Stellantis ја претстави новата Smart Compact Van гама на комерцијално возила 

Stellantis Pro One ја проширува својата понуда на компактни комерцијални возила со новата Smart Compact Van верзија, развиена врз основа на реалните потреби на професионалните корисници.

Новиот Smart Compact Van е надополнување на постојната Compact Van гама, која е најпродаваната во рамки на Stellantis на глобално ниво и лидер на европскиот пазар со удел од 48,2%. Возилото ќе биде достапно како Citroën Berlingo Van FIRST, Fiat Professional Doblo EasyPRO, Opel Combo START и Peugeot Partner ACTIVE.

Екстериерот добива нов, поизразен и поцврст преден браник за подобра заштита при секојдневна употреба, додека ентериерот е целосно редизајниран со фокус на ергономијата, практичноста и подобро искористување на просторот.

Анализите на Stellantis покажале дека професионалните возачи поминуваат околу 90% од работното време сами во возилото, а дури 40% од клиентите немаат потреба од конфигурација со три седишта. Токму затоа е развиен новиот Flexiseat систем – модуларно совозачко седиште кое може да се преклопи и да обезбеди дополнителни 0,5 m³ товарен простор.

Дополнително, Flexiseat може да се надгради со опционалниот Modutable систем, кој овозможува седиштето да се трансформира во практична работна маса или простор за оброк, претворајќи го возилото во вистинска мобилна канцеларија. Оваа опција може да се додаде во било кој период од животниот век на возилото.

Меѓу останатите иновативни решенија се:

  • Moduconsole – централна конзола која лесно се демонтира и може да се користи за складирање на алат, документи, таблет или телефон;
  • Dashbox – дополнителни затворени прегради за складирање во инструмент таблата;
  • Drivedrawer – практична фиока под седиштето за лаптоп, таблет или документи;
  • Moduwork – конфигурација со три седишта која овозможува превоз на дополнителен патник или транспорт на подолги предмети;
  • 220V приклучок за напојување на лаптопи, таблети и други уреди.

Новиот модел ги задржува истите практични димензии како и актуелната генерација, со две должини на каросерија, носивост од 750 kg до 1 тон и товарен простор од 3,3 до 4,4 m³.

Во поглед на моторизацијата, Stellantis применува мулти-енергетска стратегија. Во понудата ќе биде вклучена нова 100% електрична верзија со автономија до 270 километри, што ја позиционира меѓу најдобрите во сегментот. Дополнително ќе бидат достапни два дизел мотори и еден бензински мотор со мануелен менувач, а од следната година и mild-hybrid верзија.

Една од најголемите предности на Smart Compact Van е неговата конкурентна цена. Новата верзија ќе биде позиционирана под останатите модели во гамата, и кај електричните и кај верзиите со мотор со внатрешно согорување, со што ќе претставува атрактивно решение за мали и средни компании, флоти и нови бизниси.

Со комбинација од практичност, флексибилност, модерни технологии и ниски оперативни трошоци, новиот Smart Compact Van е создаден да одговори на секојдневните предизвици на професионалните корисници и да ја зацврсти лидерската позиција на Stellantis во сегментот на лесни комерцијални возила.