BMW го претстави првиот до сега M3 Touring

Офанзивата на BMW M моделите продолжува во својата 50-годишнина со додавање на четвртиот тип на модел во палетата на BMW M3/M4 заедно со седан, купе и кабриолет верзиите. BMW M3 Touring ќе ја прослави својата официјална светска премиера на Goodwood Festival of Speed сега во месец јуни 2022 година.

Првиот BMW M3 Touring е особено импресивен модел кој го исполнува традиционалното М ветување за динамичен талент, агилност и прецизност во комбинација со неограничена секојдневна практичност и способност за покривање на голем број километри. Екстравагантниот надворешен дизајн е доста впечатлив, обезбедувајќи јасна диференцијација во понудата и динамична аура неспоредлива со ниту еден ривал. Чисто дизајнираните површини и атлетски форми го сигнализираат извонредниот потенцијал за перформанси на BMW M3 Touring, како и дизајнерските елементи специфични за М моделите кои имаат функција за насочување на воздухот за ладење и аеродинамичка рамнотежа. Главните меѓу нив се вертикалната бубрежна решетка на BMW која е без рамка, големите странични доводи за воздух, моќно извајаните крила на тркалата и истакнато продолжените странични прагови кои заедно со предниот спојлер и задниот дифузер, формираат црна лента околу целиот автомобил. Други карактеристични елементи се M деталите на предните крила и четирите цевки за издувот интегрирани во задниот дифузер.

Без оглед на бојата на надворешноста, покривот на M3 Touring ќе биде стандардно обработен во црна боја со висок сјај. Стандардните шини на покривот и специјалниот Gurney насочувач на воздух интегриран во спојлерот се обоени во истата боја. Покривот може да биде и во боја на каросеријата како опција, а на списокот со опции може да се најде и надворешен M Carbon пакет.

Верзијата на 3.0-литарскиот шестцилиндричен линиски мотор со M TwinPower Turbo технологија развиена за Competition моделите во линијата на BMW M3/M4 произведува максимална моќност од 510 коњски сили и максимален вртежен момент од 650 Nm. Одликувајќи се со апетитот за вртежи по кои се познати моторите на М моделите, плус линеарната испорака на моќност, овој 3.0-литарски мотор ја формира основата во новиот BMW M4 GT3 Endurence тркачки автомобил. Неговите системи за ладење и снабдување со масло се дизајнирани да се справуваат со екстремно високи надолжни и странични динамички сили на патеката. А издувниот систем специфичен за M со електрично контролирани клапни генерира емотивно воодушевувачки звук што носи дополнително динамично искуство.

Моторот е впарен со 8-степен автоматски M Steptronic менувач со Drivelogic, кој нуди три програми за менување на брзини и може да се управува со помош на лопатките за менување на воланот. Моќта на моторот се испраќа преку M xDrive системот за погон на сите тркала, кој се здружува со Active M диференцијал на задната оска. Распределбата на силата заснована на потребите на сите четири тркала ја оптимизира влечната сила на BMW M3 Competition Touring со M xDrive, како и неговата агилност и стабилност во свиоци. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 3.6 секунди, а спринтот од 0 до 200 км/ч го достигнува за само 12.9 секунди. Доколку се одбере M Driver’s пакетот се зголемува електронски ограничената максимална брзина од 250 км/ч на 280 км/ч.

Освен основната 4WD поставка, возачот може да избере и 4WD Sport режим преку Setup менито. Ова обезбедува уште поинтензивно искуство на пристрасното подесување на M xDrive системот на задната оска. Со исклучувањето на DSC (Dynamic Stability Control) автоматски стапува на сила 2WD режимот – односно, чист погон само на задните тркала.

Во кабината, новиот Curved дисплеј на BMW ќе се вградува стандардно во BMW M3 Touring. Обезбедува свежа интерпретација на дизајнот на кокпитот фокусиран на обезбедување интензивно искуство со перформансите. Целосно дигиталната контролна табла се состои од 12.3-инчен екран за возачот и 14.9-инчен екран за инфозабавниот систем. Екранот зад воланот ги прикажува сите релевантни информации за возењето со нова графика и во стил специфичен за М. Како опција се нуди и BMW Head-Up Display со содржина специфична за М.

Електрично прилагодливите M Sport седишта со мемориска функција и греење, обложени во Merino кожа се стандардни во BMW M3 Touring. Опционалните M Carbon bucket седишта за возачот и совозачот нудат уникатна симбиоза на чувството за моторспорт, лесен дизајн, раскошна изработка и удобност на долги растојанија. Употребата на carbon-fibre-reinforced plastic (CFRP) во структурните елементи на седиштата и потпирачот за грб, заедно со исечоците во страничните потпирачи и под потпирачите за глава, заштедува 9,6 килограми во однос на стандардните M Sport седишта.

Задниот простор на BMW M3 Touring има три седишта со целосна големина. Задните седишта може да се поделат во сооднос 40:20:40. Преклопувањето на поединечните делови на седиштата или сите нив истовремено овозможува зголемување на носивоста на автомобилот од 500 литри на максимални 1.510 литри. Автоматското отоворање и затворање на задната врата и посебното отворање на задното стакло се стандардни. Како опција може да се нарачаат шини против лизгање кои автоматски се креваат од подот на багажникот. Тие го спречуваат багажот да се лизга наоколу во динамични ситуации на возење.

Технологијата на шасијата усогласена и на профилот на перформанси на погонската група и на специфичниот концепт на возилото создава идеална рамнотежа на спортски перформанси и величествен комфор при возење во секојдневна употреба и на подолги патувања. Високата торзиона тврдина на структурата на каросеријата и држачите на шасијата го надополнуваат автомобилот со уште поголема агилност, динамика и прецизност. Адаптивната М суспензија со електронски контролирани амортизери и управување со M Servotronic со променлив сооднос се стандардни кај BMW M3 Touring. Интегрираниот систем за сопирање нуди две поставки за чувство на педалата. Опционалните M Carbon керамички сопирачки може да се нарачаат како алтернатива на стандардниот систем за сопирање. M3 Touring стандардно е опремен со M бандажи од лесна легура кои се со големина од 19-инчи (напред) и 20-инчи (назад). Системот DSC вклучува ограничување на лизгањето на тркалата интегрирано во контролната единица на моторот. Како и M Dynamic Mode, BMW M3 Touring исто така ја има функцијата M Traction Control како стандард. Во режимот 2WD, возачот може да ги приспособи интервенциите за ограничување на пролизгувањето на тркалата низ десет фази со цел внимателно да се приближи до физичките ограничувања при тешки свиоци на тркачка патека.