Тековната генерација на Toyota Yaris е присутна на пазарот од 2020 година – и е еден од најпопуларните супермини автомобили бидејќи нуди токму она што е потребно за ваков тип на автомобил, а како плус тука е и хибридниот погон кој конкретно во градски услови на возење е многу економичен. Покрај хибридните погони, Yaris беше достапен и со класични атмосферски бензински мотори спарени со мануелен менувач. Но, сега со освежувањето тие класични бензинци се тргнати од понудата и единствената опција останува само хибридниот погон.
Toyota понекогаш пристапува на неконвенционален начин кон нештата, па затоа новиот освежен Yaris речиси и да нема промени на надворешноста. Јапонците му пристапија на Yaris на многу прагматичен начин, не обидувајќи се повторно да го измислат „тркалото“. Затоа освежената верзија на Yaris не е еволуција. Тоа е ажурирање што ќе го направи автомобилот сè уште привлечен.
Визуелно, Toyota Yaris е автомобил кој не остаре толку многу. Затоа производителот не одлучил да ја освежи својата естетика. Новиот Yaris најлесно се препознава одзади, каде што се појави сина точка со ознака за хибриден погон. Покрај тоа, променети се и предните и задните светла – но ова важи само за верзиите во повисоко ниво на опрема каде што се добиваат светла со LED технологија. И променети се тие, на прв поглед, барем од надвор може и да не забележите дека станува збор за освежена верзија. Ништо не требаше да се направи, и ништо не беше направено.
Во внатрешноста приказната е малку поразлична и тука може да се забележат повеќе промени. Автомобилот доби неколку детали кои го модернизираа градскиот хечбек и го направија самото користење многу пофункционално. Освежениот Yaris дови нов инфозабавен систем и нова дигитална инструмент табла – ова важи само за повисоките нивоа на опременост. Во однос на дизајнот на кокпитот – нема никакви промени и кабината останува практична со одлична ергономија и сосема задоволителен квалитет на материјалите со оглед на категоријата во која припаѓа.
Основните три нивоа на опременост добиваат нов 9-инчен централен екран со Toyota Touch 3 систем (како што е во тест примерокот), додека двете највисоки нивоа на опременост го добиваат целосно новиот Toyota Smart Connect инфозабавен систем со 10.5-инчен екран. Основниот инфозабавен систем има поедноставна графика, но податоците на екранот се големи и лесни за читање. Контролната логика е прилично лесна за разбирање, што деновиве веќе тоа е и реткост. Ми се допаѓа брзиот одговор на командите и целокупната функционалност, а сега стандардно се добива и безжично поврзување преку Apple CarPlay и Android Auto. Секој што има искуство со овие мултимедијални системи од модерните Toyota модели ќе се чувствува како дома во освежениот Yaris. Само штета што фејслифтот заборави на паркинг камерата. Сè уште ја има истата резолуција како камерата на мобилен телефон од 2009 година.
Бидејќи модернизацијата беше потехничка од глобална перспектива, ништо не се промени во однос на внатрешниот простор и практичноста. Toyota Yaris има должина од само 3940 милиметри што го прави еден од помалите модели во класата. Задните врати не се отвораат многу широко, а простор на задните седишта е до некаде и лимитаран, главно за нозете. Двајца патници со просечна висина ќе можат да се сместат тука, но оние повисоките може да имаат проблем со просторот за нозете.
Нема промени ниту во багажниот простор, Yaris нуди багажен капацитет од 286 литри. Просторот е во правилна коцкаста форма и лесно може да се направи правилен распоред за некои помали ранци или куфери.
Најважната промена е невидлива за „голо око“, а тоа е целосно нов хибриден погон со 130 коњски сили. Сепак, овој пат нема да зборуваме за тој погон бидејќи тест примерокот е со послабиот хибриден погон. Поточно, станува збор за погон кој комбинира 1.5-литарски трицилиндарски атмосферски бензински мотор со мала батерија од 0.76 kWh и електромотор кој е интегриран во менувачот. Вкупната системска моќност изнесува 116 коњски сили и 141 Nm вртежен момент. Силата се пренесува на предните тркала преку веќе добро познатиот e-CVT менувач – кој сега е уште повеќе усовршен и неговата работа е значително подобра и поефикасна. Во однос на перформансите, забрзувањето до 100 км/ч трае 9.7 секунди, додека максималната брзина е 175 км/ч.
Вака „на хартија“ овие бројки можеби и не се толку спектакуларни, но во реалноста се и повеќе од доволни, со оглед на тоа што ова е автомобил кој голем дел од времето ќе го помине во градски услови на возење. Во овие услови освен одличните перформанси до израз доаѓа и економичноста на оваа најнова генерација на хибриден погон. Со нормално возење и без премногу „пазење“, борд компјутерот покажува потрошувачка која се движи околу 4.5 литри, а особено е економичен во оние тргни-застани ситуации што се секојдневие на улиците во Скопје бидејќи бензинецот воопшто не е во функција и се користи само електромоторот. Како е при поголеми брзини на автопат? И во овие услови хибридниот погон успева да понуди навистина солидни перформанси и нема никаков проблем да достигне брзини од 120-130 км/ч, а истовремено и без проблем ја одржува таа брзина. Тука потрошувачката се движи околу 6-6.5 литри – што повторно е одлична бројка.
Други забележливи промени скоро и да нема. Секако, јапонските инженери се обидоа да усовршат некои елементи невидливи за нашите очи. Но, кога станува збор за субјективните впечатоци, Yaris останува убав и успешен градски автомобил. Дополнително тој е ергономски, економичен и доста добар за возење. Во однос на искуството зад воланот, Yaris и понатаму останува лесен и пријатен автомобил со главен приоритет кон комфорот и удобноста при возење. Yaris е доста агилен автомобил во урбаната средина, покрај одличниот радиус на вртење и компактните димензии, главна улога има и одличната прегледност кон сите страни. Релативно меката суспензија во комбинација со 16-инчните тркала успева непречено и пријатно да се справи со сите дупки и нерамнини на нашите патишта. Интересно е и тоа што Yaris не е здодевен автомобил за возење – при подинамични услови на возење автомобилот е доста флексибилен и до некаде и забавен. Океј, не се добиваат никакви повратни информации од воланот, но навалувањето е добро контролирано и инстантната респонзивност на погонот го прават Yaris интересен за возење на некој кривулести патишта.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Почетната цена на Toyota Yaris 1.5 Hybrid 116 Fancy изнесува 21.290 евра.
Цената на тестираниот модел Toyota Yaris 1.5 Hybrid 116 CHIC изнесува 22.690 евра.
Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Toyota.