Тест: Ford Focus 1.0 EcoBoost 125 Titanium Business

Ова е мојот втор пат да се дружам со новиот Focus, првиот пат имав прилика да го возам во ST-Line изведба со најјакиот 1.5 EcoBoost турбо-бензински мотор со 182 коњски сили и ми остави одличен впечаток. Дали и во ваква “послаба” изведба впечатокот е ист? Прочитајте го целиот тест за да дознаете! Воедно, Ford со оваа четврта генерација на Focus постигна одлични резултати. Во првите шест месеци продадени се 42.000 возила, прогласен е за автомобил на годината во неколку држави и добитник е на многу награди во Европа. Сосема заслужено!

Оваа четврта генерација на Focus е поставена на комплетно нова С2 платформа со што сега има многу повеќе простор во кабината, опремен е со сите најнови технологии и изгледа фантастично! Должината на возилото изнесува 4378мм, ширината 1825мм и висината е 1454мм.

Кога прв пат го видов на слика не бев баш сигурен дали ми се допаѓа, но кога пристигна во Македонија и го видов во живо сфатив дека има доста интересен дизајн и дека ми се допаѓа.
Деталите и линијата на возилото особено доаѓаат до израз во оваа Desert Island Blue боја во која што е моделот кој што го возев. Новиот Focus oсвен во хечбек изведба со 5 врати се нуди како караван и Off-Road ACTIVE изведба која што има малку повисока суспензија и мали измени на надворешниот дизајн. На располагање имате осум нивоа на опременост: Trend, Trend Edition, Trend Edition Business, Titanium, Titanium Business, ST-Line, ST-Line Business и луксузното ниво VIGNALE. Според мене нивото кое највеќе се исплати е Trend Edition бидејќи вклучува доста солидна стандардна опрема. Тестираниот модел беше во Titanium Business нивото со уште нешто плус дополнителна опрема.

Eнтериерот во претходните генерации на Focus немал толку луксузен дизајн и материјалите не биле од толку добар квалитет. Искрено, мене лично ентериерот на постарите модели на Focus не ми се допаѓал нешто многу, но сега за овој нов модел неможам да го кажам истото. Целиот ентериер изгледа многу модерно и луксузно со што сега е многу поблиску до своите премиум конкуренти, сите контроли се поставени на перфектно место и се лесни за користење, а скоро сите материјали кои ќе ги допрете се меки и се од многу добар квалитет. Просторот кој го нудат предните седишта е и повеќе од доволен, исто така и повисоките луѓе ќе можат многу лесно да ја најдат својата идеална возачка позиција. Во првото ниво на опрема добивате 4.2 инчен дисплеј за infotainment системот заедно со Bluetooth и неколку USB порти, во малку повисоките нивоа добивате 6.5 инчен дисплеј и поддршка за Apple CarPlay и AndroidAuto, а најдобриот систем кој може да го земете доаѓа со 8 инчен дисплеј и вграден навигациски систем. Моделот кој што го имав на тест го имаше големиот 8 инчен дисплеј-графиката е добра, менито е лесно и јасно за користење, но понекогаш знае малку да закочи и кога ја појачувате или намалувате гласноста на музиката преку копчињата на воланот со едно притискање се случува да отиде на пример од 10 на 12-13 или обратно. Ако сте во можност би ви препорачал да го земете 8 инчниот дисплеј бидејќи вреди за екстра парите и е нешто што цело време го користите. Воедно, ова е првиот модел на Ford во Европа што добива heads-up дисплеј кој е стандард во Vignale варијантата, а опција во сите други и работи перфектно.

Поради зголеменото меѓуоскино растојание новиот Focus нуди многу повеќе простор на задните седишта во споредба со некои од другите конкурентни модели. Луѓе до 190cm ќе имаат доволно простор за нозете и главата, а уште една добра работа е тоа што во средина нема голем тунел и удобно ќе може да седат тројца патници, без да се буни тој во средина дека нема доволно место за нозете, но сепак за предолги патувања може да стане малку неудобно. Во багажниот простор на располагање ви се достапни 375 литри што е за неколку литри помалку од некои конкурентни модели.Просторот е во коцкаста форма и отварањето е широко, па така без потешкотии ќе може да ставате и вадите работи од него. Сите модели стандард доаѓаат со деллива задна клупа(60:40).

Во понудата на мотори достапни се пет бензински и три дизел:

Бензински:
1.5 ТiVCT 120кс
1.0 EcoBoost со 100 коњски сили
1.0 EcoBoost со 125 коњски сили
1.5 EcoBoost со 150 коњски сили
1.5 EcoBoost со 182 коњски сили

Дизел:
1.5 EcoBlue со 95 коњски сили
1.5 EcoBlue со 120 коњски сили
2.0 EcoBlue со 150 коњски сили

Повеќето од овие мотори се достапни и со автоматски менувач.
Tестираниот модел беше опремен со 1.0 EcoBoost турбо-бензинскиот мотор со 125 коњски сили и 147Nm вртежен момент. Сега сигурно повеќето од Вас ќе си речете 1.0 мотор не е ли слаб за ова возило? Да бидам искрен, пред да седнам да го возам и јас го помислив истото… Океј, моторот е со 3 цилиндри (сите бензински мотори во понудата се со 3 цилиндри) и за разлика од 1.5 EcoBoost, тука повеќе се слуша тој “3 цилиндарски звук”, но после неколку дена возење сфатив дека реално овој мотор е сосема доволен за Focus. Перформансите не се којзнае какви, но се солидни и забрзувањето не е воопшто споро. 100 km/h достигнува за 10 секунди, а максималната брзина е одлични 200 km/h. Мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше 7.5 литри на 100 изминати километри. Јас би го препорачал токму овој мотор и верувам дека повеќето од Вас ќе го направите истиот избор. Сепак ако возите многу километри годишно и повеќето од тие километри ќе бидат возени на отворен пат подобра опција ќе ви биде 1.5 EcoBlue дизел моторот со 120 коњски сили бидејќи ќе заштедите доста пари на гориво.

Titanium Business нивото има стандардна опрема како што се: 16 инчни алуминиумски бандажи, предни LED дневни светла, задни LED светла, предни светла за магла активни во свиоци, волан и менувач обложени во кожа, 8 инчен дисплеј, лумбарна поддршка на возачко седиште, електронска рачна сопирачка, EBA-помош при сопирање, активна предна решетка, спортски предни седишта, опција за избор на стил на возење(Normal, Eco и Sport), темпомат, автоматска двозонска клима, сензор за дожд, предни и задни паркинг сензори…

Focus е најдинамичниот хечбек модел моментално на пазарот. Низ градските улици возењето е комфорно и суспензијата одлично се справува со сите нерамнини на патот, на пат со кривини возењето во Focus e вистинско уживање, нема преголемо навалување и е доста стабилен. 1.0 EcoBoost и 1.5 EcoBlue моторите имаат torsion beam суспензија, додека 1.5 EcoBoost и 2.0 EcoBlue ја имаат short and long arm суспензијата. Ми се допаѓа и тоа што управувачот е прецизен и директен и во секој момент знаете каде одат тркалата, мануелниот менувач е многу подобар и попрецизен од претходниот модел. Прегледноста назад и од страните е одлична, но напред поголемите А столбови малку пречат во прегледноста. За пофалба е и изолацијата во возилото, на отворен пат внатре во кабината е тивко и нема никаква бучава што би ви пречела.

Почетната цена на Ford Focus изнесува 17.900€.

Цената на тестираниот модел Ford Focus Titanium Business 1.0 EcoBoost 125 изнесува 23.900€.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Ми-Да Гранд Моторс.

ЗАКЛУЧОК
Ford Focus останува еден од најдобриот и најзабавен хечбек модел за возење, кој сега нуди многу повеќе простор во внатрешноста и изгледа фантастично!
ПОЗИТИВНО
Атрактивен изглед.
Забавен за возење.
Просторен ентериер.
НЕГАТИВНО
Не толку интуитивен инфозабавен систем.
Некои корисни работи се како дополнителна опрема.
4.5