ТЕСТ: Toyota Corolla Sedan 1.8 Hybrid Executive Plus

Toyota Corolla е легенда во автомобилскиот свет. Автомобилот со оваа ознака се продава од далечната 1966 година и по пребројувањето на сите генерации, тој е најпродаваниот автомобил на планетата во историјата на индустријата. Toyota неодамна ја лансираше дванаесеттата генерација на овој автомобил, а денес ќе зборуваме за Corolla Sedan во Hybrid изведба.

Она што е важно за оваа дванаесеттата генерација е тоа што повторно се достапни три различни изведби – Sedan, кој отсекогаш бил достапен, hatchback и Touring Sports (караван). Овие две изведби во претходните две генерации на европскиот пазар го носеа името Auris. Сега, производителот се врати на докажаното име на целото семејство на компактни модели на стариот континент. Сите изведби користат иста техничка основа, поставени се на новата модуларна TNGA GA-C платформа, но од Toyota велат дека секој дизајн добил своја „персоналност“ – што е точно, бидејќи сите три изведби имаат различен дизајн, а разликата е особено видлива помеѓу седанот и хечбекот.

Моделите на Toyota имаат многу добра репутација за едни од најиздржливите автомобили на пазарот, но во минатото голем дел од моделите имаа некако „обичен“ и можеби здодевен дизајн. Сега, приказната е сосема различна и новите модели изгледаат многу добро. Кај Corolla седан интересно е тоа што освен задниот дел, во споредба со хечбек верзијата, комплетно различен е и предниот дел, а ова е нешто што ретко се случува во автомобилската индустрија. На предниот дел од автомобилот, прво ќе ги забележите страничните отвори за воздух што го прават автомобилот да изгледа навистина широк и агресивен, но потоа ќе го забележите и синото лого на Тоyota што означува дека станува збор за хибриден автомобил. Огромниот среден отвор за маската од ладилникот на прв поглед изгледа малку чудно, но придонесува за визуелно поагресивен изглед. Фаровите се едноставни и користат LED технологија, а ми се допаѓаат хромираните линии под хаубата кои прават да изгледа како да се интегрирани со фаровите. Страната на автомобилот е елегантна и едноставна, а тестираниот модел беше опремен со 17-инчни алуминиумски бандажи кои одлично му прилегаат на автомобилот. Што се однесува до задниот дел и тука продолжува смирен и елегантен дизајн, задните светла користат LED технологија и изгледаат доста фино, а интегрираната хромирана линија визуелно ги прави светлата како да се споени. Ми се допаѓа и бисерно црвената боја на тестираниот модел бидејќи го прави автомобилот полуксузен.

Димензиите на седанот се близу до караванот, должината е 4630 милиметри (караванот е 4650 милиметри) и исто така го има истото меѓуоскино растојание – 2700 милиметри, додека хечбекот има меѓуоскино растојание од 2640 милиметри.

Одиме во внатрешноста, а за тоа некои луѓе може да кажат дека е премногу едноставна за денешните стандарди, каде што сме навикнати околу нас да гледаме големи екрани. Во Corolla седан, приказната е малку различна, но тоа е она што го ценам за Toyota – едноставноста и практичноста. На прв поглед, кабината изгледа навистина добро и средено, ми се допаѓа и светлиот тапацир кој се протега по цела шал табла бидејќи дава една свежина во целата кабина. Голем дел од функциите кои често се користат имаат физички копчиња и се лесно пристапни и при возење. Што се однесува до квалитетот на искористените материјали имам мали забелешки бидејќи на оние места што не би очекувале има потврда пластика, но генерално завршната обработка е на доста солидно ниво. Големи пофалби и за класичните физички контроли за клима уредот кои се супер-лесни за употреба, ништо фенси, но доста практично. На централната конзола е поставен инфо-забавниот систем со екран на допир од 8-инчи, а благодарение на високата позиција, дисплејот е убаво видлив. Графиконите на системот не се најмодерни, но немав никаков проблем со самата контрола – исто така поради присуството на физички копчиња за брз пристап до одредена функција. Уште еден TFT дисплеј од 7-инчи е поставен во инструмент таблата и е надополнет со класични аналогни индикатори – лево се наоѓа тахометар, а десно се поставени мерач за гориво и мерач за температура. Дисплејот од 7-инчи (поевтините верзии имаат дисплеј со дијагонала од 4.2-инчи) служи првенствено како брзинометар, но и како патен компјутер на кој се прикажуваат сите битни информации околу возењето. Генерално, кабината на Corolla е одлично организирана и прилагодена според таргет групата на овој автомобил.

Подолгото меѓуоскино растојание влијае позитивно на внатрешниот простор, особено во областа за нозете на патниците на задните седишта, седанот е многу подобар од хечбекот. Сепак, закосената линија на покривот предизвикува намалување на горниот простор, патниците со висина од нешто над 185 сантиметри ќе можат да го приметат тоа. Инаку, на задните седишта сосема удобно ќе можат да се сместат двајца патници, а по потреба и тројца. Багажникот располага со 471 литар багажен капацитет, но неговата употреба е до некаде ограничена поради помалиот отвор, што е сосема нормално за ваков тип на возило. Сепак, багажниот простор е доволно широк и длабок.

Стигнавме до моторите – седан изведбата на Corolla е достапна само со два мотори, од кој едниот е чист бензинец и е 1.5-литарски атмосферски мотор со 125 коњски сили, а може да одберете помеѓу 6-степен мануелен менувач или CVT менувач. Втората опција, со што беше опремен и тестираниот модел е добро познатиот хибриден систем на Toyota кој во овој случај користи 1.8-литарски бензински мотор кој што работи во аткинсон циклус и располага со 98 коњски сили, а плус е надополнет со електромотор кој испорачува 72 коњски сили – вкупната системска моќност е 122 коњски сили. Силата се пренесува на предните тркала преку E-CVT автоматски менувач. Забрзувањето од 0 до 100 километри на час трае рамно 11 секунди, додека максималната брзина е електронски ограничена на 180 километри на час.

Овој хибриден погон ќе биде доволен за помирни возачи, ништо повеќе од нормална динамика не може да се очекува од оваа моторизација. Особено при поголема брзина, границите се доста очигледни и секое претекнување треба да се разгледа повнимателно. Ако процените дека навистина сакате да претекнувате, откако ќе го притиснете педалот за гас, ќе се појави мојот “омилен” звук – односно не многу пријатен монотон шум на моторот со внатрешно согорување. Се гледа дека Toyota работеле на подобрување на изолацијата кај моторот бидејќи во споредба со други модели, тука е за нијанса потивок тој несекојдневен звук. Но, имам мала забелешка за бучавата која доаѓа од тркалата и ретровизорите на брзини од 120-130 километри на час. Брзото возење со овој автомобил едноставно не е пријатно искуство. А тоа е сосема океј бидејќи целта на хибридните автомобили како што ги нуди Toyota е економично и ефикасно работење, што придонесува непречено и рафинирано возење.

Хибридниот погон работи најекономично во ситуации кога го исклучува моторот со внатрешно согорување и бидејќи Toyota има долгогодишно искуство со хибриди, ова решение работи одлично во секој поглед. Ако научите одредени специфичности на хибридната контрола и научите како да работите со педалот за гас и сопирачките, ќе постигнете одлични вредности на потрошувачка. Во градски услови на возење мојата просечна потрошувачка изнесуваше од 5 до 5.5 литри на 100 изминати километри, надвор од градот потрошувачката изнесува од 7 до 8 литри на 100 изминати километри, во зависност од брзината и патот.

Исто така, мора да ја пофалам Toyota за тоа како работи рафинираниот хибриден систем – освен споменатата несекојдневна бучава при агресивно забрзување, вклучувањето на одделни делови на погонот е мазно и тивко, скоро незабележливо. Оваа способност потоа симпатично се надополнува со перфектно избалансирано возење. Употребата на TNGA платформата, поточно GA-C верзијата овозможи да се намали тежиштето на автомобилот, што придонесува за побезбедни возни карактеристики, како и редизајнираната геометрија на предните тркала. Corolla како стандард доби и напредна multilink задна оска. Интересно е што седан изведбата на Corolla доби и малку поинаку „дотерана“ шасија, во споредба со другите изведби тука возењето е доста помеко. Седанот едноставно е повеќе фокусиран на удобноста, отколку на спортските карактеристики. Сепак, карактерот на суспензијата претставува успешен компромис помеѓу удобноста и стабилноста, што резултира со неутрален израз во кој предната оска храбро се спротивставува на подуправувањето. Додека задниот дел може ефикасно да ги одржува тркалата во контакт со површината. Ме воодушеви и прецизното и релативно цврсто возење.

Она што е важно да се напомене е тоа што Toyota во Македонија сега нуди Toyota Relax програма која вклучува 10 годишна гаранција за сите нови модели!

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Цената на основниот модел Toyota Corolla Sedan 1.5 Valvematic Business со промотивен попуст изнесува 16.990 евра.

Цената на тестираниот модел Toyota Corolla Sedan 1.8 Hybrid Executive Plus изнесува 28.990 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Toyota.

ЗАКЛУЧОК
Новата генерација на Toyota Corolla Sedan Hybrid може да се пофали со одличен хибриден погон, удобна шасија и севкупно многу добри возни карактеристики. Внатрешноста не е најмодерна, но затоа нуди одлична ергономија и практичност.
Економичен хибриден погон.
Едноставен но многу практичен ентериер.
Добри возни карактеристики.
Несекојдневна бучава при агресивно забрзување.
Лимитиран простор за главата на задните седишта.
Повисока потрошувачка на автопат.
4