BMW ја претстави комплетно новата генерација на Серија 7 која пристигнува со целосна техничка револуција во однос на претходниот модел. Исто така, за прв пат до сега добиваме и целосно електрична верзија, наречена i7.
Новата „G70“ генерација на Серија 7 е изградена на модифицирана верзија на „CLAR“ (cluster architecture) на BMW, приспособлива платформа која овозможува автомобилот да се произведува со конвенционални мотори со внатрешно согорување, plug-in хибридни верзии и целосно електричен i7. Новиот модел е подолг е за 130 мм од моделот што го заменува и има должина од 5.391 мм, исто така е поширок за 48 mm и повисок за 51 mm. Додека меѓуоскиното растојание е зголемено само за 5 мм.
Што се однесува до надворешниот дизајн, тој е доста поларизички, а ова не е нешто не очекувано од BMW. На предниот дел вниманието оди кон огромните „бубрези“, кои сега се и осветлени. Исто така, несекојдневен дизајн се и фаровите кои се поделени на два дела. Од BMW велат дека овој дизајнерски јазик е резервиран само за нивните „flagship“ автомобили. Во контраст со драматичниот преден дел се некои посуптилно дизајнирани страни на кои им недостасува изобилството на линии и набори што се гледаат на теренецот iX. Спортската M760e верзија добива уникатен дизајн за предниот дел, со долен довод на воздух поделен на три дела, плус заден браник специфичен за М со трапезоидни издувни цевки (другите модели имаат скриени издувни цевки) и спортски странични прагови.
Она што е уникатно кај овој автомобил и кое што едноставно ве остава „без здив“ е внатрешноста. Главната карактеристика внатре е на задните седишта, односно опционалниот 8K 31.3-инчен екран „BMW Theatre Screen“ што се преклопува од покривот, напојуван од истиот софтвер како и Fire таблетите на Amazon. Исто така, на списокот со опции се наоѓа и Bowers & Wilkins Diamond аудио систем со 36 звучници и 1.965-вати.
Преминувајќи напред, има забележително намалување на физичките контроли во споредба со старата Серија 7. Сепак, сè уште постои ротационен контролер за инфозабавниот систем iDrive, на кој му се придружува новиот „BMW Interaction Bar“ која се протега низ контролната табла и на панелите на предните врати. Вториот функционира и како амбиентално светло и како контролна површина, менувајќи го својот приказ врз основа на различни претходно поставени „My Mode“ и исто така изведува „динамични светлосни анимации“, на пример за давање визуелна повратна информација за звукот на дојдовните телефонски повици. Како што за прв пат се виде кај моделот iX, новата серија 7 има „BMW Curved Display“, кој спојува 14.9-инчна дигитална инструмент табла со 12.3-инчен екран за инфозабавниот систем. Тие го користат најновиот софтверски пакет на BMW – iDrive 8. Стандардно се добиваат „Merino“ кожни седишта кои се достапни во пет различни бои. Алтернативно, BMW нуди „Veganza“ налик на кожа како бесплатна опција, или за оние кои сакаат нешто поексклузивно, тука е BMW Individual Merino кожа.
Што се однесува до моторите, новата Серија 7 е достапна со шест-цилиндарски бензинец достапен во неколку различни верзии, 4.0-литарски V8 е достапен за врвната спортска изведба, како и шест-цилиндарски дизел.
Следната година, BMW ќе лансира и две Plug-In хибридни верзии. Овие верзии комбинираат електромотор со 200 коњски сили (интегриран во целосно нов осумстепен автоматски менувач), батерии од 18,7 kWh и шест-цилиндарски турбо бензински мотор. Овој сетап обезбедува 492 коњски сили и 700 Nm вртежен момент во 750e xDrive верзијата, додека врвниот M760e xDrive ќе располага со 570 коњски сили и 800 Nm вртежен момент.
Како и автомобилот што го заменува, G70 се одликува со double-wishbone суспензија напред и multi-link сетап на задниот дел, но со неколку надградби во однос на неговиот претходник. На пример, предната патека порасна за 47 мм, додека задната е поширока за 4 mm. Воздушната суспензија се добива стандардно кај сите верзии и работи независно од тркало до тркало, што овозможува автомобилот да избалансира нерамномерно оптоварување. Каросеријата паѓа за 10 мм во спортски режим или при поголеми брзини поради аеро-ефикасност. Системот исто така може да ја зголеми висината на каросеријата за 20 мм на погруб терен.
Има и систем за управување со сите четири тркала што ги врти задните тркала до 3.5 степени или во тандем со предните или во спротивна насока, зголемувајќи ја стабилноста при поголеми брзини и агилноста при маневрирање во градски услови. Исто така, добива и управувачки систем чувствителен на брзина со променлив сооднос, а тука е и активната anti-roll функција која работи преку електричен мотор од 48 волти.
Ајде малку и за електричната верзија – i7 е првиот целосно електричен автомобил на BMW во оваа класа. Како и конвенционалната Серија 7, поставен е на истата CLAR платформа и надворешниот дизајн е скоро идентичен со тој автомобил, но секако има минимални детали и елементи кои означуваат дека станува збор за електричен автомобил.
i7 ќе биде лансиран во една верзија, со ознака xDrive60 – оваа верзија користи два електро мотори – по еден за секоја оска и испорачува вкупна системска моќност од 544 коњски сили и 745 Nm вртежен момент. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 4.7 секунди, додека максималната брзина изнесува 240 км/ч. Батериите од 101,7 kWh се сместени под подот и се опишано како „исклучително тенки“ со висина на ќелијата од 110 мм, што значи дека е задржана карактеристично елегантната силуета на серијата 7. BMW најави дека во 2023 година ќе се придружи и спортска i7 M70 верзија која ќе има над 650 коњски сили.
Што се однесува до опсегот, i7 xDrive60 со полна батерија ќе може да помине до 483 километри (според WLTP). Кога станува збор за полнењето, истото може да се одвива со максимален капацитет од 195 kW, што според BMW може да наполни 130 километри за само 10 минути.






























