ВОЗЕВ: Off-Road авантура со дел од гамата на SsangYong

Аутомакедонија, застапникот за брендот SsangYong  во Македонија организираше една доста интересна off-road тура со дел од гамата на брендот. Оваа тура беше наменета за подобра да се запознаеме со можностите што ги нудат автомобилите надвор од асфалтираниот пат. SsangYong има големо искуство во правење на врвни автомобили кога станува збор за теренски способности, па затоа и очекувањата беа доста големи. 

Инаку, брендот SsangYong во последните неколку години успеа да стекне навистина голема популарност, а тоа важи и за македонскиот пазар. Сето тоа е благодарение на најновите генерации на модели кои имаат „европски“ дизајн, богата опрема и нудат навистина добра вредност за парите. На оваа тура, на располагање имавме Korando во неколку различни верзии – односно, основна верзија со 1.5-литарски  T-GDi турбо бензински мотор со 163 коњски сили, мануелен менувач и погон само на предните тркала, како и поопремена верзија со истиот овој мотор, но со автоматски менувач и AWD погон на сите четири тркала. Премиерно имав можност да го возам и новиот целосно електричен Korando e-Motion, кој успеа доста позитивно да ме изненади – и во однос на возни карактеристики и во однос на реалниот досег кој може да го помине. Дополнително, ваква off-road тура не може да помине и без големиот pick-up модел Grand Musso. 

Патувањето го започнуваме од Скопје од главниот салон на Аутомакедонија, прв на ред за возење е Korando во основната верзија со мануелен менувач и погон на предните тркала. Korando не е непознат модел за мене, пред неколку години на тест имав примерок во иста ваква конфигурација. Уште тогаш импресиите кои ми ги остави овој автомобил беа позитивни, а сега, неколку години подоцна истото тоа и се потврдува. Korando вози многу рафинирано и има одлична звучна изолација на автопат. Моторот работи совршено и нуди сосема солидни перформанси, а мануелниот менувач е лесен и убав за користење. 

На следната промена, седнувам на задните седишта во Grand Musso и следните километри се возење на автопат. Ваквите pick-up модели се познати по тоа што патувањето на задните седишта, особено на автопат не е баш најудобно и знае да биде изморувачки. Но, после само неколку километри, сфаќам дека ова е еден од поудобните модели во класата. Просторот на задната клупа е и повеќе од задоволителен, седиштата се удобни и добро профилирани – и не би имал навистина никаков проблем да патувам неколку стотици километри тука. Сепак, она што изненадува највеќе е тишината и рафинираноста на брзини од 130-140 км/ч. Воопшто не се чувствувате дека возите волку голем автомобил кој има должина од преку 5 метри и не толку аеродинамично тело. Со последното освежување, SsangYong успеале да го доведат Musso до совршенство. Ваквите автомобили порано служеа само за работа и најчесто беа купувани од фирмите, но Musso докажува дека овој автомобил може без никаков проблем да го користите и за секојднева употреба, како и за подолги патувања. 

Крајната дестинација е Барово, винска локација на Тиквеш – прекрасно место кое се наоѓа на само неколку километри од Кавадарци. Пред да стигнеме во Кавадарци, застануваме за уште една промена, а сега јас се префрлам зад воланот на Musso. Конкретниот примерок е основната верзија, но со неколку ставки од дополнителната опрема. Во однос на моторот, Musso е достапен исклучиво со еден мотор, а станува збор за 2.2-литарски e-XDi четирицилиндричен дизел кој испорачува 202 коњски сили и 441 Nm вртежен момент. Тука, моторот е спарен со 6-степен мануелен менувач, а како опција може да одберете и верзија со автоматски менувач. Чувството зад воланот е уште подобро и поимпресивно, Musso се вози како најнормален патнички SUV модел, а интересна е леснотијата со која може да го маневрирате автомобилот. Пристигнуваме во Кавадарци, а патот од тука до нашата крајна дестинација во Барово е полн со свиоци и угорнини. Моќноста на моторот се покажа како добра во вакви услови, но сепак за да го извлечете максимумот треба постојано да си „играте“ со мануелниот менувач. Како возам низ острите свиоци сфаќам уште една добра работа за  Musso, а тоа е одличниот баланс кој го нуди во свиоци. Да, понагласеното навалување кај автомобил со оваа големина и тежина е неизбежно, но инженерите успеале многу добро да го „испеглаат“ сето тоа. А на ваков пат, во 2WD режимот може и малку да се забавувате ( 😉 ).  

Полека, пристигнуваме во Барово, а по кратката пауза за одмор и да се напиеме „по една“ вода (бидејќи вино и возење не е баш најдобрата комбинација) продолжуваме со активностите – поточно, најинтересниот дел за оваа тура,  екстремното off-road возење низ планината. Тргнувам со AWD верзијата на Korando, првиот дел од патот се стрмни угорнини кои Korando ги поминува без никакво мачење. Потоа, следи дел со огромни камења и многу нерамен терен, повторно и во овие услови AWD погонот работи беспрекорно и многу лесно го поминуваме и овој дел. На крајот, следи дел од патот кој е со густа и длабока кал – го заклучувам диференцијалот и повторно Korando ја преминува и оваа препрека без никакво мачење. Моќноста на турбо-бензинецот се покажа како сосема доволна и за вакви услови надвор од асфалтираниот пат, а дополнително на тоа и менувачот е добро усогласен со моторот, па пренесувањето на силата е непречено. Доколку често возите по вакви off-road патишта или пак одите на зимување каде има премногу снег, оваа верзија на Korando со AWD погон е идеална за вас. 

Каков е Musso на овој екстремен off-road пат? Па, ако Korando без никаков проблем ги помина сите овие препреки, Musso е уште подобар и апсулотно без никакво „замарање“ се вози во вакви услови. Навистина, тука се покажа најдобрата страна на Musso и всушност ова е „домот“ на овој автомобил. Благодарение на одличната шасија, клиренсот од подлогата кој изнесува 215 мм, аголот на пристапување од 25 степени и аголот на заминување од 20 степени овозможуваат релативно непречено возење. Изборот на 4×4 погонот е лесен со стандардните 2H, 4H и 4L режими, а се менуваат преку тркалце поставено покрај менувачот. Системот 4×4 е типичен и практичен што е знак дека ќе го направи она што се очекува и ќе биде лесен за ракување.

Musso е опремен и со заклучувачки заден диференцијал, но сето тоа се одвива автоматски, вие како возач рачно не може да го контролирате – и тоа е една од ретките мани на овој модел. Сепак, на овој систем потребна му е само една секунда за да сфати дека е на малку потежок терен и дека треба да го заклучи задниот диференцијал. Дополнително на ова, електронската контрола на тракцијата работи одлично. Што се однесува до перформансите и моќноста на моторот, и во вакви теренски услови 2.2-литарскиот дизел се покажа како доста солиден и доволен за да ве извлече од различните off-road препреки и највеќе до израз доаѓа вртежниот момент од 441 Nm кој е достапен од 1600 до 2600 вртежи во минута. 

Време е да тргнуваме назад накај Скопје, а овој пат јас сум во електричниот Korando e-Motion. Всушност, оваа електрична верзија на Korando е првиот целосно електричен (BEV) автомобил на брендот SsangYong. Платформата тука е иста како и кај верзиите со мотор со внатрешно согорување, но секако направени се и неколку промени. Korando e-Motion користи батерија од 61.5 kWh и еден електромотор кој ги придвижува предните тркала. Моќноста изнесува 190 коњски сили и 360 Nm, како и доста солидно забрзување од 0 до 100 км/ч за 7.9 секунди – максималната брзина е ограничена на 156 км/ч. Првите впечатоци од Korando e-Motion се главно позитивни, електричниот погон убаво е усогласен со автомобилот и нуди навистина добри возни карактеристики. Како и со секој електричен автомобил, во кабината преовладува тишина, а дури и на автопатски брзини од 130 км/ч кабината останува тивка и без пренагласена аеродинамична бучава. 

Она што највеќе изненади кај овој модел е реалниот досег со полна батерија – според официјалните податоци, Korando e-Motion нуди досег од 339 километри. При тргнување од Скопје, автомобилот имаше околу 95% полна батерија, а до крајната дестинација во Барово, во еден правец има 130 километри. Тоа значи дека вкупно со овој автомобил поминавме нешто над 260 километри, а кога пристигнавме назад пред салонот на Аутомакедонија пишување дека има досег за уште 10 километри. Притоа, во автомобилот цело време беше уклучен клима-уредот „на максимум“, ладење на седишта и воопшто не беше штеден во возење – а во вакви услови, каде што и голем дел од километрите беа на автопат, реален досег од 300 километри е навистина за пофалба. 

Korando e-Motion наскоро ќе пристигне и на стандарден неколкудневен тест, па тогаш пообемно ќе можам да ги пренесам импресиите од овој електричен автомобил.