Opel Corsa за прв пат беше претставена во 1982 година, а од тогаш до сега е вистински хит на пазарот. Ретки се луѓето кои не возеле или биле возени барем во еден модел на Corsa… Воедно, Corsa е и најпродаваниот модел на Opel. Сега ја имаме најновата шестта генерација, која е многу различна од сите претходни генерации. За оние што не знаат, пред неколку години PSA групацијата(Peugeot, Citroen/DS) го купи Opel. Па така, овој пат Corsa е направена по француски инструкции. Голем дел од работите ги дели со новото Peugeot 208, но калибрирањето на управувачот и суспензијата е комплетно различно во двете возила. Исто така и надворешниот и внатрешниот изглед е тотално различен кај овие два модели. Инаку, новата Corsa е направена за две и пол години, што е многу краток период за да се развие комплетно нов модел. Браво за сите оние кои напорно работеле на развивање на овој модел бидејќи возилото е фантастично!
Надворешниот дизајн на новата Corsa е подобар од било кога. Одма се забележува новиот спортско-елегантен дизајн со кој новиот модел е далеку поубав и попривлечен од сите претходни генерации. И покрај големите измени сепак се забележуваат и препознатливи Opel детали кои ги имаат и другите модели во гамата на брендот. Предниот дел изгледа доста динамично- поставена е широка маска во која е интегриран знакот на Opel, а на долниот дел доминира големиот отвор за воздух. Исто така, Corsa е достапна и со IntelliLux Matrix LED светла кои се едни од најдобрите предни светла во оваа класа на возила. Динамичноста продолжува и од страните, а на задниот дел се поставени хоризонтални LED светла кои го прават возилото да изгледа пошироко, додека кровната купеовска линија го комплетира спортскиот дизајн. Конкретно тестираниот модел е во GS-Line ниво, а тоа се разликува од другите нивоа по тоа што добивате поспортски преден и заден браник, заден спојлер, видлива издувна цевка(бензинците имаат две наместо една) и 16-инчни алуминиумски бандажи(тест моделот има двобојни 17-инчни бандажи). Ова се само визуелните промени на овој пакет, за другите ќе зборуваме малку подоцна. Благодарение на новата платформа, овој модел е полесен за 10% од претходникот, а изведбата со 1.2 атмосферски бензински мотор тежи само 980 килограми.
Должината на возилото изнесува 4060мм, висината 1435мм, ширината 1960мм, а меѓуоскиното растојание е 2538мм.
Ентериерот во новата Corsa е исто така многу помодерен од моделот што го заменува. Квалитетот на материјалите е генерално добар и целиот ентериер е убаво склопен, но како и секој модел од оваа класа има и места на кои што е поставена тврда пластика. Ми се допаѓа тоа што конкретно тестираниот модел има детали во црвена и сребрена боја на шал таблата, а сето тоа ја прави кабината да изгледа кул и фенси. Дел од GS-Line нивото се и спортските седишта кои се многу удобни и нудат одлична странична поддршка. Инаку, седењето на предните седишта сега е за 28мм пониско и мене лично ми се допаѓа многу бидејќи го имате она спортско чувство зад управувачот. Стандардно добивате конвенционални аналогни инструменти, а како опција достапна е дигитална инструмент табла. На централната конзола стандардно е поставен 7-инчен дисплеј за infotainment системот, а за оние на кој овој дисплеј не им е доволен, достапен е и 10-инчен дисплеј кој доаѓа со вграден навигациски систем. Тест моделот е опремен со стандардниот дисплеј, а добивате и поддршка за Apple CarPlay и Android Auto. Графиката е океј, но целиот систем е малку комплициран и не е до толку интуитивен како кај некои други модели. Голем плус за тоа што Opel ги оставиле физичките копчиња за клима уредот кои се многу полесни за користење отколку се тоа да се контролира преку дисплеј.
Просторот на задните седишта е сосема океј за класата во која припаѓа Corsa, двајци патници ќе имаат сосема доволно простор за нозете и главата и ќе може да седат удобно. За тројца патници мислам дека нема потреба да зборуваме бидејќи сепак се работи за мал градски автомобил…Багажникот располага со 309 литри багажен капацитет што е сосема солидно, а доколку ги спуштите задните седишта добивате капацитет од 1081 литар.
Новата Corsa е достапна со бензински и дизел мотори, а многу важна новост е тоа што уште на почетокот достапна е и целосно електрична верзија. Кај бензинците понудата започнува со 1.2-литарскиот атмосферски мотор со 75 коњски сили, појаките мотори се исто така 1.2-литарски, но имаат и турбо-едниот е со 100 коњски сили додека најмоќниот има 130 коњски сили. Доколку сакате дизел, достапен е само еден 1.5-литарски мотор со 102 коњски сили. Силата се пренесува на предните тркала, а во зависност од моторот достапен е 5-степен и 6-степен мануелен менувач, како и 8-степен автоматски менувач. Тест моделот под хаубата беше опремен со дизел моторот кој има 102 коњски сили и 250Nm вртежен момент. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч изнесува 10.2 секунди и максималната брзина е 188 км/ч. Перформансите кои ги има овој мотор се навистина одлични и сосема доволни како и за градско возење така и за на отворен пат. Пофалби и за мануелниот менувач кој е перфектно калибриран со моторот и е многу лесен и интересен за користење. Мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше 6 литри на 100 изминати километри. Доколку не поминувате премногу километри годишно нема потреба да земете модел со дизел мотор, тие екстра пари подобро дадете ги за некоја друга потребна опција. Мојот избор за мотор би бил турбо-бензинецот со 100 коњски сили-сосема доволен за овој тип на возило.
Достапни се четири нивоа на опременост: Corsa, Edition, GS-Line и Elegance.
Стандардната опрема која ја добивате во GS-Line нивото вклучува: Спортски преден и заден браник, 16-инчни алуминиумски бандажи, сензор за препознавање на сообраќајни знаци, систем за одржување на возило во лента, сензор за избегнување на судар на мали брзини, сензор за дожд, LED предни светла, 7-инчен infotainment дисплеј со Apple CarPlay и Android Auto, спортски предни седишта, амбиентално осветлување, црн покрив во внатрешноста, мануелен клима уред, Hill hold систем и многу друго…
Она што највеќе ме изненади кај Corsa е возењето и целото чувство кога сте зад управувачот- секако на позитивен начин. Возачката позиција е идеална, а управувачот е импресивно прецизен и лесен за маневрирање. Бидејќи тест моделот е во GS-Line ниво, добива и малку потврда суспензија, но сепак не е претврда за возењето да биде неудобно. Туку, има идеален сооднос на комфор и динамичност. Одлично се справува со сите оние дупки и нерамнини низ градските улици, а при подинамично возење нема премногу навалување и многу добро “држи” во кривини, дури и на поголеми брзини. Она што фали при динамично возење е тоа што не добивате многу повратни информации од управувачот, реално ова возило не е за таа намена па затоа не е некоја маана. Кога станува збор за тоа дали Corsa е прегледна, би кажал дека е една од најпрегледните возила во оваа класа со што возењето во градскиот метеж и паркирањето е многу лесно. На отворен пат, внатре во кабината има мала бучава која генерално доаѓа од тркалата, но дефинитивно нема да ви пречи во патувањето. Всушност, долгите патувања ќе ги поминувате комфорно и релаксирно, а не се пренесуваат и никакви несакани вибрации од моторот.
Почетната цена на Opel Corsa 1.2 75 изнесува 12.920€.
Цената на тестираниот модел Opel Corsa 1.5 Diesel GS-Line изнесува 18.755€.
Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да ги посетите продажниот салон на Opel!