BMW претстави фејслифт верзија за серија 6 Gran Turismo

Серија 6 Gran Turismo е еден од најуникатните модели во гамата на BMW и е наследник на оригиналната серија 5 Gran Turismo. Фејслифт верзијата на серија 6 GT ја пополнува “дупката“ помеѓу серија 5 и луксузната серија 7 со комбинирање на најдоброто од двата света – спортска силуета со раскошен и луксузен ентериер, како и многу нови технологии.

Надворешниот дизајн на серија 6 GT LCI е дополнително освежен со нови фарови со DRL ознака во форма на буквата „L“, а подобрена е и технологијата на фаровите. Стандардно сите модели се опремени со LED предни светла, додека како опција достапни се адаптивни LED Matrix и Laser Light светла. Новите стилизирани фарови се поврзуваат со новата хромирана решетка која сега изгледа поубаво и го прави предниот дел поширок. Задните LED светла сега имаат малку различна графика, а задниот браник и вратата од багажникот се малку ревидирани. Завршетоците на издувните цевки сега се со трапезоидна форма и се стандардни за сите верзии. Новата серија 6 GT исто така ќе добие и нови стандардни бои и за прв пат до сега е достапен широк спектар на BMW индивидуални бои. Новите бои се – Phytonic Blue, Piedmont Red, Bernina Grey и Portimao Blue достапна како опција за M Sport моделите.

Кабината на новата серија 6 GT комбинира динамичен дизајн како тој во серија 5 со квалитетни материјали како во серија 7. Копчињата на централната конзола сега се во сјајно црн материјал и панелот за автоматскиот клима уред сега е збогатен со повеќе опции. Како дополнителна опрема достапен е и четири зонски клима уред, електрични завеси за заштита од сонце на задните седишта и панорамски SkyLounge стаклен покрив. BMW Live Cockpit Professional е стандард во сите модели на новата серија 6 GT и се состои од 12.3-инчна дигитална инструмент табла и 12.3-инчен дисплеј за infotainment системот. Покрај поврзување на мобилен телефон со Apple CarPlay, серија 6 GT ќе биде достапна и со поддршка за Android Auto.

Новата BMW серија 6 GT е достапна со вкупно пет различни мотори, од кој два се турбо бензински и три се дизел. Како и новата серија 5, така и кај серија 6 GT сите достапни мотори се исто така опремени со mild-hybrid технологија – интегриран стартер-генератор од 48V кој развива 11 коњски сили и ефикасно му помага на моторот со внатрешно согорување. Сите модели се стандардно опремени со 8-степен Steptronic автоматски менувач, а xDrive системот се нуди како опција кај моделите 630d и 640i, додека моделот 640d доаѓа стандардно со xDrive погонот на сите четири тркала.