Новиот електричен Mercedes-Benz EQE SUV пристигна во салонот на Мак АутоСтар 

Во салонот на Мак АутоСтар пристигна новиот Mercedes-Benz EQE SUV – ова е првиот целосно електричен Mercedes што пристигнал на Македонскиот пазар. Mercedes има веќе широка понуда на EQ модели во своето портфолио, а EQE SUV е модел базиран на поголемиот EQS SUV или едноставно попрактична верзија од EQE седан. 

Како и седанот EQS, SUV EQS и седанот EQE, така и EQE SUV е изграден на специјалната електрична платформа EVA2, која нуди голем број на предности. Но, да почнеме со димензиите. Теренецот EQE има должина од 4863 мм, ширина од 1940 мм и висина од 1686 мм, што го прави 132 мм пократок и 11 мм потесен од седанот. Меѓуоскиното растојание со вредност од 3030 мм е за 90 мм пократко од седанот.

Сепак, благодарение на пократкото меѓуоскино растојание, новиот SUV би требало да биде поагилен, како што тврди производителот. Вреди да се нагласи дека сепак автомобилот тежи околу 2.600 килограми. Внатрешноста на електричниот теренец традиционално нуди доволно простор за екипажот, багажникот стандардно нуди 520 литри и до 1675 литри кога задните седишта се преклопени.

Mercedes EQE SUV не изненадува со својот изглед бидејќи целото EQ семејство станува се повеќе визуелно обединето, иако тоа е особено видливо кај врвните модели. Автомобилите базирани на платформата EVA2 споделуваат многу карактеристики и компоненти, што го олеснува производството и создава конзистентност на линијата. На прв поглед, новиот Mercedes EQE SUV изгледа речиси идентично како и EQS SUV. Разликата помеѓу овие автомобили можеби бара концентрација и внимание, бидејќи не само предната, туку и страничната линија и задниот дел се речиси исти. Тркалезната форма и минималистичкиот изглед се наменети да се вклопат во трендовите на пазарот. 

EQE SUV импресионира со својата ултра модерна кабина. Како и кај другите нови модели на брендот, така и тука се добива Hyperscreen концептот кој вклучува вкупно три екрани – еден за возачот, еден за инфозабавниот систем и уште еден за совозачот. Дополнително, моделот е достапен и со специјално дотеран Dolby Atmos аудио систем, како и филтрација на воздухот со HEPA филтер. 

Во однос на технолошката опрема, EQE SUV ги добива сите најнови и најнапредни системи. Тука може да се споменат системите како што се Intelligent Park Pilot или поддршката за „remote“ ажурирања. Системот за навигација исто така може да пресмета маршрута со соодветни застанувања, преку напредни асистенти за возење или Eco Assistant, кој ја прилагодува регенерацијата во зависност од околниот сообраќај и овозможува непречено возење на автомобилот со практично само една педала. Вреди да се споменат и опционалните Digital Light LED фарови, кои можат да проектираат различни симболи директно на патот. А тука е и опцијата за проширен опсег на звуци за да се постави вистинска атмосфера во кабината. 

Во однос на погонските верзии, достапни се вкупно пет варијанти. Основата е моделот EQE SUV 350+  со погон само на задните тркала, кој нуди моќност од 292 коњски сили и 565 Nm вртежен момент. Досегот со полна батерија изнесува помеѓу 480 и 590 километри според WLTP, што е максимум за овој модел. Помоќниот EQE 350 4Matic со погон на сите тркала нуди иста моќност, но максималниот вртежен момент е зголемен на 765 Nm, додека досегот изнесува помеѓу 459 и 558 километри. Врвната верзија надвор од AMG опсегот, EQE 500 4Matic нуди најголема моќност од 408 коњски сили и вртежен момент до 858 Nm. Досегот со полна батерија тука изнесува од 460 до 547 километри.

Спортските AMG верзии се достапни во две варијанти. AMG EQE 43 4Matic нуди комбинирана моќност од 476 коњски сили и 858 Nm вртежен момент. Електричниот SUV забрзува до 100 км/ч за 4,3 секунди и може да достигне максимална брзина од 210 км/ч. Најмоќниот EQE 53 4Matic+ добива специфични AMG електромотори со голем број технички модификации и посебен систем за ладење, кои ја носат играта на сосема поинакво ниво. Врвниот мотор нуди комбинирана моќност од 626 коњски сили и вртежен момент до 950 Nm. Меѓутоа, со опционалниот AMG Dynamic Plus пакет, моќноста (во зависност од полнењето и температурата) се зголемува на 687 коњски сили и вртежен момент од 1.000 Nm. AMG EQE SUV на тој начин освојува 100 км/ч за 3,5 секунди и забрзува до 240 км/ч.

Сите верзии на SUV моделот EQE користат батерија со капацитет од 90,6 kWh. Досегот на послабата верзија AMG EQE 43 се движи од 431 до 488 километри според WLTP, но за верзијата 53 опсегот е намален од 375 до 470 километри според WLTP.

EQE SUV нуди брзо полнење со моќност до 170 kW, благодарение на што и 15 минути на полнач би требало да бидат доволни за да се добие автономија до 220 километри. Полнењето од 10 до 80% потоа треба да трае околу 32 минути. Кога се полни на домашен штекер, на батеријата и се потребни околу 9,5 часа за да се наполни од 10 до 100%. 

Во однос на шасијата, вреди да се истакне и опционалната можност за управување со задните тркала, како и можноста за исклучување на предниот електричен мотор кај моделите со погон на сите тркала, благодарение на што автомобилот може да заштеди енергија. Во исто време, понудата на електричниот SUV помалку или повеќе ја копира понудата на седанот. 

Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Мак Аутостар.