Во минатото, моделот Puma беше Coupé со две врати, а Ford дури после 17 години претстави нов модел на Puma. Кој сега не е веќе Coupé, туку SUV модел…
Новата Puma е позиционирана помеѓу EcoSport и поголемата Kuga во гамата на Ford, а главните конкуренти се- Peugeot 2008, SEAT Arona, Nissan Juke, KIA Stonic и така натаму.
Оригиналната Puma од минатото беше Coupé модел базиран на Fiesta. Сега за новиот модел, Ford повторно ја искористи платформата од новата Fiesta. Но, овој пат моделот е SUV со пет врати. Во споредба со Fiesta, новата Puma е 46мм подолга, 54мм повисока, 71мм поширока и има подолго меѓуоскино растојание од 95мм.
На предниот дел ја има таа карактеристичната решетка на Ford, но од тука па натаму се издвојува од сите други SUV модели на брендот. Предните светла кои се поставени високо на хаубата, се како референца од оригиналната Puma, а на ST-Line моделите предните дневни светла имаат многу сличен дизајн со модерниот ‘supercar’ на Ford- моделот GT.
Внатрешноста го има тој типичен модерен дизајн како и сите други нови модели на Ford. Kонтролната табла е превземена од Fiesta, како и најновиот SYNC3 infotainment систем. Но, Puma има и многу други, нови опции како, дигитален дисплеј наместо конвеционалната инструмент табла и масажа на предните седишта. Багажникот е големо изненадување бидејќи има капацитет од 456 литри, со што е лидер во својата класа. Како опција достапно е и електрично hands-free затворање и отворање на вратата од багажникот.
Кога ќе започне со продажба, при почетокот на 2020 година, Puma ќе биде достапна со 1.0-литарскиот бензински мотор со три цилиндри кој ќе биде впарен со 6-степен мануелен менувач. Ќе има три различни верзии на овој мотор, а понудата ќе започне со верзијата која има 125 коњски сили. Исто така, овој ист мотор ќе биде понуден и како mild-hybrid со батерија од 48-волти. На самиот почеток на продажбата, најјаката верзија ќе биде mild-hybrid со 155 коњски сили, додека послабата бензинска верзија со 95 коњски сили, дизел мотори и 7-степен автоматски менувач ќе бидат достапни подоцна во текот на годината, а се очекува Ford да претстави и спортска верзија на Puma која ќе го користи истиот мотор од Fiesta ST.












