Претставена новата генерација на BMW Серија 1!

BMW ја претстави новата Серија 1. Новата трета генерација, претрпе драматична трансформација од моментот кога овој модел беше за прв пат претставен во 2004 година. Слушајќи ги забелешките и потребите на потрошувачите, BMW се насочија кон зголемена практичност, затоа новата Серија 1 е поголема од сите свои претходници.

Главен “виновник” за зголемената практичност е тоа што сега новиот “кец” е со погон на предните тркала. Иако ја делат технологијата со MINI, одговорните лица во BMW тврдат дека направени се измени на шасијата како би се задржала динамиката во возењето како една е најпрепознатливите карактеристики на компанијата.

“И доколку ја имавме, немаше да ја одбереме опцијата за погон на задни тркала, бидејќи тоа што го имплементиравме е несомнено подобар систем” – изјави Jochen Schmalholz, продукт менаџер на BMW 1 Series. “Двете главни причини за купување беа спортски дизајн и возачка динамика; ова возило ќе биде бенчмарк во својата класа од тој поглед”.

Промените во внатрешноста се најзабележителни на задната клупа, каде што има 33mm повеќе простор за нозете и 19mm повеќе простор за главата. Внатрешноста е збогатена со нови технологии и дизајн кои се “украдени” од поголемата Серија 3. Претставена е нова инструмент табла од 10.25 инчи, како и 9.2 инчи head-up дисплеј и 10.25 инчи infotainment дисплеј, кои се дел од додатната опрема.
Должината на возилото сега изнесува 4.319мм што е за 5мм помалку од претходниот модел, широчината е зголемена за 34мм и сега е 1.799мм, меѓуоскиното растојание е зголемено за цели 20мм и сега изнесува 2.670мм.

Кога сме веќе кај “позајмувањето” може да се каже дека дел од надворешноста е инспирирана од новата BMW Серија 3. На прв поглед кон новата предница на овој автомобил, новите “бубрези” се првото нешто кое го привлекува вниманието, како и новите фарови кои можат да се нарачаат како Full LED опција (интересна појава во сечиј ретровизор).

Под хаубата може да се најде варијација од мотори. Почнувајќи од entry-level 1.5-литарскиот дизел мотор(116d) или 1.5-литарскиот entry-level бензински мотор(118i) па се до врвната изведба М135i со зафатнина од 2000 кубни сантиметри (наместо досегашните 3000) и 310 коњски сили, комбинирани со 8 степен автоматски менувач и погон на сите 4 тркала – xDrive со поделба на силата 50:50 помеѓу предната и задната оска, со што директни конкуренти му се новата Mercedes-AMG A 35, VW Golf R како и Audi S3.