ТЕСТ: Volvo XC90 T8 AWD Recharge Plus Dark

Историјата на Volvo XC90 започна во 2002 година. Првично, се веруваше дека таков автомобил најдобро ќе биде „примен“ само во САД и Канада, каде што XC90 беше многу популарен SUV од самиот почеток. Но овој модел веднаш стана доста популарен и воодушеви многу купувачи и во Европа. Речиси 12 години, Швеѓаните како да заборавија дека е потребен наследник на овој автомобил, а новата генерација се појави дури во 2014 година. Ова веројатно се должи на фактот што првиот XC90 совршено го издржа текот на времето и покрај постојаната појава на слични автомобили од конкурентски брендови, сепак добро се продаваше. Истото важи и за втората генерација на овој теренец, која има силна позиција во понудата на шведскиот бренд. 

Кога дебитираше првиот Volvo XC90, тој беше речиси сам на пазарот, бидејќи единствениот сличен автомобил во тоа време беше BMW X5.  Денес во истата класа има многу повеќе конкуренти и битката е многу потешка од порано. Тековната генерација на XC90 сега има навистина сериозна конкуренција, но и покрај долгите години на пазарот се уште успева да понуди нешто уникатно во споредба со конкурентните модели. Volvo старее како убаво вино. Тешко е да се поверува дека актуелниот модел, практично без визуелни промени, веќе „наполни“ 9 години. Безвременската линија и високото ниво на технолошки решенија значат дека клиентите кои го избираат најголемиот Volvo сепак добиваат добар производ.

Volvo е олицетворение на Шведска. Кога ќе се спомене некој модел од овој бренд првото нешто што ми „паѓа на памет“ е мир, тишина, комфор и врвен луксуз. Втората генерација на XC90 и покрај тоа што е 9 години на пазарот, визуелно се промени многу малку за ова време. Но, искрено дали би рекле дека автомобилот изгледа старо? Најверојатно одговорот би бил не. Volvo е бренд кој е познат по тоа што во своето портфолио нуди автомобили со безвременски дизајн во кој сè уште може да се ужива, па зошто да се смени нешто што не е „расипано“? Пред некоја година XC90 доби и фејслифт, сепак главните промени беа направени во однос на погонските единици. Надворешниот дизајн се промени речиси незабележливо, а суптилните промени вклучуваат редизајнирани браници, нови дизајни за тркалата и нови бои. Овие промени највеќе би ги забележале сопствениците на пред фејслифт верзијата. Генерално, XC90 е автомобил кој изгледа луксузно, суптилно, но истовремено и „директорски“ – особено во црна боја како тест примерокот. Не е автомобил по кој ќе се вртат сите минувачи и други учесници во сообраќајот (иако додека го имав на тест имаше доста љубопитни минувачи), а до некаде тоа е и добрата страна на Volvo. Голем дел од клиентите на овој бренд се луѓе кои не сакаат да „бодат очи“ со својот автомобил – тоа е една од главната работа што го издвојува Volvo од другите конкурентски брендови. 

Тестираниот примерок е во Plus Dark ниво на опрема, а тоа значи дека добива малку поспортски изглед, односно поспортски браници, уникатни бандажи и (како што кажува името), сите детали и елементи на надворешноста се во сјајно црна боја, но поради црната боја на каросеријата кај тест примерокот не доаѓаат толку до израз. Сепак, за некој кој е љубител на црно ова е идеалната комбинација. Инаку, големината на автомобилот изгледа доста добро камуфлирана. Но, немојте да се залажувате, ова е навистина многу голем автомобил. Тоа ќе го препознаете не само при паркирање и маневрирање во тесни места, туку и во просторната понуда внатре.  При изборот на овој модел, вреди да се биде свесен за неговата големина. Должината на Volvo XC90 изнесува 4.953 мм, ширината изнесува 2.140 мм, висината е 1.776 мм и меѓуоскиното растојание изнесува 2984 мм. 

Внатрешноста, и покрај речиси една деценија постоење на пазарот е исто така без значителни модернизации. Направени се неколку козметички и технички промени – особено во однос на инфозабавниот екранот и дигиталната инструмент табла која е исклучително читлива и интуитивна, но генерално ништо револуционерно. Често се случува да има коментари дека Volvo не е на ниво на другите конкурентни брендови, а јас воопшто не би се сложил со тоа. Особено за XC90 кој е несомнено автомобил од високата класа. И тука Швеѓаните не разочаруваат. Она што ги разликува премиум автомобилите пред се не е опремата, туку општо сфатената удобност и изолација од надворешниот свет, а тука тоа е на многу високо ниво. 

Самата внатрешност јасно покажува дека ова е автомобил фокусиран на удобноста. Имаме меки и пријатни материјали на допир насекаде околу нас, супер-удобни седишта и елементи од вистинско дрво. Лично, многу голем фан сум и на конфигурацијата на тест примерокот, односно „Amber“ бојата на Nappa кожните седишта во комбинација со „Black Ash“ декоративните елементи, сето ова дава еден уште попријатно и полуксузно чувство во кабината. Инаку, предните седишта се опремени со греење и ладење, додека задните седишта добиваат само греење. Во оваа прилика морам да го пофалам и Harman/Kardonn аудио системот кој има не реално квалитетен звук, аудиофилите ќе бидат доста импресионирани од ова. Дополнително, тука е и уште една дизајнерска карактеристика, односно „проѕирна“ рачка за менувачот. Односно, рачно изработено од оригинален шведски кристал од мајсторите од Orrefors. Ова е мала работа, но ќе ги израдува сите кои се љубители на суптилни детали. 

Благодарение на едноставната форма и минималистичкиот пристап, целата кабина изгледа свежо и модерно. Има голема централна единица со 9-инчен дисплеј за инфозабавниот систем кој ги обезбедува сите потребни функции. Ова е и една од главните новости – XC90 го доби новиот инфозабавен систем кој е базиран на Android Automotive OS, така што можеме да инсталираме која било апликација од продавницата на Google, а има и навигација базирана на Google Maps. Зад воланот добиваме освежена дигитална инструмент табла, која е подеднакво едноставна и минималистичка, дури можеби и премногу минималистичка. Освен мапата во средина, не може ништо друга да се конфигурира тука. Ова значи дека Volvo, благодарение на својата едноставна формула, може да биде безвременски и не мора да се надминува себеси во измислување сè пософистицирани форми за да го заинтересира потенцијалниот купувач.

Големата големина на автомобилот дозволувa многу комотен простор внатре. Во вториот ред седишта има многу простор за нозете и главите на патниците, а во него може удобно да се сместат до три лица, единственото нешто што може да вознемирува е големиот централен тунел и конзолата со две дополнителни климатски зони. Дополнително, задните седишта се лизгаат независно, овозможувајќи ви да управувате со просторот за патниците и багажот. XC90 има и трет ред на седишта (опционално), кој можеби не е толку удобен како другите седишта, но лесно може да прими дури и возрасен човек. Сепак, подолгото патување во третиот ред седишта е удобно само за деца. 

Нути просторот за багажникот не е променет и покрај додавањето на батерии во конкретната хибридна верзија. Со сите 7 седишта поставени, останува уште 262 литри простор во багажникот. Доколку не ни треба дополнителен трет ред на седишта, овој простор се зголемува на 640 литри. А ако треба да транспортираме поголеми предмети, можеме да го преклопиме вториот ред седишта, добивајќи целосно рамен под по целата должина и дури 1.816 литри товарен простор. Багажниот простор е многу добро осмислен, има места за мрежи, има преклопна преграда што го дели товарниот простор, а воздушната суспензија ви овозможува да ја намалите висината на автомобилот за 5 сантиметри користејќи копчиња во багажникот за да помогнете во товарењето на багажот.

Што се однесува до погонските единици, Volvo XC90 е достапен со дизел и бензински мотори, како и Plug-In хибридна верзија. Сите верзии се со 2.0-литарски мотор и сите стандардно се опремени со 8-степен автоматски менувач и AWD погон на сите четири тркала. 

Тест примерокот е T8 AWD Recharge – односно најмоќната верзија на XC90. Под хаубата наоѓаме 2.0-литарски бензински мотор со турбо полнач кој испорачува моќност од 310 коњски сили. Овој мотор е спарен со електромотор и батерија која сега е со зголемен капацитет од 18.9 kWh. Она што се промени кај оваа верзија е електричниот мотор и батеријата. Всушност, сега имаме вкупна моќност од 455 коњски сили од хибридниот систем. Има промени и во однос на перформансите – забрзувањето до 100 км/ч сега трае 5,4 секунди, односно 0,2 секунди побрзо од претходно и како резултат на тоа, ова е исклучително брзо за автомобил тежок речиси 2,3 тони. Максималната брзина е ограничена на 180 км/ч, така што и овде нема да имаме преголема корист од поголема моќност. Вкупниот максимален вртежен момент на хибридниот систем е импресивни 709 Nm. Автоматскиот менувач со 8-брзини Geartronic torque converter работи многу брзо и ефикасно одговара на посакуваното барање. Верзијата T8 Recharge обезбедува голема флексибилност во секое време.

Сепак, промената направена во хибридниот систем имаше вистинско влијание врз чисто електричниот опсег. Производителот декларира домет до 73 километри, но во реалноста можеме да поминеме околу 55 до 60 километри само на електрична енергија со целосно наполнети батерии. Ова е за 20 километри повеќе отколку кај претходникот, а дополнително, електромоторите генерираат доволно енергија за да ја елиминираат потребата од палење на моторот со внатрешно согорување дури и при големи брзини. Да ве потсетам уште еднаш, автомобилот тежи скоро 2,3 тони. Интелигентниот систем за контрола на енергијата на Volvo знае кога батеријата е при крај, па соодветно на тоа ја полни батеријата, така што „нешто“ е секогаш достапно, на крајот на краиштата, не се работи само за заштеда, туку и за поддршка на перформансите. 

Достапни се неколку режими на возење – Hybrid (системот автоматски регулира кој мотор ќе го користи), Pure (возење само не електрична енергија), Power (максимални перформанси од хибридниот систем), Off-Road (за екстремни теренски услови) и Constant AWD (двата мотори работат постојано за константен погон на сите тркала). Во стандардниот Hybrid режим и возење во градски услови, овој голем SUV има просечна потрошувачка од импресивни 2 до 2.5 литри гориво. Кога батериите ќе се испразнат целосно, во истите услови автомобилот има потрошувачка од 11 до 12 литри – што повторно и ова е импресивна бројка за толку голем SUV. На отворен пат, со возење по пропишаната брзина потрошувачката има значителна разлика во однос на тоа дали батерија е полна или празна. Со полна батерија, борд компјутерот покажа потрошувачка од околу 7.5 до 8 литри, додека пак со празна батерија се зголемува на 9 литри на 100 изминати километри. 

XC90 е голем автомобил и не е толку лесен за маневрирање. За среќа, возачот е поддржан од голем број електронски помагала со многу корисни 360 степени камери. Сепак, возењето во густ сообраќај или на тесен паркинг во овој автомобил долг речиси 5 метри не е лесно. Но, тоа не значи дека е и невозможно, само треба да се биде малку повнимателен. Масивната форма на XC90 значи дека практично не ја чувствуваме брзината што ја добива веднаш. Внатрешноста е тивка, а тивкото режење на четирицилиндричниот мотор може да се слушне само кога моторот се „врти“ на повисоки вртежи. Со последното освежување има промени и на шасијата, а поточно – подобрена е воздушната суспензија. Па и покрај големите 21-инчни бандажи, нема екстремно влијание врз комфорот во возење – XC90 се движи на релаксирачки начин и смирува со неверојатна удобност. Дополнително, оваа суспензија со избирање на режими на возење, ви овозможува да ја прилагодите висината во опсег од 24 сантиметри! Највисоката позиција е наменета за Off-Road режимот, кој е достапен при брзина до 40 км/ч. Сепак, без разлика дали ќе се префрлиме на спортски режим или не, Volvo сепак ќе се стреми да постигне најголема можна удобност при возењето. 

Меѓу другото, подобрено е и управувањето. Недостигот на механички врски ги елиминира загубите на енергија и доцнењата, па реакциите се моментални, што се чувствува особено при излегување од влажни свиоци. XC90 дава повеќе сигнали за тоа што се случува на асфалтот. Самиот автомобил стана поудобен, предвидлив и во исто време вози доста подобро – што повеќе би можеле да побарате? XC90 е автомобил наменет за долги патувања. Сака автопатишта долги неколку стотици километри, кога во елегантен ентериер, со прекрасен аудио систем, времето и патот што поминува добиваат поинаква димензија. Возачот и патниците се опкружени со елегантен ентериер со дрвени облоги и многу квалитетни кожни седишта кои нудат беспрекорна удобност.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Цената на тестираниот модел Volvo XC90 T8 AWD Recharge Plus Dark изнесува 108.460 евра.

Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Volvo. 

ЗАКЛУЧОК
И покрај малкуте промени во последните неколку години, Volvo XC90 е сè уште добар избор кој нуди нешто различно и уникатно, а на кој ништо не му недостасува во поглед на стилот, безбедноста, функционалноста, а во овој случај - и перформансите.
Ниска потрошувачка во градски услови
Пространа и луксузна внатрешност
Совршен автомобил за долги патувања
Перформанси
Големината може да биде проблематична во град
Ентериерот е елегантен но изгледа малку застарено
4.5