Bentley ја претстави третата генерација на моделот Flying Spur

Третата генерација на Bentley Flying Spur ја доби својата премиера и е спој на луксуз и напредни технологии.

Во се повеќе привлечниот “Grand Touring” сегмент, добивме нов “играч”. Од базата на Bentley во Crewe, по повод сто години постоење на брендот – излезе нов и подобар Bentley Flying Spur, за кој тврдат дека е технолошки најнапредниот и луксузен Grand Touring седан.  Новата трета генерација доби целосен редизајн и ја користи новата МЅВ платформа на која е поставена и новата Porsche Panamera.

Новиот модел е само 17mm подолг од претходникот и сега должината достигнува 5,316mm. За подобрен изглед овој автомобил сега е понизок и висината е 1,484mm, а меѓуоскиното растојание е зголемено за цели 130mm. Овие поголеми пропорции се надополнети со 21-инчни стандардни бандажи кои можат да бидат заменети со опционални 22-инчни бандажи, надополнувајќи го целиот “мускулест” изглед. Новата решетка е највпечатливиот дел на предницата на овој автомобил. Надополнета со нови crystal-cut LED matrix светла и за прв пат на новите модели – вовлекувачко “Flying B”лого, што го прави изгледот на предниот дел од овој автомобил импозантен!

Ентериерот е превземен од новиот Continental GТ. Зад воланот е поставена дигитална инструмент табла со висока резолуција, а централниот тристран ротирачки дисплеј му дава можност на возачот да одбере помеѓу 12,3 инчен дисплеј, аналогни саати или обичен дрвен фурнир. Купувачите можат да изберат помеѓу осум дрвени и четири камени фурнири за кабината, додека Bentley’s Mulliner програмата овозможува индивидуална персонализација. А пак за кожата достапни се 15 различни бои. Bentley, исто така, интегрира нов далечински управувач со екран на допир во централната конзола, така што патниците на задните седишта можат да ја променат температурата на климата, да си подесат масажа на седиштата и да го исклучат или уклучат осветлувањето во кабината.

За придвижување на овој луксузен автомобил е задолжен 6 литарскиот W12 мотор со 634 коњски сили и 900Nm вртежен момент. За распределба на силата помеѓу сите 4 погонски тркала е задолжен осум-степениот автоматски менувач кој може да ја пренесе силата по потреба и до 100% само на задните тркала. Резултат на сето ова е забрзување до 100 км/ч за само 3.8 секунди и максимални 333 км/ч.
Fun fact: максималната брзина се достигнува во 6та брзина, со што следните две брзини се за “економичност” при релаксирано возење.

Bentley, за првпат во својата историја претставува All-wheel steering на некој од своите модели. Дизајниран е да помогне при маневри на ниски брзини, како и стабилност при високи брзини. Воздушната супензија, која е вклучена во стандардната опрема за овој автомобил, овозможува автомобилот да ја менува својата тврдина при возење во различни модови.