Вчеравечер на ексклузивен настан, BMW Македонија премиерно ја прикажа целосно новата генерација на луксузната Серија 7, а главното изненадување на настанот беше и новиот екстравагантет BMW XM!
Новата генерација на Серија 7 пристигнува со целосна техничка револуција во однос на претходниот модел. Исто така, за прв пат до сега добиваме и целосно електрична верзија, наречена i7. Моделот кој беше претставен е електричната i7 верзија. Новата „G70“ генерација на Серија 7 е изградена на модифицирана верзија на „CLAR“ (cluster architecture) на BMW, приспособлива платформа која овозможува автомобилот да се произведува со конвенционални мотори со внатрешно согорување, plug-in хибридни верзии и целосно електричен i7. Новиот модел е подолг за 130 мм од моделот што го заменува и има должина од 5.391 мм, исто така е поширок за 48 mm и повисок за 51 mm. Додека меѓуоскиното растојание е зголемено само за 5 мм.
Што се однесува до надворешниот дизајн, тој е доста поларизички, а ова не е нешто не очекувано од BMW. На предниот дел вниманието оди кон огромните „бубрези“, кои сега се и осветлени. Исто така, несекојдневен дизајн се и фаровите кои се поделени на два дела. Од BMW велат дека овој дизајнерски јазик е резервиран само за нивните „flagship“ автомобили. Во контраст со драматичниот преден дел се некои посуптилно дизајнирани страни на кои им недостасува изобилството на линии и набори што се гледаат на теренецот iX.
Она што е уникатно кај овој автомобил и кое што едноставно ве остава „без здив“ е внатрешноста. Главната карактеристика внатре е на задните седишта, односно опционалниот 8K 31.3-инчен екран „BMW Theatre Screen“ што се преклопува од покривот, напојуван од истиот софтвер како и Fire таблетите на Amazon. Исто така, на списокот со опции се наоѓа и Bowers & Wilkins Diamond аудио систем со 36 звучници и 1.965-вати.
i7 е првиот целосно електричен автомобил на BMW во оваа класа. Како и конвенционалната Серија 7, поставен е на истата CLAR платформа и надворешниот дизајн е скоро идентичен со тој автомобил, но секако има минимални детали и елементи кои означуваат дека станува збор за електричен автомобил.
i7 ја носи ознаката xDrive60 – оваа верзија користи два електро мотори – по еден за секоја оска и испорачува вкупна системска моќност од 544 коњски сили и 745 Nm вртежен момент. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 4.7 секунди, додека максималната брзина изнесува 240 км/ч. Батериите од 101,7 kWh се сместени под подот. Што се однесува до опсегот, i7 xDrive60 со полна батерија може да помине до 590 километри (според WLTP). Кога станува збор за полнењето, истото може да се одвива со максимален капацитет од 195 kW, што според BMW може да наполни 130 километри за само 10 минути.
Главното изненадување на вечерта секако беше целосно новиот BMW XM – ова е и еден од автомобилите кој ја прославува 50-годишнината на BMW M! BMW XM е на врвот во понудата на брендот и воедно првиот оригинален BMW M модел по фантастичниот BMW M1 и воедно прв спортски SUV автомобил кој доаѓа со електрифициран погонски систем.
Погонскиот M HYBRID систем кај BMW XM испорачува вкупна моќност од 653 коњски сили (генерирана од комбинација на мотор со внатрешно согорување со 489 коњски сили и електричен погонски систем со 197 коњски сили). Основата е ново развиен V8 мотор со врвна M TwinPower Turbo технологија. Моторот со осум цилиндри во својата задача е потпомогнат од електричен мотор интегриран во осум-брзинскиот M Steptronic менувач. Погонскиот M HYBRID систем произведува максимален вртежен момент од 800 Nm во комбинација со електричниот мотор кој развива 280 Nm – Од 0 до 100 км/ч забрзува за само 4.3 секунди. Со полна батерија XM може да помине од 82 до 88 километри, според WLTP тестирањата. Ова е благодарение на високонапонската литиум-јонска батерија поставена во долниот дел на автомобилот што е со капацитет од 25,7 kWh.
Надворешниот дизајн на BMW XM е изјава за ексклузивност, присуство и перформанси. Пропорциите на модерен SAV, моќните контури, динамично растегната силуета, типичните знаци на M дизајнот, преработената интерпретација на изгледот на предниот дел создаден за моделите од луксузниот сегмент на BMW и мноштвото карактеристични акценти му даваат на XM единствена екстровертна аура. Профилот кој е со акцентна лента во златна боја потсетува на црната лента што се протега по телото на BMW M1. Дополнителни детали што потсетуваат на минатото доаѓаат во форма на логото на BMW врежани во рамното задно стакло и впечатливата структура со решетки на скулптуралните задни светла.
Експресивниот стил на надворешниот дизајн на BMW XM продолжува и во кабината. Кокпитот и предните седишта се целосно дизајнирани околу активно возење. Стандардната спецификација вклучува M мултифункционални седишта и M кожен волан специфичен за моделот.
Чувство на простор, висококвалитетни материјали и екстравагантен дизајн го трансформираат задниот дел на BMW XM во ексклузивен M Lounge. Загреаните потпирачи за грб што се протегаат на задниот простор и специјално дизајнираните перничиња им нудат на патниците луксузни нивоа на удобност. Скулптурниот покрив е прилично уникатен со својата тродимензионална призма структура и 100 LED единици за осветлување. Има избор од четири различни облоги за прилагодување на внатрешноста, како и нова Vintage кожа за горните делови на таблата со инструменти и панелите на вратите.
































