ТЕСТ: SEAT Leon 1.5 eTSI DSG FR

Секој автомобилски бренд во својата гама има барем еден модел кој е од доста голема важност. Кај SEAT, тоа е моделот Leon, а токму овој компактен хечбек им помогна на Шпанците да ја консолидираат својата позиција на пазарот и да постигнат голем успех во време кога SEAT го немаше SUV моделот што му беше потребен во тоа време. Денес ситуацијата е поинаква – SEAT има повеќе од доволно SUV и кросовер модели, а исто така го подготвуваат и својот прв целосно електричен автомобил. Но сепак, Leon останува срцето на брендот – и денес ќе зборуваме за најновата четврта генерација на шармантниот хечбек модел која е многу понапредна од својот претходник и добива радикално променет дизајн, како на надворешноста, така и во внатрешноста.

Како и секој друг тест, да започнеме од надворешниот дизајн. Веднаш беше јасно дека новата четврта генерација на Leon ќе го следи дизајнерскиот јазик од големиот Tarraco, а тоа значи нова предна маска, нови остри фарови и поврзани задни светла. Всушност, секоја нова генерација на Leon добива радикално различен дизајн. Кога SEAT го претстави овој нов модел имаше доста реакции за тоа дека е изгубен спортскиот стил на возилото. Да бидам искрен, на првите фотографии новиот Leon не ми беше толку привлечен и не бев баш сигурен дали ми се допаѓа, но со првиот контакт во живо комплетно го сменив моето мислење. Формите на возилото во живо се покажаа дека навистина функционираат и дека не треба да се зборува дали возилото е добро или не пред да се види во живо. Предниот дел го има скоро истиот изглед како Tarraco, но Leon добива нов поспортски браник. Предните светла се со Full LED технологија и одлично го осветлуваат патот навечер. Страничниот дел е едноставен и гледан од овој агол веднаш се приметуваат зголемените димензии со претходниот модел. Задниот дел, воедно и мојот омилен дел од возилото, добива нови LED светла кои ги спојува лента (не е само за украс, свети и лентата) и при отклучување и заклучување има многу кул и интересна анимација (погледнете ја ТУКА). Да, претходната генерација имаше феноменален спортски изглед со остри линии, додека кај новиот модел острите линии се во доста помал број, но сепак мислам дека е задржан оној спортски и агресивен лик по кој се познати моделите на SEAT. Новиот модел има промени и во димензиите, должината е зголемена за значителни 86 мм до крајни 4368 мм, ширината е намалена за 16 мм до крајни 1800 мм, висината е намалена за 3 мм до крајни 1442 мм, додека меѓуоскиното растојание е исто така зголемено за 50 мм и сега изнесува 2686 мм.

Конкретниот модел е во FR ниво, па затоа добива поспортски браници, 18-инчни бандажи и други детали кои допринесуваат за поспортскиот изглед. Едно нешто што многу ме изнервира и мислам дека е голема дизајнерска грешка се фејк отворите за издувот на долниот дел од браникот…зошто SEAT зошто?! Барем кај FR моделите мислам дека треба да има вистински издув како што имаше претходната генерација, сепак станува збор за поспортска верзија на моделот…

Освен надворешноста, и внатрешноста е радикално променета. Ентериерот во новиот Leon е целосно дигитализиран и добива целосно нов минималистички дизајн. Физичките конвенционални копчиња кои ќе ги најдете во кабината се бројат на една рака – сето ова резултира со малку покомплицирано ракување со функциите на автомобилот споредено со претходниот модел. Инаку, голем дел од материјалите кои се поставени се со одличен квалитет и целата кабина сега има многу попремиум чувство. Морам да ги пофалам и предните седишта кои нудат одлична странична поддршка и убаво ве држат при подинамично возење. Исто така, седењето е значително пониско во споредба со претходниот модел и ја имате онаа перфектна спортска седечка позиција, но ако ниското седење не е по ваш вкус може да го кренете седиштето доста високо, а достапни се и подесувања за воланот, што значи секој ќе може лесно да ја најде својата идеална возачка позиција.

Ајде сега малку да позборуваме и за новите технологии и дигитализацијата. Пред возачот е поставена нова 10.25-инчна дигитална инструмент табла која има одлична графика. Може да одберете од неколку различни прикази, а секој од нив е исто така доста конфигуративен, што значи може да го подесите точно по вашите барања и да го прикажува она што ви е потребно. На горниот дел од централната конзола се наоѓа исто така нов 10.25-инчен дисплеј за инфозабавниот систем. Иако MIB3 системот е истиот тој од новата Skoda Octavia и новиот Volkswagen Golf, во Leon целиот интерфејс е комплетно различен од овие два автомобили. Бидејќи физичките копчиња ги нима, контролите за клима уредот се преку инфозабавниот дисплеј и јас лично не сум голем љубител на овој начин на ракување бидејќи е доста покомплицирано. За да ја уклучите климата и да ги видите функциите треба да притиснете на горниот дел од дисплејот, па од таму се отвора нов прозорец со сите функции како што се температура, уклучување/исклучување, каде да дува климата итн…Плус, Start/Stop системот и Lane Keeping Assist системот исто така се исклучуваат или уклучуваат преку централниот дисплеј со притискање на крајната десна икона што означува поставки за автомобилот. Сепак, со голем дел од контролите на инфозабавниот систем може да ракувате и преку говорни команди, а за да го активирате ова треба да кажете „HOLA“. Исто така, под централниот дисплеј има „тач-лента“ што се користи за брзо прилагодување на температурата на климата и за гласноста на аудио системот. Она што најмногу ме нервира е тоа што режимите за возење се менуваат преку дисплејот, особено во возење кога сакате да го смените режимот е навистина комплицирано и ви одзема премногу внимание. Наместо две притискања, сега имате три – прво треба да ја притиснете иконата за подесувања на автомобилот, а потоа во левата колона ќе го пронајдете изборот на режими на возење и тогаш треба да го изберете посакуваниот режим. Во исто време, во Golf и Octavia има физичко „Mode“ копче кое е поставено убаво при рака…

Благодарение на зголеменото меѓуоскино растојание просторот на задните седишта е значително зголемен во споредба со претходниот модел. Па затоа, на задните седишта сега може удобно да се сместат и тројца патници. Исто така, новост за патниците позади е тоа што сега се поставени контроли за клима уредот, па може да си ја подесат климата по нивните потреби. Кога станува збор за багажникот, капацитетот од 380 литри останува не променет, а реално тоа е сосема доволно за голем дел од купувачите на овој тип на возила. Откако ќе се преклопат асиметрично поделените задни седишта се добива 1301 литар багажен капацитет, а бидејќи подот е прилагодлив по висина се добива комплетно рамна површина.

Новиот Leon е достапен со голем избор на добро познатите TSI бензински мотори и TDI дизел мотори. Понудата започнува со 1.0-литарскиот TSI со 90 коњски сили, а достапна е и верзија со 110 коњски сили од истиот мотор. Следен е 1.5-литарскиот TSI со 150 коњски сили кој е достапен со 6-степен мануелен менувач или со 7-степен DSG автоматски менувач. Кај дизелите, на располагање е само 2.0-литарски TDI со 115 или со 150 коњски сили, појаката верзија стандардно доаѓа со DSG автоматски менувач, додека послабата верзија е достапна само со 6-степен мануелен менувач.

Тестираниот модел под хаубата го имаше 1.5-литарскиот еTSI турбо бензинец со DSG автоматски менувач кој располага со 150 коњски сили достапни од 5000 до 6000 вртежи во минута и 250 Nm вртежен момент достапни од 1500 до 3500 вртежи во минута. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч го постигнува за 8.4 секунди, додека максималната брзина изнесува 221 км/ч. Сигурно се прашувате што означува таа „е“ ознака пред TSI – тоа значи дека овој мотор има 48v Mild-Hybrid систем со стартер/генератор кој ја зачувува енергијата во батеријата која е сместена под седиштето на совозачот. Ова му помага на моторот при забрзување или во „sailing mode“ кога менувачот автоматски префрла во „лер“, а моторот комплетно се исклучува – ова придонесува за намалена потрошувачка. Моторот е многу тивок при нормално возење, а кога ќе ја притиснете педалата за гас малку повеќе има доста интересен спортски звук. Перформансите вака на хартија можеби не се кој знае какви, но верувајте во реалноста се и повеќе од доволни. Забрзувањето е убаво и линеарно, а доколку не погледнете во инструмент таблата многу брзо може да ги поминете ограничувањата на брзина. Автоматскиот DSG 7-степен менувач работи перфектно и менувањето на брзините е толку мазно што не ни приметувате кога ги менува брзините. Според мене ова е најидеалниот мотор за новиот Leon, нуди сосема доволни перформанси со ниска потрошувачка. Мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење се движеше од 7 до 8 литри на 100 изминати километри, на отворен пат таа бројка се намалува на 6, а ако сте повнимателни со педалата за гас без проблем може да ја намалите и на 5 литри на 100 изминати километри.

Пред многу години, FR беше спортската верзија која седеше веднаш под врвната Cupra изведба. Сепак, со претходната трета генерација овие работи малку се сменија, а истото продолжува сега и со оваа нова четврта генерација. Во споредба со другите нивоа на опременост (Style и Xcellence), ова FR ниво добива поостар и поспортски изглед, како и потврда и пониска суспензија за 15 мм. Но и покрај потврдата шасија, автомобилот е навистина многу комфорен и лесен за возење. Особено новиот модел кој е за нијанса помек од својот претходник и покрај тоа што тестираниот модел имаше големи 18-инчни бандажи чувството зад воланот е многу удобно и суспензијата одлично се справува со сите дупки и нерамнини на нашите улици без притоа да има несакани удари и вибрации во кабината – што е навистина за пофалба. SEAT отсекогаш се познати по тоа што нивните модели нудат одлична динамичност и голема забава зад воланот, па дали тоа продолжува и за оваа нова генерација на Leon? – Веднаш ќе кажам дека да, останува и за овој модел. Можеби не до тој степен како претходните генерации, но дефинитивно Leon е еден од најдинамичните модели во својата класа. Во свиоци автомобилот е доста агилен и стабилен, со минимално навалување и одлична тракција. Ми се допаѓа тоа што воланот е прецизен и директен, а присутен е и висок степен на сигурност при такво подинамично и побрзо возење. Исто така, во некои ситуации задниот дел знае малку да „заигра“ што дополнително го крева чувството на возбуда и адреналин. При нормално градско возење, новиот Leon е удобен и многу лесен за возење, а тоа е благодарение на одличната прегледност од сите страни, како и сите најнови системи за безбедност и асистенција кои дополнително го олеснуваат возењето. Новиот Leon е пријатен автомобил и за долгите патувања, на автопат во кабината е тивко и релаксирано.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Почетната цена за SEAT Leon 1.0 TSI 90 Style изнесува 19.536 евра.

Цената на тестиранот модел SEAT Leon 1.5 eTSI DSG FR изнесува 25.500 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на SEAT.

ЗАКЛУЧОК
Новата четврта генерација на SEAT Leon направи револуција од многу различни аспекти. Доби нови погонски единици кои се повеќе или помалку електрифицирани, како и револуционерна целосно дигитализирана внатрешност. Leon се уште ужива да вози, можеби не до тој степен како порано, но сепак нема ништо погрешно со овој нов модел - има убав и модерен изглед, опремен е со сите најнови технологии и нуди солидна вредност за парите.
Спортски изглед.
Просторна кабина.
Одличен 1.5 TSI мотор.
Комфорна шасија.
Просечен багажен простор.
Сите функции се контролираат преку централниот дисплеј.
4