На само два месеци од официјалното претставување, М Кар Македонија не изненади со новата Серија 4 Gran Coupe во нивниот салон.
Првата генерација на Серија 4 Gran Coupe беше доста успешен модел за брендот, а сега со новата втора генерација, BMW очекува тој успех да биде уште поголем. Како и стандардната Серија 4 Coupe, така и оваа Gran Coupe верзија со четири врати ја дели платформата со Серија 3. Меѓутоа, во однос на аеродинамиката, цврстината на каросеријата и технологијата на шасијата, се тврди дека Серија 4 Gran Coupe е доста преработена во споредба со Серија 3, позајмувајќи голем дел од технологиите на Серија 4 Coupe.
Напред, импозантните вертикални бубрези се споени со нов браник кој се одликува со суптилни разлики во однос на купето. Вертикалните отвори за воздух од двете страни сеуште се присутни, но влезот на воздух е малку различно обликуван. Стандардно се вградени Full LED предни светла, но како дополнителна опција достапни се и Laserlight предни фарови. Серија 4 Gran Coupe не го споделува својот профил со стилската Серија 8 Gran Coupe, но сепак има опаѓачка линија на покривот што приденосува за тој елегантен купеовски изглед. Задниот дел на автомобилот е сосема различен од Серија 4 Coupe и Серија 3, добива нов дизајн на браникот, различен дифузер, издувни цевки на двете страни и преобликувани задни LED светла. Има промени и во димензиите, новиот модел е нешто поголем во споредба со претходникот – должината изнесува 4,783 мм, ширината 1,852 мм и висината е 1,442 мм. Меѓуоскиното растојание е поголемо од тоа на Серија 3 и багажниот простор во споредба со претходникот е поголем за 39 литри и сега има вкупно 470 литри багажен капацитет.
Ентериерот е со ист дизајн како и во Серија 4 Coupe, дигитализиран и со врвни материјали. Сите модели стандардно добиваат 12.3-инчна дигитална инструмент табла која е поврзана со централен инфозабавен дисплеј од 10.25-инчи. Предни спортски седишта се стандард во сите верзии, а како опција може да земете Head-up дисплеј. Серија 4 Gran Coupe нуди место за пет патници со соодветна задна клупа со три седишта. Исто така, задните седишта се преклопуваат во сооднос 40:20:40. Стандардните системи за безбедност и помош на возачот вклучуваат предупредување за судар, темпомат со ограничување на брзината, одржување на возилото во коловозна лента и многу друго. Адаптивен темпомат и BMW Driving Assistant Professional што овозможува полуавтоматизирано возење по автопат се достапни како дополнителна опција.
Што се однесува до моторите, достапни се неколку бензински и еден дизел мотор. Понудата започнува со моделот 420i кој користи 2.0-литарски турбо-бензинец со 184 коњски сили, следен е моделот 430i кој го користи истиот мотор, но тука испорачува 245 коњски сили и забрзување од 0 до 100 км/ч за 6.2 секунди. Доколку сакате дизел на располагање е само еден модел, а тоа е 420d кој користи 2.0-литарски мотор со 190 коњски сили – стандардно е со погон на задните тркала, а како опција може да го земете xDrive погонот на сите четири тркала. Инаку, сите модели се со 8-степен Steptronic автоматски менувач и погон на задните тркала.
Сега за сега, на врвот на понудата е моделот M440i xDrive кој користи 3.0-литарски турбо-бензинец кој испорачува 374 коњски сили и нуди забрзување од 0 до 100 км/ч за 4.7 секунди и електронски ограничена максимална брзина од 250 км/ч.
Моделот од фотографиите е 430i во M Sport изведба и е во новата „Brooklyn Grey“ металик боја.
Повеќе информации околу возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на BMW во Скопје, каде што ќе може и да ја видите новата Серија 4 Gran Coupe!



























