BMW неодамна го освежи својот најпродаван SUV, моделот X3 кој сега е достапен и на македонскиот пазар. Новиот модел добива значајни измени на надворешноста и внатрешноста, нови технологии и цела постава на мотори сега е опремена со 48-волтен mild-hybrid систем.
X3 добива комплетно нов преден дел со поспортски и поробустен изглед. Редизајнираните бубрези се наоѓаат помеѓу нови, потенки фарови кои имаат и нов светлосен потпис. Сите модели стандардно се опремени со фарови со LED технологија, додека како опција достапни се LED LaserLight светлата. Страните немаат никакви промени, а пак задниот дел добива комплетно нов браник со големи (вистински) отвори за издувниот систем. На ова се придружуваат и новите LED задни светла кои имаат доста впечатлив светлосен потпис. M Sport моделите, исто така, добиваат комплетно нов бодикит кој изгледа поспортски од претходно и е со повпечатлива интерпретација на новиот поробустен изглед. Во понудата додадени се и нови бои за каросеријата, како и нови алуминиумски бандажи.
Во внатрешноста, централната конзола има нов изглед, сличен на оној во новата серија 4. Пред возачот се наоѓа целосно дигитален инструмент кластер со дисплеј од 12.3-инчи, додека на горниот дел од централната конзола поставен е нов 12.3-инчен дисплеј за инфо-забавниот систем. BMW, исто така, направи и промени во распоредот на физичките копчиња, со што клучните функции како што е копчето за Start/Stop сега се поставени веднаш до менувачот на централната конзола. Промените вклучуваат и нови опции за тапацирот и други украсни елементи во кабината. M Sport моделите добиваат и поспортски седишта со „Vernasca“ кожа, спортски M Sport волан и ред други елементи.
Понатамошниот развој на 48-волтниот mild-hybrid систем значи дека сите бензински и дизел верзии ја користат оваа технологија. Рекуперација на енергијата се прави кога ќе се отпушти педалата за гас и оваа енергија може да се користи за поддршка на 12-волтниот електричен систем кој користи за клучните функции на возилото. Системот, исто така, може да обезбеди и засилување од 11 коњски сили кога тоа е потребно.
Понудата на дизел мотори се состои од 2.0-литарски мотор кој испорачува 190 коњски сили и 400 Nm вртежен момент (ознака 20d), како и 3.0-литарски мотор кој испорачува 286 коњски сили и 650 Nm вртежен момент (ознака 30d). Доколку сакате бензинец, на располагање е 2.0-литарски турбо-бензинец во две различни верзии – првата испорачува 184 коњски сили и 300 Nm вртежен момент (ознака 20i), додека втората верзија испорачува 245 коњски сили и 350 Nm вртежен момент (ознака 30i).
X3 е достапен е и во Plug-in Hybrid верзија која користи 2.0-литарски бензински мотор, електромотор и батерија од 12 kWh. Системската моќност е 292 коњски сили и 420 Nm вртежен момент, додека само на електрична енергија може да помине околу 50 километри (според WLTP).
За оние што сакаат нешто повеќе и бараат поспортски возни карактеристики тука се верзиите X3 M40i со 3.0-литарски турбо-бензинец и 360 коњски сили, X3 M40d со 3.0-литарски турбо-дизел и 340 коњски сили. На врвот на понудата се наоѓа X3 M кој е придвижуван од 3.0-литарски твин-турбо бензинец кој испорачува 510 коњски сили.
Сите верзии стандардно се опремени со xDrive погон на сите четири тркала и 8-степен автоматски менувач.
Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на BMW M Car.









































