Alpine A110 GT пристигна во салонот на Automotive Group!

Во салонот на Automotive Group пристигна можеби и еден од најинтересните автомобили во последниве неколку години – наменет за вистинските љубители на возењето. Поточно, станува збор за спортскиот Alpine A110 GT. Од лансирањето во 2017 година, A110 стана вистински хит меѓу автомобилските ентузијасти. Alpine успеа да направи навистина перфектен спортски автомобил кој користи многу технологии од F1. 

Alpine A110 е достапен во неколку различни верзии, па купувачите можат да одберат верзија што највеќе им одговара на потребите. Конкретниот примерок кој е пристигнат тука е A110 GT верзијата, односно „златната средина“. Оваа верзија е „Grand Tourisme“ спортско купе во гамата, средишно поставениот мотор во комбинација со „Alpine“ шасијата постигнува перфектен баланс помеѓу перформансите и удобноста. Тешко е да се најде автомобил кој е толку разновиден и елегантен. Ова е спортски автомобил за секојдневна употреба, како и за возење на подолги релации.

Срцето на A110 GT е 1.8-литарскиот турбо-бензинец – познат од последната генерација на Renault Megane R.S. Во конкретниов случај испорачува 300 коњски сили и 340 Nm вртежен момент достапен од 2400 до 600 вртежи во минута. Силата се испраќа кон задните тркала преку 7-степен DCT автоматски менувач. Благодарение на тежината од само 1140 килограми, A110 GT од 0 до 100 километри на час забрзува за импресивни 4.2 секунди и има максимална брзина од 250 километри на час.

Внатрешноста на Alpine A110 GT е минималистичка и со максимален спортски стил, каде што сѐ е ориентирано кон возачот. Седењето е навистина ниско – како што и треба да биде за еден вистински спортски автомобил. Пред возачот е дигитална инструмент табла, додека на централниот дел е сместен екранот за инфозабавниот систем. Во долниот дел на централната конзола се наоѓаат и неколку физички копчиња за најважните функции – како што се копчиња за автоматскиот менувач, за стартување на моторот, клима уредот и така натаму. Посебно внимание заслужуваат одличните Sabelt bucket седишта кои многу добро ве „гушкаат“ и придонесуваат за зголемено спортско чувство.

Спортската шасија вклучува специјално дизајнира суспензија за оваа GT верзија, спортски издувен систем (има фантастичен звук), Brembo High Performance сопирачки со дискови од 320 милиметри и лесни 18-инчни бандажи обвиени во Michelin Pilot Sport 4 пневматици.

Alpine A110 важи за еден од најдобрите спортски автомобили со средишно поставен мотор, а во „тесна“ конкуренција е и со Porsche Cayman. Ваквите автомобили веќе стануваат реткост и со оглед на големата транзиција кон целосно електрични автомобили, јасно е дека за многу кратко време и овој модел ќе оди „во пензија“…