ТЕСТ: Volvo XC60 D4 AWD Momentum Pro

XC60 е еден од најважниот и воедно најпродаваниот модел на Volvo. Во автомобилскиот сектор, непишано правило е тоа дека секој модел се обновува на секои 6 до 7 години. Volvo, првата генерација на XC60 ја задржаа цели 10 години, а секако тој модел во текот на годините доби и неколку освежувања. Причината поради која првата генерација остана толку долго на пазарот е тоа што секоја година XC60 се продаваше во се поголем број и достигна вкупна продажба од повеќе од 1 милион примероци. Во 2017 година, Volvo ја претстави долгоочекуваната втора генерација на својот популарен SUV модел која пристигна со нов, свеж дизајн, уште полуксузен и понапреден ентериер, нови мотори и секако голем број на најнови безбедносни системи.

Револуцијата на Volvo пред неколку години ја започнаа моделите од серијата 90 (S90, V90 и XC90). Нешто подоцна пристигна и новиот XC60 кој воедно ја користи истата SPA (Scalable Product Architecture) платформа од претходно наведените модели. Автомобилите на Volvo отсекогаш се издвојувале од своите директни конкуренти – и за дизајн и за возни карактеристики. Сега ќе се задржам на дизајнот – втората генерација на XC60 има многу поубав и поелегантен изглед од својот претходник, а инспирацијата за дизајнот е превземема од поголемиот XC90, па затоа ќе забележите некои дизајнерски елементи на XC60 кои ги има и XC90. Од било кој агол да го гледате, XC60 едноставно изгледа привлечно – да бидам искрен, јас не би ја одбрал оваа црна боја бидејќи достапен е голем избор на многу други поубави бои кои го прават возилото уште попривлечно и поелегантно. На предниот дел, веднаш воочливи се full LED светлата во Т-форма и дневните светла кои се со добро познатиот „Thor’s hammer“ дизајн. Страничниот дел е со чисти и мазни линии, додека задниот дел е дефиниран со големи светла во L-форма кои како и предните се со препознатливиот Volvo дизајн. А во време кога голем дел од автомобилите добиваат „fake“ отвори за издувот, XC60 има вистински цевки за издув – од двете страни на браникот по една. Другите премиум брендови своите SUV модели сега ги прават со се поспортски и подинамичен дизајн, додека XC60 е со едноставен и смирен дизајн кој одлично се вклопува со намената на возилото. И да, иако овој модел е претставен во 2017 година сеуште изгледа некако свежо и ново.

Кога ќе ја отворите вратата и седнете зад управувачот атмосферата е типично скандинавска, а целиот ентериер во XC60 одлично се вклопува со елегантниот екстериер. Дизајнот на кабината е минималистички и едноставен, а отсуството на физичките копчиња и централно поставениот вертикален дисплеј се работи кои се веднаш приметливи. Нешто што заслужува огромна пофалба е квалитетот на сите материјали кои се искористени во кабината – каде и да допрете се е меко и многу квалитетно. Барајте колку сакате, но во XC60 нема да најдете место на кое е поставено тврда пластика која после некое време ќе почне да крцка. Доколку седнувате прв пат во новите модели на Volvo, на почеток може да ви бидат малку чудни контролите за повеќето функционалности на возилото, но верувајте многу брзо ќе ги навикнете, а и сите копчиња се позиционирани на перфектно место. Пред возачот се наоѓа дигитална инструмент табла (стандардна во сите модели), а на централната конзола поставен е 9-инчниот „portrait style“ дисплеј за infotainment системот, кој исто така е стандард во сите модели и нема избор за поголем или помал дисплеј, како опција достапен е само вграден навигациски систем. Системот работи брзо, интуитивен е и менито е многу едноставно, а секако добивате и поврзување со Apple CarPlay и Android Auto. Физички копчиња има само за оние работи кој се користат секојдневно, сите други функции се контролираат преку дисплејот – а искрено, јас не сум баш голем фан на ваквото ракување, но во споредба со некои други модели, тука е за нијанса подобар и поедноставен распоредот на функциите. Нешто што исто така вреди да се напомене е тоа што графиката и резолуцијата на паркинг камерите е кристално чиста. Како голем фан на добро озвучување, стандардниот аудио систем кој го добивате во XC60 има навистина импресивен квалитет, а оние кои сакаат нешто подобро од тоа, како опција достапни се Harman Kardon и 1.400W Bowers & Wilkins премиум аудио системи. Предните седишта се тенки и имаат одлична форма, а токму седиштата на Volvo се едни од најудобните на пазарот. Опционално се достапни и со електрично подесување во сите насоки, греење и ладење, како и со функција за масажа.

Со оглед на тоа што XC60 е фамилијарен SUV модел со средна големина, просторот на задните седишта е импресивен. Двајца патници од 185cm ќе може да седат комотно и воедно да имаат сосема доволно простор како и за нозете, така и за главата. Без некаков голем проблем ќе може да се сместат и тројца патници, но седењето во средина на подолги релации не е најпријатно. Багажникот има широко отворање, а тест моделот беше опремен и со електрично отворање/затворање на вратата од бажникот, плус подот е комплетно рамен и формата е доста компактна. На располагање достапни се 505 литри багажен капацитет – што е неколку литри помалку од некои конкурентни модели. Со спуштање на задните седишта се добива капацитет од 1.432 литри.

Моделот кој што го имав на тест под хаубата беше опремен со 2.0-литарски турбодизел мотор со ознака D4 – на располагање достапни се 190 коњски сили при 4250 вртежи во минута и 400 Nm вртежен мометн од 1750 до 2500 вртежи во минута. Конкретно тестираниот модел, силата ја пренесува на сите четири тркала преку 8-степен автоматски менувач, а забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае сосема солидни 8.8 секунди, додека максималната брзина изнесува 205 км/ч. Инаку, моторите на Volvo користат два турбо-полначи со PowerPulse технологија, а со ова се елиминира доцнењето на турбополначот. Затоа е поставен уште еден помал турбополнач кој е задолжен и се активира на помали вртежи. Повлекувањето на овој мотор не е премногу моќно, но е совршено мазно и сосема доволно. При првото, ладно палење моторот е малку погласен и го има оној прав дизелски звук, но после тоа е тивок и не се пренесуваат никакви вибрации во кабината. Генерално, перформансите на овој мотор се комплетно задоволителни, има добра динамика, пристојна изолација и прифатлива потрошувачка. Автоматскиот менувач е добар и менувањето на брзини е мазно, но во споредба со некои други автоматски менувачи е малку мрзелив и не е идеален за динамично возење – а од друга страна пак, не купувате вакво возило за да возите динамично, така што за нормално возење во градски и надвор од градски услови одлично си ја завршува работата. Мојата просечна потрошувачка од неколку дневното возење изнесуваше 8-8.5 литри на 100 изминати километри, поголем дел од километрите беа поминати во град дополнети со неколку кратки релации на автопат.


Volvo во својата понуда нуди само 2.0-литарски мотори, а со новата моделска година сите мотори добиваат mild-hybrid систем. Така што, тоа XC60 што ќе го купите сега ќе биде со ознака B4 наместо D4 и овој нов мотор сега има 197 коњски сили. Доколку сакате појак дизел мотор, на располагање е моторот со ознака B5 кој има 235 коњски сили. Кај бензинците понудата започнува со B5 кој има 250 коњски сили, а следен е B6 со 300 коњски сили. Volvo XC60 е достапен и во две Plug-in Hybrid изведби – T6 кој има 340 коњски сили и на врвот на понудата е моделот T8 twin-engine со 390 коњски сили.


Достапни се четири нивоа на опременост – Momentum, Momentum Pro, Inscription и спортското R-Design. Тест моделот беше во почетното Momentum Pro ниво, а дел од стандардната опрема која ја содржи вклучува: Full LED предни и задни светла, 18-инчни бандажи, City Safety, дво-зонски автоматски клима уред, Hands-free клуч, Електрична врата на багажникот, 12,3“ дигитална инструмент табла, 9“ дисплеј за инфозабавниот систем, навигација, Apple Carplay и android Auto, сензори за паркирање напред/назад, задна паркинг камера, темпомат, Lane keep assist, сензор за дожд и многу друго…

Приоритетот на Volvo отсекогаш бил да понуди што е можно побезбедно и покомфорно возило, а возењето во XC60 е токму такво какво што би очекувале од еден фамилијарен SUV модел. Во град XC60 се вози навистина лесно, управувачот е лесен за маневрирање, прегледноста е на високо ниво, а тука се и сите сензори, камери и безбедносни системи кои придонесуваат за поедноставно и порелаксирано возење. Суспензијата не е премногу мека, но тестираниот модел со 18-инчни бандажи одлично се справуваше со сите нерамнини и дупки на патот, без притоа да се пренесат некои несакани вибрации во кабината. XC60 не сака да биде возен премногу динамично, не дека не е добар во тоа, но едноставно поради тежината и сетапот на суспензијата навалувањето во кривини е малку понагласено, а и не добивате премногу повратни информации од управувачот. На крај на денот, ова е сосема прифатливо и океј бидејќи XC60 е направен да се вози смирено, а така ќе уживате во неговата удобност и рафинираност. Всушност, „домата“ на XC60 е автопатот. Идеално возило за сите оние долги патувања – зошто? Бидејќи таму возењето е толку рафинирано и тивко што дури и после неколку илјади километри воопшто нема да се чувствувате изморено. Опционалниот Pilot Assist (тест моделот ја имаше оваа опција) е уште еден чекор напред за XC60, претворајќи го овој SUV во „self-driving“ автомобил, каде што вие треба само да ги држите рацете на воланот и сами да менувате лента. Понатаму, самиот автомобил ја контролира брзината и кочи кога тоа е потребно. Исто така, самиот автомобил интервенира во сите видови на можни опасности и пречки на патот кој можат да се појават. А тука е и “Oncoming Lane Mitigation” системот кој манипулира со воланот и сопирачките доколку постои ризик од судир со друго возило што доаѓа. Со едноставни зборови, ете зошто автомобилите на Volvo се едни од најбезбедните!

Цената на вака опремен Volvo XC60 модел изнесува 55.990 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Volvo Car Macedonia.

ЗАКЛУЧОК
Претходниот Volvo XC60 стабилно стоеше на врвот во својот сегмент скоро една деценија. Новата генерација има се што е потребно за да ја задржи таа водечка позиција: модерен и атрактивен изглед, софистициран комфор при возење, широк спектар на системи за безбедност и одлична понуда на мотори. Доколку барате SUV возило со средна големина, кое ќе може да ви понуди голема практичност и удобност во возењето, тогаш XC60 дефинитивно треба да биде на вашата листа.
ПОЗИТИВНО
Врвна безбедност.
Свеж и убав дизајн.
Комфорно и рафинирано возење.
НЕГАТИВНО
Малку “мрзелив” автоматски менувач.
Некои конкуренти нудат поголем багажен простор.
4
More Stories
Тест: Škoda Octavia 1.6 TDI AMBITION