големина од 10.7-инчи. Новиот BMW iDrive е насочен кон обезбедување интуитивна контрола на допир и глас. Широката дигитализација на ентериерот овозможува значително да се намали бројот на физички копчиња, контроли и прекинувачи потребни за работа.
Новоразвиените седишта се достапни во Sensatec опција и Vernasca кожен тапацир. На списокот со опции може да се најдат и спортски седишта, електрично прилагодување на седиштата со мемориска функција и лумбална поддршка, вклучително и функција за масажа. Направени се подобрувања и на акустичната удобност и на заштитата на патниците. Интегрираниот концепт за пасивна безбедност сега вклучува и ново воздушно перниче за интеракција помеѓу предните седишта. Што се однесува до багажникот, во стандардна конфигурација располага со 540 литри багажен капацитет, додека со спуштени задни седишта се добива капацитет од 1600 литри.
Големи и важни новости има и кај моторите, новиот X1, освен со добро познатите турбо бензински и дизел мотори, сега е достапен и во две Plug-In хибридни верзии.
Основната верзија X1 sDrive18i користи 1.5-литарски трицилиндарски турбо-бензинец кој испорачува 136 коњски сили, втората верзија е X1 xDrive23i која користи 2.0-литарски турбо-бензинец (MHEV) и испорачува 218 коњски сили.
Кај дизелите, основната верзија X1 sDrive18d користи 2.0-литарски мотор кој испорачува 150 коњски сили, додека втората верзија X1 xDrive23d го користи истиот мотор, но тука испорачува 211 коњски сили благодарение на MHEV системот.
Сите модели стандардно се опремени со 7-степен Steptronic автоматски менувач, а клиентите ќе можат да изберат помеѓу преден погон и xDrive интелигентен погон на сите четири тркала.
Plug-in хибридните верзии се X1 xDrive25e и X1 xDrive30e – првата верзија испорачува 244 коњски сили, а втората испорачува 326 коњски сили. Опсегот само на електрична енергија и кај двете верзии би требало да биде околу 90 километри – што е меѓу најголемите во класата.
Покрај претставувањето на новиот BMW X1, германскиот бренд го претстави и својот целосно електричен компактен кросовер iX1.
Новиот iX1 располага со два електрични мотори – по еден на секоја оска, кои имаат максимална комбинирана моќност од 313 коњски сили и 494 Nm вртежен момент. Спринтот до 100 километри на час го постигнува за 5.7 секунди, а максималната брзина изнесува 180 километри на час.
Батеријата која ја користи iX1 е со капацитет од 64,7 kWh и BMW вели дека со полна батерија ќе може да се поминат од 413 до 438 километри. Исто така, поддржува полнење до 130 kW, што пак овозможува батеријата да се наполни од 10 до 80 проценти за 29 минути. Полнењето на стандарден полнач од 11 kW трае шест и пол часа, но сопствениците можат да го надградат овој систем од 11 kW што го намалува времето на полнење на три часа и 45 минути.
Од надвор, iX1 изгледа сосема идентично како и X1, со мали аеродинамички измени за да се зголеми неговата ефикасност (неговиот коефициент на отпор е 0,26 Cd), а тука се и вообичаените сини акценти на BMW за да се нагласи погонската единица со нула емисии. Внатрешноста е исто така идентична со моделот со мотори со внатрешно согорување и нема никаква измени.
Продажбата на двата модели се очекува да започне при крајот на оваа година.




































