BMW ја претстави новата освежена Серија 3 и Серија 3 Touring – воведувајќи нов надворешен дизајн, ревидиран ентериер и најнова технологија за најпродаваниот модел на германската марка.
Со своите јасно структурирани површини, динамични линии и големи доводи за воздух, предниот дел додава уште поголем акцент на спортскиот изглед на новите Серија 3 и Серија 3 Touring. Редизајнираните фарови и „бубрезите“, исто така, му даваат силно визуелно присуство на автомобилот. Стандардните целосно LED фарови сега се многу потенки, со јасни контури и дневни светла распоредени во превртена форма на буквата L за да создадат хармоничен и модерен изглед. Адаптивните LED фарови се достапни како опција и се препознаваат по сините акценти. Изменетите контури и новите двојни шипки даваат уште помоќен изглед на предната решетка. Доводите за воздух во црна боја со висок сјај позиционирани под бубрежната решетка го ладат системот за сопирање и додаваат софистициран изглед.
Чистиот дизајн на задниот дел придонесува за софистициран изглед на Серија 3 и Серија 3 Touring. Хоризонталните линии, тенките задни светла и широките крила ја нагласуваат ширината и мускулестиот став на задниот дел. Завршетоците на издувниот систем сега имаат дијаметар од 90 или 100 милиметри, во зависност од моторот.
Стилската динамичност на Серија 3 може дополнително да се зајакне со M Sport пакетот. Има нови дизајнерски елементи, вклучувајќи саќе дизајн за „бубрезите“, нов дизајн за предниот и задниот браник и исто така, нови M бандажи од лесна легура со големина од 18-инчи. Опсегот на бои за каросеријата е проширен со новите Skyscraper Grey metallic и M Brooklyn Grey metallic како дел од M Sport пакетот. BMW Individual Frozen Pure Grey и Frozen Tanzanite Blue специјалните бои се исто така достапни.
Внатрешноста на новите Серија 3 и Серија 3 Touring е темелно ажурирана. Новата интерпретација на типичниот фокус на возачот е отелотворена од стандардниот заоблен екран на BMW. Пред возачот се наоѓа екран од 12.3-инчи, додека инфозабавниот систем добива екран од 14.9-инчи. Овој дизајн на кокпитот има прогресивна дигитализација и овозможува значително да се намали бројот на физички копчиња и контроли. Нов дизајн има и рачката на менувачот за стандардниот осумстепен Steptronic автоматски менувач. Позициониран е на централната конзола заедно со Start/Stop копчето, iDrive контролерот, Driving Experience Control копчињата, рачната сопирачка и другите функции на возилото.
Фејслифт верзијата е достапна со истите мотори како и претходно, односно достапни се четирицилиндарски и шестцилиндарски турбо бензински и дизел мотори. Новост е тоа што дизел мотори сега добиваат 48V mild-hybrid технологија, а осумстепениот Steptronic автоматски менувач е стандаредн кај сите мотори. Како опција е достапен и Steptronic Sport автоматскиот менувач. Моќноста на моторите се движи од 150 па се до 374 коњски сили, а пак одредени верзии се достапни и со xDrive погонот на сите четири тркала.
Достапни се и мноштво на нови безбедносно системи и системи за асистенција на возачот.Стандардно вклучува предупредување за преден судир со интервенција на сопирачките, кое детектира присуство на велосипедисти, како и возила и пешаци, темпомат со функција на сопирање, дисплеј за ограничување на брзината со индикатор за забрана на престигнување и предупредување за напуштање на коловозна лента, како и враќање во лента. Како дополнителна опција се достапни и Head-Up дисплеј и Driving Assistant Professional кој содржи активен асистент за управување и контрола со Stop&Go функција, автоматско ограничување на брзината и препознавање на семафори.





























