BMW го претстави новиот M4 CSL – Специјална лимитирана изведба

M дивизијата на BMW оваа година го прославува својот 50-ти роденден, а тоа го прославува со претставување на нови специјални верзии на спортски автомобили – и сега го имаме новиот „хардкор“ M4 CSL. Оваа верзија е дополнително унапредена во споредба со стандардниот M4 и M4 Competition.

За да го обезбеди статусот на најагресивниот „М“ автомобил, моторот е дополнително надграден за до произведе уште поголема моќност, како и голем број измени на шасијата и агресивно стилизирана надворешност.

3.0-литарскиот твин-турбо шестцилиндарски бензинец е развиен да произведува 550 коњски сили, што претставува зголемување од 40 коњски сили во однос на M4 Competition, додека вртежниот момент останува ист, односно 650 Nm. Дополнителната моќност доаѓа од зголемениот турбо-притисок, од 1.7 на 2.1 бари, заедно со преработен ECU компјутер, додека издувниот систем сега има титаниумски придушувач, кој заштедува 4.3 килограми. Моторот исто така е монтиран на шасијата користејќи поцврсти држачи за да се добие чувство на тркачки автомобил.

Стандардно е опремен со осумстепен автоматски менувач и нема опција за мануелен менувач. За разлика од M4 Competition, кој доаѓа со M xDrive погон на сите четири тркала, оваа CSL изведба е со погон на задните тркала. Благодарение на Launch Control функцијата и „лепливите“ гуми од 0 до 100 км/ч забрзува за 3.7 секунди, додека максималната брзина е зголемена на 305 км/ч.

Клучно за CSL моделите е нивното намалување на тежината. L во името на CSL означува Lightweight, а овој нов модел има многу нови делови за заштеда на тежина. Автомобилот има вкупна тежина од 1.625 кг, што е за 100 кг помалку од обичниот М4, со големата употреба на панели за каросеријата направени од карбон се заштедува 21 кг. Покривот од карбон, сега веќе заштитен знак на M дивизија се карактеризира и се комбинира со хауба исто така направена од карбон (1.2 кг полесна) и багажник (6.7 кг полесен) за да се добие што е можно помала тежина.

Сето ова е поддржано од редизајниран преден браник со нов дизајн на „бубрезите“ што има само една хоризонтална лента, како и зголемени помошни отвори за подобрување на ладењето, плус и карбон сплитер со испишани CSL букви. Поставени се и нови лесни M карбон-керамички сопирачки кои заштедуваат 14.3 кг во споредба со стандардните сопирачки, тука се и уникатните алуминиумски бандажи – 19 инчни напред и 20 инчни назад, како и различни пружини и потпори за суспензијата се исто така дел од пакетот CSL, а заедно заштедуваат уште дополнителни 21 кг. За понатамошно подобрување на управувањето, CSL има алуминиумска потпора под хаубата, што ја подобрува структурната цврстина.

Внатрешноста добива централна конзола од карбон, која заштедува околу 4 килограми. BMW вгради и специјални M карбонски (bucket) седишта, со што се заштедува уште 24 кг. Задните седишта на автомобилот се целосно отстранети, заштедувајќи уште 21 кг. Поставувањето на ултра лесна звучна изолација заштеди и дополнителни 15 кг. За разлика од опционалните дводелни bucket седишта на M4 Competition, едноделните седишта на CSL нудат уште подобра поддршка, а поддржуваат и појаси со шест точки, зајакнувајќи го фокусот на автомобилот за користење на тркачка патека. Други елементи кои се специјални за CSL моделот вклучуваат волан обложен во алкантара, лопатки за менување на брзини од карбон, како и дополнителна употреба на алкантара низ целата кабина.

Инаку, M4 CSL постави време од 7:15.667 на најпознатата тркачка патека Нирбургринг, а ова го прави најбрзиот автомобил на BMW досега.

Прилагодливите амортизери, управувањето со променлив сооднос и интегрираниот М систем за сопирање се стандардни за M4 CSL, а суспензијата има пад на висината за 8 mm во споредба со M4 Competition, намалувајќи го центарот на гравитација на автомобилот. Амортизерите имаат помошни пружини и напред и назад, додека гумените чаури на задната суспензија се заменети со топчести спојници за да се подобри прецизноста. Предниот дел, исто така, има поголем негативен камбер со оглед на планираната употреба на CSL на патека.

Поставките на суспензијата може да се прилагодат електронски со три достапни режими: Comfort, Sport и Sport Plus. BMW го пренесе својот прилагодлив систем за тракција, кој може да се вклучи во M Dynamic Mode – првите пет степени се исти како кај стандардниот М4, а вторите пет степени од системот со 10 фази се оптимизирани за специјална тракција на патека.

Дополнително автомобилот е стандардно опремен со Laserlight фарови, а специјално само за оваа верзија дневните светла светат во жолта боја наместо бела што е инспирирано од тркачките GT автомобили. Исто така, задните светла се со целосно нов дизајн ексклузивен само за CSL. Како што споменав и на почетокот, ова е специјална лимитирана серија на M4 која ќе биде произведена во само 1000 примероци.