ТЕСТ: Jeep Compass S 1.5 e-Hybrid DCT7

Спојувањето на два света е секогаш предизвик. Покрај тоа, постои ризик од прекомплицирање или недоволно добро работење. Во случајот со овој американски модел, сепак е успеано да се создаде мешавина што може да ги исполни очекувањата на голем број клиенти.

Jeep Compass e-Hybrid е уште еден интересен модел во компактниот SUV сегмент. Од една страна, имаме добро познат модел, а од друга страна – целосно нов погонски систем кој ги задоволува најновите стандарди, а во исто време не го принудува корисникот на дополнителна работа. 

Jeep неодамна и темелно го освежи моделот Compass, па освен новиот погон, очигледни промени има и на надворешниот изглед, како и во внатрешноста. Па ајде накратко за промени на надворешноста. Најголемата разлика во однос на претходникот тука е предниот дел кој добива редизајнирано лице. Нов е браникот, маската е со седум вертикални линии, а нови се и LED фаровите – стандардни кај секоја верзија. Профилот не претрпе никакви промени, освен неколку нови дизајни за бандажите. На задниот дел, промените се посуптилни, па може да се забележат LED светлата кои сега се со нова графика и малку редизајнираниот заден браник. Ништо револуционерно, но сепак доволно да го направи Compass да изгледа свежо и атрактивно во огромната конкуренција. 

Конкретно тестираниот е во врвната S верзија, а освен што тоа значи дека добива „еден куп“ стандардна опрема, исто така значи и дека има различен, поспортски изглед во однос на другите верзии. Првата работа што веднаш ќе ја приметите е тоа дека сите пластики што означуваат „off-road“ стил – околу тркалата, страничните прагови, долниот дел на предниот и задниот браник се во боја на каросеријата. Тука се и 19-инчните алуминиумски бандажи во црна боја, како и ретровизорите и покривот кој доаѓаат во црна боја. А и оваа бело-црна комбинација на тест примерокот изгледа навистина интересно и привлечно. 

Приказната во внатрешноста е сосема различна – промените што ги направи Jeep тука се многу поголеми и позначајни. Ентериерот е модерен, но не е претерано со одредени работи. Пред фејслифт моделот веќе изгледаше старо и не толку интересно, па со оваа фејслифт верзија брендот се фокусирал да ги подобро сите работи што беа критикувани. 

Кабината доби целосно нов распоред и нов дизајн. Цела контролна табла е променетаи отворите за вентилација сега се хоризонтално ориентирани. Ми се допаѓа тоа што и покрај цела дигитализација, класичните физички копчиња се во голема мера задржани и уште е присутен оној „user-friendly“ сетап. Во долниот дел од централната конзола се наоѓаат копчиња и тркалца за контролирање на клима уредот, како и за јачината на звукот. А тука ќе искористам и да го пофалам одличниот Alpine аудио систем со кој беше опремен тест примерокот. Исто така, заборавате на материјалите од претходните верзии, новиот фејслифт Compass има далеку подобро и поквалитетни материја во кабината.

Погоре спомнав дигитализација, а тоа се однесува на новата целосно дигитална инструмент табла и новиот инфозабавен екран. Дигиталната инструмент табла пред возачот нуди многу различни прикази и навистина може да ја конфигурирате по ваш вкус, а ако не сакате да се занимавате со тоа може да одберете од веќе постоечките теми. Информациите се јасно прикажани и графиката е одлична. На централната конзола, инфозабавниот UConnect систем добива и поголем 10.1-инчен екран кој е лесен „за очите“ и лесен за ракување. До основните функции се пристапува преку малите икони на допир во долниот дел од екранот. Поставките за системите за помош на возачот и нивната чувствителност може да се најдат во јасна листа веднаш во менито. Овие контроли нема да изненадат ниту поконзервативен возач, па дури и да не сте љубител на модерната дигитална технологија тука ќе се снајдете без поголеми проблеми.

Предните седишта се доста комфорни и нудат широк опсег на поставки, па така секој возач ќе може лесно да ја најде својата идеална возачка позиција. Нема да се бунат ниту патниците на задните седишта бидејќи просторот е навистина импресивен. Дополнително, за тие на задните седишта има USB-A и USB-C портови, како и отвори за вентилација и штекер од 230V.

Багажникот во стандардната конфигурација нуди капацитет од 424 литри. Ова не е рекорден простор за класата, но е сосема доволен за да ги собере сите куфери и работи на едно четиричлено семејство. Со преклопување на вториот ред, капацитетот се зголемува на 1.270 литри. Просторот инаку е во правилна форма и лесно може да се ставаат и вадат потешки и поголеми работи. Конкретниот примерок е опремен и со електрично затворање и отворање на вратата од багажникот – и обично кај 99% од автомобилите опремени со оваа опција, копчето за затворање се наоѓа на вратата од багажникот. Епа Jeep Compass не е во тие 99% и тука тоа копче е поставено од левата страна внатре во багажникот – малку чудно, но брзо се навикнувате. 

Ајде сега за главната работа кај овој автомобил, односно погонот. Овој целосно нов систем се состои од нов мотор со внатрешно согорување, комбиниран со mild-hybrid систем, мала батерија и менувач развиен од нула. Како функционира овој погон? Главниот збор овде го има 1.5-литарскиот GSE четирицилиндричен бензински мотор. Генерира прилично скромни 130 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 240 Nm достапни од 1500 вртежи во минута. Поддржан е од 48-волтен хибриден систем кој испорачува дополнителни 20 коњски сили и 55 Nm вртежен момент. Енергијата се складира во батерија од 0,8 kWh, а силата се испраќа до предните тркала преку седумстепен автоматски менувач со двојна спојка. Сето ова, овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за рамно 10 секунди и може да постигне максимална брзина од 193 км/ч.

На хартија, сè ова изгледа ветувачко и позитивно изненадувачки е и првиот контакт со новиот погонски систем. Jeep Compass e-Hybrid стартува на струја и може да помине одредено растојание придвижуван само од електромоторот и покрај малата батерија. Клучот за ова е ефективен систем за рекуперација на енергијата. Рекуперацијата работи многу ефикасно и доста брзо ја полни батеријата. Имам мали забелешки за работата на менувачот, подинамичното тргнување (на пример, кога треба да се приклучите на некоја улица) бара одредена пракса. Погонскиот систем има значително доцнење во работата. Кога ќе ја притиснете педалата за гас посилно, автомобилот има мало „грчење“ и по некое време повлекува напред. Споменатото грчење и сецкање се случува не само при динамично возење. Дури и при мирно нормално возење, палењето на бензинскиот моторот предизвикува мали вибрации во кабината. 

Добрата работа на овој погон е мирното возење во град бидејќи во такви услови главно се користи електромоторот за придвижување на автомобилот и само на струја може да се движи до околу 40 км/ч – но мора да бидете многу внимателни со педалата за гас за да не го разбудите бензинецот. Во однос на вкупните перформанси, 130 коњски сили не звучат како многу и перформансите не се кој знае какви, но сосема добро го придвижуваат автомобилот. 

Потрошувачката на гориво е исто една од појаките страни на овој погон, во градски услови со најнормално возење измерив просечна потрошувачка која се движеше од 6.5 до 7 литри на 100 изминати километри. Ако сте уште повнимателни со десната нога, многу лесно ќе може да се намали оваа бројка. На автопат, со возење според ограничувањата потрошувачката е околу 8 литри. 

Во однос на возните карактеристики Compass си останува ист како и претходно, а тоа значи дека ова е автомобил кој е повеќе наменет за возачи со релаксиран стил на возење. Compass е автомобил кој не е голем љубител на брзо и динамично возење, иако многу добро се однесува во такви ситуации. Навалувањето во свиоци е минимално и ја имате онаа сигурност зад воланот. Кога сме кај воланот, тој е супер лесен и прецизен за маневрирање, но не очекувајте никакви повратни информации од подлогата. Во градски услови, Compass е навистина лесен за возење, а и покрај 19-инчните бандажи кои ги има тест примерокот, сосема успешно ги филтрира сите дупки и нерамнини без да се пренесуваат вибрации и удари во кабината. За пофалба е и прегледноста, а дополнително тест примерокот е опремен и со систем камери од 360 степени што уште повеќе го олеснуваат паркирањето и возењето во тесни места. На автопат, Compass се однесува доста коректно и има многу добра звучна изолација, па кабината е релативно тивка со што долгите патувања ќе ги поминувате релаксирано и многу удобно.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Цената на тестираниот модел Jeep Compass S 1.5 e-Hybrid DCT7 изнесува 47.500 евра.

Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Jeep. 

ЗАКЛУЧОК
Jeep Compass e-Hybrid е добар избор за некој кој сака да ужива во mild-hybrid погонски систем со некои од придобивките на plug-in хибрид. Во градски услови се покажува како неверојатно економичен автомобил. Удобноста, стилот и практичноста ја комплетираат сложувалката за севкупно атрактивен пакет.
Економичен погонски систем
Практичност
Одлична ергономија во кабината
Богата стандардна опрема
Работата на менувачот и бензинскиот мотор не е совршено усогласена
Просечен багажен простор
4