Најновото освежување на еден од најважните SUV модели на Mercedes-Benz пристигна и на македонскиот пазар. Ревидираниот GLE, заедно со неговата подинамична Coupe изведба, сега е достапен и кај нас, носејќи сериозни промени во дизајнот, ентериерот, технологијата и понудата на погонски единици. Станува збор за едно од најобемните освежувања во досегашната кариера на моделот, при кое Mercedes-Benz направил измени на околу 3.000 компоненти.
GLE има исклучително важна улога во понудата на германскиот производител уште од времето кога моделот беше познат како M-Class. Со новото освежување, Mercedes-Benz има за цел да го задржи чекорот со сè посилната конкуренција во премиум SUV сегментот, нудејќи комбинација од препознатлив луксуз, моќни мотори и најнови дигитални технологии. Најголемите визуелни промени се забележуваат на предниот и задниот дел. Новиот Mercedes-Benz GLE добива редизајнирана предна маска со поголема решетка, нагласена хромирана рамка и осветлена централна трокрака ѕвезда, која дополнително го истакнува идентитетот на брендот.
Новите предни светлосни групи добиваат препознатлив светлосен потпис со мотив на две трокраки ѕвезди, додека задниот дел е освежен со нови LED светла кои исто така го користат карактеристичниот дизајнерски мотив. Сето тоа придонесува за помодерен и подоминантен изглед, без притоа да се нарушат пропорциите по кои GLE е препознатлив.
Промените се забележуваат и кај GLE Coupé, кој ја задржува својата спортска силуета со ниска линија на покривот, нагласени задни крила и динамичен заден дел. Во оваа изведба, дизајнерските новитети дополнително го нагласуваат спортскиот карактер, правејќи го Coupé моделот визуелно поразличен од класичниот SUV. Во понудата се вклучени и нови дизајни на алуминиумски тркала, како и дополнителни бои за каросеријата.
Една од најзначајните новини во кабината е воведувањето на MBUX Superscreen, кој се протега речиси низ целата ширина на контролната табла. Системот обединува три одделни 12,3-инчни дисплеи под една заедничка стаклена површина, вклучувајќи ги дигиталните инструменти, централниот инфозабавен екран и посебниот дисплеј за совозачот. Со ова, Mercedes-Benz дополнително го модернизира корисничкото искуство, овозможувајќи пристап до бројни дигитални функции, апликации и мултимедијални содржини.
Новитет е и оперативниот систем MB.OS, кој преку моќен компјутерски систем со вештачка интелигенција ги поврзува и контролира главните функции на автомобилот. Системот овозможува и далечинско ажурирање на софтверот преку интернет, што значи дека одредени функции и системи можат да добиваат подобрувања без посета на сервис. Унапреден е и гласовниот асистент MBUX Virtual Assistant, кој овозможува поприродна комуникација со возачот, вклучувајќи и посложени разговори и барања.
Промените во ентериерот не се ограничуваат само на екраните. Mercedes-Benz воведува нов мултифункционален управувач со подобрена организација на командите, нови отвори за вентилација интегрирани со амбиенталното осветлување, како и дополнителни комбинации на материјали и бои. Целта е да се задржи препознатливото чувство на луксуз, но со значително помодерен дигитален пристап.
Промените под хаубата се подеднакво значајни. Mercedes-Benz ја освежува понудата на бензински, дизел и plug-in хибридни погонски единици, при што акцентот е ставен на повисоката моќност, подобрата ефикасност и порафинираната работа. Во европската понуда се издвојуваат дизелските верзии GLE 350d и GLE 450d, опремени со 3.0-литарски шестцилиндрични мотори кои испорачуваат 286, односно 367 коњски сили. За купувачите кои преферираат бензински погон, достапен е GLE 450 со 3.0-литарски шестцилиндричен мотор и 381 КС.
Понудата вклучува и plug-in хибридна верзија GLE 450e, која комбинира бензински мотор и електричен погон со вкупна системска моќност од 326 коњски сили. Сите погонски единици се дополнети со современи системи за електрификација, додека погонот на сите четири тркала 4MATIC и автоматскиот менувач остануваат важен дел од концептот на моделот.
Покрај промените во дизајнот и погонските единици, Mercedes-Benz посвети големо внимание и на удобноста при возење. Системот E-ACTIVE BODY CONTROL е дополнително унапреден, со можност за уште попрецизно препознавање на нерамнините на патот и прилагодување на работата на потпирањето. Достапниот систем AIRMATIC со интелигентна контрола на амортизацијата може да користи податоци од облакот за да ги предвиди нерамнините на патот и однапред да ги приспособи карактеристиките на потпирањето. На тој начин, автомобилот треба да обезбеди повисоко ниво на удобност, особено при подолги патувања. Унапредени се и системите за активна безбедност и асистенција при возење и паркирање, кои сега располагаат со поголема процесорска моќ и дополнителни можности за препознавање на околината.
Со пристигнувањето на освежените GLE и GLE Coupé во Македонија, Mercedes-Benz ја проширува својата актуелна понуда во еден од најконкурентните премиум сегменти. Двата модели ги задржуваат своите различни карактери – класичниот GLE како поуниверзален и семејно ориентиран SUV, а GLE Coupé како подинамична и поспортска алтернатива.
































