Тест: Audi Q2 Sport 1.6 TDI S-Tronic

Audi Q2 е најмалиот член во Q фамилијата, претставен е во 2016 година и е еден од првите премиум компактни кросовери. Ја користи познатата MQB платформа од A3, но има малку различни димензии. Q2 е 130мм пократок од A3 Sportback, а нешто повисок и поширок.
Должината на возилото изнесува 4.191мм, ширината 1.794мм, висината 1.508мм и меѓуоскиното растојание е 2.601мм.

Audi Q2 има многу „catchy” и „unique” надворешен дизајн! Кога ќе го споредите со било кој друг Q модел ќе сфатите дека Q2 изгледа доста различно, а исто се издвојува и во големата конкуренција која ја има. Сепак, поради малку “чудниот” дизајн, колку што има луѓе на кои им се допаѓа, толку има и на кои не им се допаѓа ама баш ич. Q2 е тип на возило што каде и да поминете ќе бидете забележани, дури и овој модел што го имав на тест во „Nano grey” боја привлекува доста внимание. Интересно е тоа што дизајнот има некоја чудна илузија што го прави да изгледа пониско одколку што е…може да одберете кровот да биде во некоја различна контрасна боја и исто така задните столбови да бидат во различна боја од таа на каросеријата со што добивате впечаток дека кровот е поставен директно на прозорците- многу кул! Audi со овој модел цели кон помладата публика па затоа постојат безброј опции за персонализација на екстериерот и ентериерот. Ми се допадна тоа што тестираниот модел го имаше „Black Optic“ пакетот со кој добивате графитно црна предна решетка, црни ретровизори и уште некои детали на екстериерот кои се во црна наместо сребрена боја.
Достапни се три нивоа на опременост: Basic, Sport и Design. Тестираниот модел беше во Sport нивото со плус уште нешто од дополнителна опрема. Би ви ги препорачал Sport или Design нивоата бидејќи добивате малку поубав екстериер од тој во Basic и секако многу повеќе опрема. Овие две нивоа имаат иста почетна цена и иста стандардна опрема, единственото нешто по што се разликуваат се некои детали на екстериерот и ентериерот.

На повеќето од Вас, ентериерот во Q2 ќе ви биде добро познат бидејќи е целосно превземен од A3. Но, тоа не е воопшто лошо, финишот и материјалите се импресивно квалитетни, што е и очекувано бидејќи Audi се познати по одличните ентериери. Сепак, на некои места материјалите не се толку квалитетни како во A3…За ергономијата имам само пофалби бидејќи сите контроли и копчиња кои се поставени пред Вас се многу лесни и јасни за користење и се на точното место на кое што треба да бидат. Иако е најмал и најевтин SUV модел на Audi, сепак го добивате тоа премиум чувство како и во поскапите модели. Нешто што е уникатно за Q2 е тоа што може да одберете тримот во ентериерот да биде во иста боја како и надворешноста на возилото. Оваа генерација на MMI infotainment системот што ја има Q2 е дефинитивно меѓу најдобрите и најлесните системи за користење моментално на пазарот. Тркалцето и сите тие копчиња за системот кои се поставени на долниот дел од централната конзола до менувачот, се толку лесни за користење(особено при возење) што неможам да сфатам зошто во новите модели Audi ги тргна овие работи и постави два екрани(од кој едниот е за контролите за клима уредот) кои се ракуваат само преку „touch“…
Тестираниот модел го имаше стандардниот дисплеј од 7-инчи кој е поставен на горниот дел од централната конзола, графиката е одлична и менито е едноставно. Како опција достапен е и поголем 8-инчен дисплеј со кој добивате и вграден навигациски систем. Пак да се навратам на споредбата со А3- во А3 доколку го исклучите дисплејот тој се собира надолу, а во Q2 тоа не е така, дисплејот само се гаси и не се собира. Опција која што за жал тестираниот модел ја немаше, а според мене вреди многу да се има е виртуелниот кокпит на Audi-замена на стандардната инструмент табла со дигитален 12.3- инчен дисплеј. Доста корисна опција и целиот ентериер изгледа многу поубаво. Стандардниот аудио систем кој го добивате е океј и има солиден квалитет, но ако сте голем фанатик по музика дефинитивно треба да го земете 705W Bang & Olufsen аудио системот со 14 звучника.

Колку простор има на задните седишта? – Па искрено, нема баш многу. Двајца патници кои се високи до 190cm ќе може да седат удобно и да имаат доволно простор за нозете и главата. По потреба, може да седнат и тројца, но поради повисокиот тунел во средина и тоа што се седи малку повисоко, на патникот што ќе седи во средина нема да му биде баш удобно на подолги релации. Во багажникот достапни се 405 литри, а доколку ги спуштите задните седишта прераснуваат во 1.050 литри(некои конкурентни модели имаат малку поголем багажен простор). Просторот е во коцкаста форма и добивате под кој се подесува по висина, но и со тоа подот не е комплетно рамен.

Audi Q2 е достапен со два бензински и три дизел мотори:
Бензински-
1.0 TFSI со 116 коњски сили
1.5 TFSI со 150 коњски сили
Дизел-
1.6 TDI со 116 коњски сили
2.0 TDI со 150 коњски сили
2.0 TDI со 190 коњски сили

Сите овие мотори освен 2.0 TDI 190 и 1.0 TFSI стандардно доаѓаат со мануелен менувач, а како опција достапен е и S-Tronic автоматски менувач. Исто така, Q2 е еден од ретките модели во оваа класа кој е достапен и со погон на сите четири тркала- Quattro системот е стандард кај 2.0 TDI 190, а опција кај 2.0 TDI 150 моторот.
Моделот кој што го имав на тест беше опремен со 1.6 TDI дизел моторот кој има 116 коњски сили и 250Nm вртежен момент. Од 0 до 100 км/ч забрзува за 10.7 секунди, а максималната брзина изнесува 190 км/ч. Перформансите кои ги има овој мотор се океј и е идеален за градско возење, но нема да ги задоволи барањата на сите купувачи. Автоматскиот 7-степен S-Tronic менувач работи перфектно, брзините ги менува брзо и скоро и да не осеќате кога ги менува. Мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше околу 7 литри на 100 изминати километри.

Што се добива во Sport нивото на опрема?- 17-инчни алуминиумски бандажи, спортски предни седишта, браници и прагови во боја на каросерија, кожен волан и менувач, алуминиумски лајсни на праговите на вратите, декоративни елементи во внатрешноста, MMI радио, прогресивен серво управувач, мануелен клима уред, ел. паркинг кочница, ел. ретровизори со LED светло, скоро сите безбедносни системи и многу друго…
Тест моделот имаше и плус дополнителна опрема како што се, панорамски сончев покрив, предни и задни паркинг сензори, двозонски автоматски клима уред, LED светла и Black Optic пакет.

За крај, какви се моите импресии од возењето на Audi Q2?
Поради повисоката седечка позиција го добивате она чувство на сигурност и поголема прегледност од A3, но само од напред и од страните. Назад стаклото е мало и поради големите задни столбови прегледноста е лимитирана, задни паркинг сензори се задолжителни доколку не сакате да го оштетите возилото при паркирање во тесни места. Една од работите која е феноменално добра и доаѓа стандард во сите модели е прогресивниот серво управувач, што повеќе го вртите управувачот толку станува полесен и побрз, а тоа значи помалку вртење на управувачот при маневрирање и паркирање. Општо, управувачот е многу прецизен и директен и во секој момент знаете што се случува со предните тркала. Суспензијата за ваков тип на возило е малку на потврдата страна и нерамнини и дупките на улиците ги осеќате малку повеќе, но не е до тој стапен да биде не удобно. А пак од друга страна, дури и на поголеми брзини во кривини како за SUV модел нема многу навалување и има доста солиден грип и стабилност. Освен оваа стандардна суспензија, Audi нуди уште две опции, едната е потврда спортска суспензија, а другата опција е адаптивна суспензија со Damping control и Audi Drive Select што ви овозмужува да одберете помеѓу неколку различни сетинзи за возење. На отворен пат, возењето е тивко и Q2 е релаксирано возило за долги патувања. Сепак, доколку сте љубител на подинамично возење, за тоа подобра опција би било А3.

Почетната цена на Audi Q2 Sport 1.6 TDI изнесува 30.064€.
Повеќе информации за возилото може да најдете на https://www.audi.mk/q2 или да го посетите продажниот салон на Audi.

ЗАКЛУЧОК
Ако Ви се допаѓа надворешниот дизајн на Q2 и сте во можност да платите екстра за премиум, купете го. Нема да згрешите. Life is too short to drive boring cars!
ПОЗИТИВНО
Високо ниво на персонализација.
Стилски, високо квалитетен ентериер.
Одличен избор на мотори.
НЕГАТИВНО
Потесна задна клупа.
Поголеми бандажи влијаат на комфорот.
4.5