Ова е новиот CUPRA Leon!

До лани SЕАТ, од сега CUPRA Leon- новиот перформанс хеч во VW групацијата. CUPRA, перформанс брендот на SЕАТ го “дофати” Leon и еве што добивме. Добивме од 245 до 310 коњски сили спакувани во хечбек или караван изведба. Дизајниран и произведен во новата фабрика на CUPRA во Марторел во близина на Барселона, овој Leon е спремен да се соочи со ривалите – Hyundai i30N, Ford Focus ST, Skoda Octavia vRS и Volkswagen Golf GTI.  

Надворешноста на овој CUPRA Leon во споредба со близнакот од SЕАТ има многу поагресивен и подинамичен лик. Предниот браник има изразени отвори за воздух и гордо го носи новото бронзено лого на CUPRA во центарот на предната решетка. Во зависност од моделот, купувачите ќе може да одберат 18 или 19 инчни бандажи во сива, црна или микс од црна и бронзена боја. На задниот дел на овој автомобил се издвојува големата LED лента која ги спојува двете стоп светла (нешто кое го гледаме низ целата VW групацијата). Нов заден браник со 4 издуви (по два на секоја страна) со бакарни детали одделени со дифузер им дава на оние кои се позади вас до знаење дека гледаат сериозна спортска машина, а не само обичен Leon. Сите овие измени го прават овој автомобил поаеродинамичен (8% помал отпор на воздух во споредба со претходникот).

Бакарните детали од надворешноста се пренесени и во внатрешноста на овој Leon. Отворите за вентилација на воздухот, воланот, па дури и седиштата имаат бакарни елементи. Воланот наликува на оној кој се наоѓа на SЕАТ Leon, но во CUPRA има добиено две нови копчиња – едно за стартување на моторот, додека другото е за бирање на модови ( Comfort, Sport, Cupra и Individual). Но, дали некогаш овој автомобил треба да биде во друг мод освен Cupra!? 12.3-инчната инструмент табла добива нов Sport изглед кој го поставува обртомерот на средина на екранот, додека од неговите страни може да се следат коњските сили, влечната сила, турбо притисокот и G-force.  

Голем новитет е тоа што купувачите ќе можат да одберат повеќе верзии кои ќе бидат достапни за овој хотхеч. Првиот е 1.4-литарски турбо бензински мотор спарен со електричен мотор и 13 kWh батерија. Ова дуо му дава 245 коњски сили на располагање и 60 километри кои ќе можат да се поминат користејќи ја само електричната сила. Традиционални турбо бензински мотори се останатите опции кои се нудат и тоа: 2-литарски турбо бензински мотор со 245 коњски сили и 370 Nm вртежен момент или истата зафатнина, но со 300 коњски сили и 400 Nm вртежен момент. Овие 3 опции имаат погон на предната оска, електронски limited-slip диференцијал и автоматски менувач со двојна спојка. Но, караванската изведба на овој автомобил може да се пофали со најсилната изведба и тоа 2-литарски турбо бензински мотор со 310 коњски сили и погон на сите 4 тркала, со што овој Leon ќе може да се пофали со време од 4.8 секунди до стотка и крајна брзина од 250 километри на час.  

За цела оваа сила да може да биде максимално искористена CUPRA Leon е 25мм понизок на предната оска и 20мм понизок на задната оска во споредба со SЕАТ Leon. Адаптивниот систем на суспензијата ја прилагодува во зависност од модот кој е селектиран од страна на возачот. Управувањето е базирано на електричен прогресивен систем, воедно од Cupra тврдат дека ова е нај прогресивниот систем досега. Имајќи вакви цифри под хаубата на овој автомобил, сопирачките мора да се во можност да го запрат во секоја ситуација, па затоа, од CUPRA го надградиле овој Leon со предни Brembo дискови со големина од 370мм кои се надополнети со бакарни шепи.

Како опрема може да се пофали со целосно LED осветлување, вклучувајќи и внатрешно амбиентално осветлување кое се протега од предната возачка врата, преку целата шал табла па се до крајот на совозачката предна врата, keyless entry, 10-инчен infotainment систем со екран на допир и 3D навигација, како и Apple CarPlay и Android Autо. Безбедноста е на високо ниво, а за тоа допринесуваат новите безбедносни технологии како што се- адаптивен темпомат (кој ги користи GPS информациите како и информациите од поставената камера на предниот дел со цел да ја менува брзината во зависност од променливите максимални дозволени брзини на патот), blind spot detection, traffic jam assist и semi-autonomous lane keeping system.