Постојат автомобилски настани кои не се само уште еден ден поминат зад управувачот на одреден автомобил. Porsche Road Tour е токму таков настан, можност за директно запознавање со најновите модели на Porsche, но и прилика во еден ден да почувствувате колку различни карактери може да има еден ист автомобилски бренд. И оваа година имав можност да бидам дел од Porsche Road Tour, кој започна од салонот на Porsche Македонија во Скопје, а продолжи кон Винарија Лазар. Рутата беше одлично избрана бидејќи овозможи да се поминат различни типови патишта – од побрзи делници до свиоци каде што можат да се почувствуваат управувањето и карактерот на автомобилите.
Овојпат имав можност да возам вкупно пет различни модели – Cayenne S E-Hybrid, Macan GTS, Panamera Turbo E-Hybrid, а најголемо внимание секако привлекоа двата модели кои беа вистински ѕвезди на овогодишниот Road Tour – новиот 911 992.2 Turbo S и целосно електричниот Cayenne Turbo Electric. Иако сите пет автомобили носат Porsche ознака, секој од нив нуди сосема различно искуство.
Ќе започнам од Cayenne S E-Hybrid – и ова не е прв пат да седнам зад воланот на оваа генерација на Cayenne. Cayenne S E-Hybrid е модел кој на најдобар начин покажува во која насока се движи современиот Porsche – комбинација од перформанси, луксуз и електрификација, без притоа да се откаже од карактерот на брендот. Под хаубата се наоѓа 3.0-литарски V6 турбо бензински мотор со 353 коњски сили, кој е комбиниран со електромотор со 176 коњски сили. Вкупната системска моќност изнесува 519 коњски сили, додека максималниот системски вртежен момент достигнува 750 Nm. Електричниот дел од погонот го напојува батерија со капацитет од 25,9 kWh, што овозможува значителен дел од секојдневното возење да се помине само на електрична енергија. Според WLTP, електричниот досег се движи околу 70–77 километри.
Но, она што најмногу ми се допаѓа кај ваквиот Cayenne е начинот на кој Porsche го има интегрирано хибридниот погон. Нема чувство дека возите голем SUV кој постојано се обидува да штеди гориво. Напротив – кога ќе побарате перформанси, 519-те коњски сили се тука веднаш. Од 0 до 100 км/ч му се потребни само 4,7 секунди, а максималната брзина изнесува 263 км/ч. Cayenne S E-Hybrid е токму она што би го очекувал од модерен Porsche SUV – удобен и рафиниран кога треба, но доволно брз и динамичен кога патот ќе стане интересен.
Следниот автомобил за кој ќе зборуваме е новиот Macan GTS, а доколку треба да издвојам нешто кај него, тоа е начинот на кој Porsche успева да го задржи спортскиот карактер на GTS ознаката и покрај тоа што станува збор за целосно електричен автомобил. Macan GTS користи два електромотори и погон на сите четири тркала, а системот развива 571 коњска сила и максималниот вртежен момент достигнува неверојатни 955 Nm. Батеријата има капацитет од 100 kWh, а официјалниот WLTP досег изнесува 586 километри.
Но, бројките се само дел од приказната. Macan GTS е еден од оние автомобили кај кои многу брзо заборавате дека возите SUV. Со забрзување од 0 до 100 км/ч за само 3,8 секунди и максимална брзина од 250 км/ч, перформансите се на ниво кое до пред неколку години би го поврзувале со сериозни спортски автомобили. Она што особено ми се допадна е начинот на кој автомобилот ја пренесува моќноста. Наместо само брутално забрзување, добивате многу прецизен и контролиран автомобил, со одлична стабилност и директно управување. GTS ознаката тука не е само визуелна работа. Macan GTS има спортска воздушна суспензија, пониска поставеност и електронски контролиран заден диференцијал, а сето тоа му дава карактер кој навистина одговара на името.
Од Macan преминуваме во целосно различен свет – Panamera Turbo E-Hybrid. Ако Macan GTS е автомобил кој ве тера да барате свиоци, Panamera Turbo E-Hybrid е автомобил кој покажува дека перформансите и луксузот можат да функционираат совршено заедно. Под хаубата се наоѓа 4.0-литарски V8 битурбо мотор, комбиниран со електромотор интегриран во осумстепениот PDK менувач. Системската моќност изнесува 680 коњски сили, додека максималниот системски вртежен момент достигнува 930 Nm. И тука имаме батерија од 25,9 kWh, која овозможува до 91 километар електричен досег според WLTP.
А потоа доаѓа моментот кога сфаќате колку е сериозна оваа Panamera. Забрзување од 0 до 100 км/ч? Само 3,2 секунди. Максимална брзина? 315 км/ч. И сето тоа во автомобил кој во исто време нуди простор, комфор и ниво на луксуз кое е карактеристично за Panamera. На патот, Panamera Turbo E-Hybrid е неверојатно стабилна и самоуверена. И покрај димензиите и тежината, автомобилот не остава впечаток дека се бори со физиката. Напротив, технологијата работи во позадина и ви овозможува да возите многу брзо, без автомобилот некогаш да делува нервозно.
Но, вистинската причина поради која со нетрпение го очекував овогодишниот Road Tour беше новиот 911 Turbo S. Ова е автомобил кој не бара дополнително објаснување. 911 Turbo S отсекогаш бил врвот на гамата кога станува збор за комбинацијата од перформанси, секојдневна употребливост и технологија, а со генерацијата 992.2 Porsche отиде уште еден чекор понатаму. За првпат Turbo S добива T-Hybrid погонски систем. Во срцето на автомобилот се наоѓа нов 3.6-литарски шестцилиндричен boxer мотор со две електрични турбини. Да, добро прочитавте – две eTurbo единици кои не се тука само за да додаваат моќност, туку и за значително подобра реакција на моторот. Системската моќност изнесува неверојатни 711 коњски сили, додека максималниот вртежен момент е 800 Nm. Хибридниот систем користи компактна 1,9 kWh високонапонска батерија, а електромоторот е интегриран во осумстепениот PDK менувач.
И тогаш доаѓаат бројките, кои се навистина луди. Забрзување од 0 до 100 км/ч за 2,5 секунди и максимална брзина од 322 км/ч. Но, можеби најимпресивниот дел не се самите бројки. Она што го прави 911 Turbo S посебен е фактот што сите тие перформанси се достапни на начин кој е неверојатно лесен за контролирање. Автомобилот е брутално брз, но никогаш не се чувствува како да се обидува да ве исплаши. Напротив – што повеќе го возите, толку повеќе имате доверба во него. T-Hybrid технологијата не го промени карактерот на 911 Turbo S. Го направи уште подобар. И тоа е можеби најголемиот комплимент кој може да му се даде на новиот 992.2.
Ако 911 Turbo S беше автомобилот кој најмногу го очекував, Cayenne Turbo Electric беше оној кој најмногу ме интересираше да го почувствувам во реалност. Причината е едноставна – тешко е да поверувате во бројките сè додека не ги почувствувате. Cayenne Turbo Electric е целосно електричен SUV со два електромотори и погон на сите четири тркала. Новата високонапонска батерија има капацитет од 113 kWh, а максималната моќност со Launch Control достигнува неверојатни 1.156 коњски сили. Максималниот вртежен момент достигнува до 1.500 Nm. Од 0 до 100 км/ч? само 2,5 секунди. Тоа е идентично забрзување како кај новиот 911 Turbo S. Максималната брзина изнесува 260 км/ч, додека официјалниот WLTP досег може да достигне до околу 620 километри.
Но, она што најмногу ме изненади е начинот на кој Porsche успева да ја контролира целата оваа моќност. Кога ќе ја притиснете педалата за гас до крај, Cayenne Turbo Electric не забрзува – тој буквално се катапултира напред. 1.156 коњски сили се бројка која звучи апстрактно на хартија, но во реалноста станува многу јасна уште во првите неколку секунди. Немам почувствуано ни приближно вакво забрзување како тука – и како возач не сте спремни за ова тотално лудо забрзување.
И тука повторно доаѓаме до она што Porsche го прави поинаку од многу други производители. Ова не е само брз електричен SUV. Ова е Porsche. Управувањето, стабилноста, начинот на кој автомобилот ја контролира каросеријата и чувството зад управувачот се она што прави Cayenne Turbo Electric да биде нешто многу повеќе од автомобил со огромна бројка на коњски сили.
Овогодишниот Porsche Road Tour ми покажа нешто што всушност е многу тешко да се постигне. Пет целосно различни автомобили, plug-in хибриден SUV, електричен SUV, луксузен plug-in хибриден спортски седан, врвен спортски автомобил и целосно електричен SUV со повеќе од 1.100 коњски сили. А сепак, во секој од нив постои речиси слично чувство. И токму затоа Porsche успева толку добро да ја прифати електрификацијата без да го изгуби својот идентитет. Cayenne Turbo Electric покажува колку брза може да биде електричната иднина. 911 Turbo S покажува дека хибридизацијата не мора да значи губење на карактерот.
Porsche очигледно влегува во нова електрифицирана ера, но сè уште знае што е она што го прави Porsche – Porsche.




































