ТЕСТ: Volvo XC40 T5 Recharge Ultimate Dark

Најмалиот SUV модел на Volvo повторно пристигна на тест кај мене, до сега веќе неколку пати и во неколку различни верзии го имам возено XC40, но причината за сега повторно да седнам зад управувачот на XC40 е тоа што неодамна Volvo (суптилно) го освежи автомобилот. Верзијата за која ќе зборуваме денес е T5 Recharge, односно помоќната Plug-in Hybrid верзија која е достапна кај XC40.

Volvo беше еден од првите конвенционални производители на автомобили што ја претстави раната иднина на електрификацијата за своите модели. Денес, сите модели на Volvo имаат помал или поголем хибриден систем, а се појавија и неколку целосно електрични модели. Всушност, Volvo беше и еден од пионерите конкретно на Plug-in Hybrid технологијата кај XC60 и XC90, а понатаму ја пренесе и на XC40.

Ајде накратко да позборуваме и за промените на надворешноста кај овој фејслифт модел. И во другите тестови имам спомнато дека XC40 е модел кој се разликува од сите други модели во понудата на Volvo. Дизајнот е подинамичен, покоцкаст и едноставно поинтересен. Визуелно, уште пред фејслифтот автомобилот изгледаше убаво и атрактивно, а се издвојуваше и од своите конкуренти. Сето тоа значи дека формулата за дизајн Volvo ја погодиле „уште од прва“, па затоа сега со освежувањето променети се само некои мали детали и елементи. Всушност, главните промени се направени на предниот дел – новиот модел добива редизајнирани Full LED фарови, редизајниран преден браник и минимално променет дизајн на решетката. А со сите овие промени, XC40 го добива „лицето“ кое за прв пат го видовме на целосно електричниот C40. Па така, овие два модели, од напред изгледаат скоро идентично.

Во профилот, освежениот модел не претрпе никакви промени, освен тоа што сега се достапни целосно нови дизајни за алуминиумските бандажи кои се движат со големини од 18 па се до 21 инчи. Конкретно тест примерокот е опремен со 20 инчни бандажи кои според мене изгледаат фантастично и придонесуваат за доста поатрактивен изглед – без да биде нарушен комфорот во возење. На задниот дел, освен суптилно редизајнираниот долен дел на браникот нема никакви промени, а да бидам реален не ни беа потребни. Тука се истакнуваат карактеристичните големи вертикални светла кој исто така се со LED технологија. Друга новост се и целосно новите нивоа на опременост кои добиваат нови имиња и побогата стандардна опрема, како и „темите“ Bright и Dark. Тест моделот е опремен со Dark тема која како што кажува и името значи дека сите елементи на надворешноста се во сјајно црна боја, а тоа вклучува – предната решетка, отворите за воздух, елементите каде што се поставени магленките, страничните ретровизори, кровните носачи, лајсните околу прозорците, долниот дел на задниот браник и така натаму. Со исклучок на дополнителното „капаче“ на предното лево крило кое што служи за полнење на батериите, Plug-in Hybrid верзијата изгледа идентично како и другите верзии со конвенционален мотор со внатрешно согорување, а тоа е одлична работа.

Во внатрешноста продолжува истата приказна, промените кои се направени тука се минимални и само дополнително ја подобруваат практичност и ергономијата. Ентериерот во XC40 го задржува оној карактеристичен шведски стил каде што големо внимание е посветено на деталите и самото чувство кога седите внатре. Иако станува збор за најмалиот SUV модел во понудата, материјалите кои се поставени низ целата кабина се меки на допир и со одличен квалитет. Посебна пофалба заслужува и практичност во кабината бидејќи има премногу места за одлагање на различни работи. Инаку, првата работа што веднаш ќе ја приметите конкретно кај тест моделот кога ќе ја отворите вратата е синиот теписон низ целиот автомобил – во долниот дел на кабината, како и во вратите. Ова дефинитивно нема да биде по сечиј вкус, но мене ми се допаѓа и придонесува за едно посебно и пријатно чувство додека сте во автомобилот. И да, ова е дополнителна опција. Друга убава работа се седиштата кои се обвиени во алкантара и кожа, не само што изгледаат прекрасно, туку нудат одлична странична поддршка и максимална удобност при патување.

Промените во внатрешноста вклучуваат редизајниран управувач, редизајнирана централна конзола со нова рачка за менувачот и сега (за жал) кристалната рачка која се добиваше во највисокото ниво на опременост е заменета со обична црна рачка која што се добива и во освежениот XC60. Дополнителни промени се направени и во декоративните елементи кои се протегаат низ контролната табла и вратите и истите тие сега се осветлени навечер – многу уникатно решение за амбиентално осветлување. Пофалба и за опционалниот Harman Kardon аудио систем кој особено ќе им се допадне на аудиофилите кои почитуваат ултра-квалитетен звук во својот автомобил.

Да позборуваме малку и за технологиите – пред возачот е поставена целосно дигитална инструмент табла со големина од 12.3-инчи, графиката е одлична и достапни се неколку опции за конфигурација. На централната конзола се наоѓа 9-инчен екран во класичен портрет стил кој е задолжен за инфозабавниот систем и контролите за клима уредот. Софтверот сега е со нова верзија и премногу едноставен за користење, дури и прв пат да седнувате во автомобилот многу лесно ќе се снајдете со користење на системот. Графиката е чиста и респонзивноста е на доста солидно ниво. Што се однесува до контролите за клима уредот, би сакал да има барем неколку физички копчиња за основните работи, но лесно се привикнувате и на овој начин на ракување. Во долниот дел на екранот секогаш стојат икони преку кои ја контролирате температурата, јачината на клима уредот, како и греењето на седиштата и на воланот.

Volvo за оваа Plug-in Hyrid верзијата одлучи батериите да ги постави во централниот тунел, а благодарение на тоа просторноста и практичноста на задните седишта е иста како и кај верзиите со ICE погон. Сето тоа значи дека двајца патници ќе можат сосема комотно да се сместат на задните седишта и да уживаат и на подолги патување. Трет патник би можел да се смести по потреба, но поради тоа што седиштето во средина е малку повисоко удобноста нема да биде идентична како на другите патници кои ќе седат од страните.

Корист од поставеноста на батериите има и багажниот простор кој нуди 460 литри капацитет што е идентично како и кај другите верзии, а двојниот под го елиминира прагот на товарање и се добива комплетно рамна површина. Во багажникот може да се најдат куки, закачалки и вдлабнатини од двете страни кои може да се искористат за дополнително складирање на помали предмети. Со спуштени задни седишта багажниот простор прераснува на 1336 литри капацитет.

Plug-in хибридната T5 Recharge верзија на Volvo XC40 се заснова на 1.5-литарски трицилиндричен турбо-бензински мотор кој испорачува 180 коњски сили и 265 Nm вртежен момент, дополнително спарен со електромотор кој испорачува 82 коњски сили и 160 Nm вртежен момент, како и батерија од 10.2 kWh. Вкупната системска моќност изнесува 262 коњски сили и 425 Nm вртежен момент. Овој систем, за разлика од Plug-In хибридниот T8 познат од поголемите модели на брендот, нема погон на сите четири тркала, туку само преден погон. AWD погонот кај XC40 е ексклузивно достапен само кај mild-hybrid погонските единици. И покрај ова, погонот работи толку ефикасно што со силно забрзување на ладен дождлив ден нема да има лизгање на тркалата. Volvo се грижи за безбедноста и културата на возење во сите услови.

Иако Volvo се фокусира главно на безбедноста, не може да се оспори моќта која ја нуди овој погон. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 7.3 секунди, вака можеби и не звучи толку импресивно, но во реалноста забрзувањето личи како да е и побрзо од декларираните бројки. Максималната брзина која може да ја постигне е електронски ограничена на 180 км/ч – за оние што не се запознаени со ова, сите нови модели на Volvo имаат електронски ограничена максимална брзина од 180 км/ч. Благодарение на фактот што тука се користи ново развиен 7-степен автоматски менувач со двојна спојка, не се слушаат никакви непријатни звуци од моторот во кабината. Покрај тоа, XC40 е толку добро звучно изолиран што дури и со побрзо, подинамично возење е исклучително тивко.

Дали може да се заштеди со оваа Plug-in Hybrid верзија? – ако го користите правилно автомобилот може многу да заштедите. На што точно мислам кога велам правилно – овие автомобили бараат одредено привикнување во однос на користењето кога ќе се споредат со класични автомобили со бензин или дизел мотори. Секој пат кога имате можност треба да го приклучите на полнач, дали било тоа во трговски центри, на паркинг, дома или слично. На тој начин, батеријата никогаш нема да биде целосно празна и постојано ќе имате некаква „резерва“ во неа што ќе ви овозможи возење во чист електричен режим. Според официјалните податоци, XC40 T5 Recharge со полна батерија само на струја може да помине до 45 километри, во реалноста очекувајте опсег од 35 до 40 километри – нормално во зависност од условите и начинот на возење. На полнач од 11 kW, ако батеријата е целосно испразнета ќе и требаат околу два и пол часа за целосно да се наполни, но пак ќе повторам дека не треба да чекате да се испразни за да го приклучите на полнење. Доколку автомобилот го полните на јавно достапните полначи, нема да треба ништо да платите бидејќи сега за сега сите тие полначи се бесплатни, а тоа значи дека едноставно може да возите за „без пари“. Океј, но што е со потрошувачката кога се користи и бензинскиот мотор? – во хибриден режим на возење каде што автомобилот сам одредува кој мотор кога ќе го користи, просечната потрошувачка изнесува околу 3.5 до 4 литри. Во ситуација кога ќе се користи исклучиво само бензинецот, во градски услови потрошувачката изнесува околу 7.5 литри на 100 изминати километри.

Plug-in Hybrid автомобилите според мене имаат највеќе смисла од сите електрифицирани верзии кои се достапни. Особено во нашата држава со оглед на моменталната инфраструктура на полначи која ја имаме…Зошто го имам ова мислење? -новиот Volvo XC40 T5 Recharge како што кажавме, само на струја со полна батерија може да помине од 35 до 40 километри. Тоа е сосема доволен опсег бидејќи просечен човек во Македонија дневно поминува отприлика толку километри. Е сега, тоа значи дека секој ден возењето во град ќе може да биде само на струја, а доколку се полни на јавно достапните полначи сето тоа ќе биде бесплатно. Океј, но што станува кога треба да одите на некој подолг пат? – тогаш работата ја превзема конвенционалниот мотор со внатрешно согорување и тоа значи дека може да одите на подолги патувања без никаков проблем и без „секирање“ дали батеријата е полна!

Оваа верзија на XC40 е надополнета со батерии, а тоа значи дополнителни 200 килограми на вкупната тежина од 1818 килограми на автомобилот. Благодарение на добрата моќност значи дека нема да чувствуваме голема тежина додека возиме. Ова исто така важи и за чувството зад воланот. Дополнителната тежина не влијаеше негативно на ракувањето. Volvo XC40 не е фокусиран на динамично возење во кривини, шасијата е првенствено фокусирана на удобност со способност за побрзо возење. При совладување брзи свиоци нема да доживееме претерано „нишање“ на каросеријата, а гумите со низок профил даваат добра прецизност при возењето. Во градски услови на возење, и покрај тоа што суспензијата е поцврсто сетирана комфорот воопшто не е нарушен. Па така, маневрирањето низ градскиот метеж е едноставно и ова е навистина лесен автомобил за возење. Рафинираноста продолжува и при возење на автопат каде што кабината е тивка и без проблем може да се поминуваат стотици километри.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Цената на тестираниот модел Volvo XC40 T5 Recharge Ultimate Dark изнесува 61.900 евра.

Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Volvo Cars.

ЗАКЛУЧОК
Врвната plug-in хибридна верзија одлично се вклопува со модерниот профил на XC40, но оваа верзија нема да биде идеална за секого. Тука зависат индивидуалните преференци и можноста за редовно полнење, бидејќи ако не го полните редовно автомобилот ја губи правилната смисла и во тој случај е подобро да се избере некој од mild-hybrid погонските единици.
Удобно и рафинирано возење
Атрактивен дизајн
Практична кабина
Просечен багажен простор
Plug-in Hybrid верзијата не е достапна со AWD погон
4