Официјално доделени наградите за Златно Тркало 2024!

На официјален настан беа свечено доделени наградите од јубилејното петто издание на Изборот за Најпосакуван Автомобил во Македонија – „Златно Тркало“.

Златно Тркало претставува уникатен начин за избор на најпосакуваниот автомобил кај нас, преку гласање на целата јавност во Македонија која има пристап до интернет и социјалните мрежи. Целиот избор започна кон крајот на минатата годината, по што се формираше листата со финалист за гласање оваа година. 

Овогодинешното издание покрај тоа што беше јубилејно, беше и навистина големо. Вкупно 14 автомобили се натпреваруваа во 5 различни категории, а по бројните гласања токму публиката ги одбра победниците. Исто така, оваа година имаше навистина голем број на гласови, поточно нешто повеќе од 21.000 гласови!

Оваа година повторно го доделивме и признанието кое го даваме на македонци кои оставаат траг во автомобилската индустрија ширум светот. Оваа година добитник на признанието е Томе Јованоски, македонец кој е Exterior Chief Designer во Jeep и кој веќе со години ја остава својата трага во автомобилската индустрија. Томе не можеше да присуствува, но тој не поздрави нас и гостите преку видео.

Во категоријата Најпосакуван градски автомобил со 47.53 проценти од гласовите е избрана Opel Corsa, а наградата ја прими господинот Драган Јовев –бренд менаџер за Opel Македонија.

Во категоријата Најпосакуван електрифициран автомобил со 31.22 проценти од гласовите е избран Volkswagen ID.7, а наградата ја прими господинот Александар Цветковски – бренд менаџер за Volkswagen Македонија

Во категоријата Најпосакуван семеен автомобил со 29.49 проценти од гласовите е избрана Mazda CX-60, а наградата ја прими господинот Жарир Филип Хамдан -главен директор на Стар Моторс,  Mazda Македонија.

Во категоријата Најпосакуван премиум автомобил со 46.20 проценти од гласовите е избран Audi Q8, а наградата ја прими Г-ѓа Весна Бошнаковска – бренд менаџер за Audi Македонија

И конечно, главната награда – признанието за Најпосакуван Нов Автомобил во Македонија, оди кај новата Porsche Panamera. Со освоени 39.90 проценти од дадените гласови. Наградата ја прими господинот Винко Марашевиќ – бренд менаџер за Porsche Македонија. 

Изборот Златно Тркало e организиран во соработка со нашите колеги од Автоплус, CarClub.mk и RPM.mk. Кон крајот на секоја година формираме листа на нови автомобили кои се пристигнати на нашиот пазар во период од една година и потоа на листата на гласање се наоѓаат модели кои овластените импортери ќе ги номинираат. Кога ќе започне гласањето, токму вие – нашата публика ги одбирате победниците. Со доделување на наградите, официјално заврши овогодинешниот циклус, а веќе од денес започнува следниот циклус каде повторно, заедно со вас – ќе ги избираме најпосакуваните автомобили во Македонија.