ТЕСТ: MINI Cooper SE

Третата генерација на MINI Cooper со ознака F56 беше претставена на крајот на 2013 година. Тогаш за прв пат беше претставена и варијанта со пет врати од овој модел, која ја носи ознаката F55. Во 2018 година овој модел доби и мало освежување. Најлесен начин за да го препознаете фејслифт моделот се новите задни светла кои имаат графика со британското знаме. Секако тоа не е единствената измена – нови се и предните LED фарови, а поставени се и нови редизајнирани браници, како и многу други детали на надворешноста. Ентериерот исто така доби дотерување, а технологиите во автомобилот претрпеа одредени промени. Сепак, клиентите мораа да почекаат до минатата година за целосно електричната варијанта на Cooper. И денес ќе зборуваме токму за таа „eco-friendly“ изведба на MINI Cooper.

Пристигнувањето на чисто електричниот MINI беше всушност прашање на време. Производителот експериментираше со визијата за електричен автомобил уште во 2008 година, кога го претстави концептот MINI E. Сепак, тоа не беше футуристична визија што ќе се чува во фиока во следните неколку години. Во тоа време, MINI направи серија од петстотини примероци, кои ги даде на тестирање во неколку различни земји. Но на крајот сепак тој модел не беше пуштен во производство бидејќи немаше многу позитивен фидбек, што до некаде е и сосема очекувано бидејќи пред 12 години автомобилската индустрија беше многу поразлична од тоа што е сега. Историски гледано, првиот масовно произведен електричен автомобил од марката MINI се нарекува Cooper SE (во Британија го носи името MINI Electric). Името на електричниот автомобил имплицира дека станува збор за електрична варијанта на бензинецот Cooper S.

Надворешниот изглед на MINI Cooper е доста препознатлив и фенси, а исто така привлекува доста внимание каде и да поминете. Да бидеме искрени, луѓето на кои не им се допаѓа дизајнот на Cooper се ептен ретки. Електричната верзија во споредба со конвенционалниот Cooper S има минимални разлика на надворешноста, што според мене е добра работа бидејќи електричните автомобили веќе треба да ги прифатиме како и сите други нормални автомобили. Првата работа по која веднаш може да препознаете дека ова е електричната изведба се жолтите елементи на возилото (може и да не бидат во жолта боја доколку сакате), како и специјалното лого кое го има напред, од страните и на вратата од багажникот. На предниот дел е поставена нова маска која е со тенок хоризонтален отвор, а пак на задниот дел е поставен редизајниран браник со поедноставни форми и нормално без издувни цевки. Фраерските LED задни светла со британското знаме ги добивате во стандардна опрема, како и предните округли LED светла. Тестираниот модел ги има стандардните 16-инчни бандажи кои супер изгледаат, но јас лично би одбрал еден број поголеми за да се комплетира спортскиот и фраерски изглед на возилото.

Ако ви се допаѓа класичниот Cooper со три врати, ќе бидете задоволни и од електричниот модел. Ова се однесува не само на надворешноста, туку и на ентериерот. Кабината во Cooper SE е иста како и во секој друг модерен модел на MINI – едноставен дизајн, перфектна ергономија и уникатност. Седењето е ниско и сите материјали се со висок квалитет што ја прави целата кабина и доста луксузна. Чувството зад управувачот неможе да се спореди со ниеден друг автомобил, од поставеноста на управувачот, позицијата на сите контроли, се е доста уникатно. Спортските седишта нудат одлична странична поддрша и многу добро ве држат во кривини, а во исто време се и доста удобни за подолги патувања. Во споредба со конвенционалниот Cooper S, електричниот модел стандардно добива нов овален дигитален дисплеј за возачот на кој се прикажува процентот на батеријата, опсегот и брзината – графиката е добра, но неможе премногу да го конфигурирате. На централната конзола вниманието го привлекува големиот круг во кој е поставен 8.8-инчен дисплеј за инфозабавниот систем – графиката е одлична, а освен со iDrive контролерот кој е поставен до менувачот, може да го користите и со допир. Под тоа се поставени контролите за климата, а под тоа се уникатните копчиња што личат на прекинувачи како во авионите и кои користат за најбитните функции на возилото, вклучувајќи го и копчето (тоа во средина жолтото) за стартување на електромоторот. Дури 7 години по премиерата, MINI Cooper сеуште нуди исклучително стилски и модерен ентериер.

Самото име на брендот кажува дека се работи за мал градски автомобил, па затоа, иако има задни седишта, не очекувајте кој знае колку простор таму. Всушност, возрасни луѓе воопшто неможат да се сместат позади бидејќи просторот за нозете е навистина мал и треба да седите стиснати. Задните седишта се идеални за деца бидејќи ќе имаат и повеќе од доволно простор или за ставање на некои поголеми работи кои нема да ви ги собере во багажникот. Инаку, благодарение на паметната инсталација на батериите, просторот на задните седишта и капацитетот на багажникот не е намален и е идентичен како и во конвенционалниот Cooper S. Во багажникот на располагање имате 211 литри капацитет, океј вака звучи малку, но кога ќе земете во предвид дека овој автомобил 95 проценти од времето ќе го возите во град, тие 211 литри се навистина доволни. Со спуштање на задните седишта се добива капацитет од 731 литар што ви овозможување ставање на подолги работи во багажникот.

Ајде сега да зборуваме за најважната работа на овој автомобил, а тоа е погонот. UKL1 платформата на која што е поставен Cooper, примарно е наменета за мотори со внатрешно согорување, но поставувањето на чисто електричен погон не претставуваше никаков проблем. Генерално, овој погон е превземен од BMW i3 и направени се неколку измени. Електричниот мотор произведува 184 коњски сили и 275 Nm вртежен момент достапен од „нула“. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 7.3 секунди, додека максималната брзина е електронски ограничена на 150 км/ч. Но она што е повеќе импресивно е забрзувањето од 0 до 60 км/ч кое трае само 3.9 секунди – во град Cooper SE е вистинска „ракета“. Компактната единица со интегрирана контролна електроника и менувач е монтирана во предниот дел преку цврста тубуларна конструкција. MINI вели дека заштитата на одделни компоненти била многу важна и безбедносните стандарди ги надминуваат законските барања. Електрониката е заштитена со засилен држач за браникот и специјална рамка за заштита на моторот, додека високонапонската батерија е обезбедена со цврста основна плоча. Во случај на несреќа, целата оваа технологија автоматски се исклучува. Батеријата која е во Т-форма е поставена во долниот дел на возилото под седиштата, а капацитетот на батеријата е 32.6 kWh, од кој само 28.9 kWh се употребливи. Официјалните WLTP мерења кажуваат дека MINI Cooper SE со едно полнење може да помине 235 километри, но како што и официјалните бројки за просечна потрошувачка на гориво не секогаш се точни во реалноста, така и овој опсег од 235 километри за да го достигнете во реалноста треба многу „пазење“. Со нормално возење, опсегот со едно полнење е некаде околу 180 до 200 километри, што на крај на денот за возење во град е навистина доволно и ако во просек дневно поминувате околу 30 километри, Cooper SE ќе треба да го полните на 6 до 7 дена. Колку време трае полнењето? – ако го полните во домашни услови со стандардниот полнач, полнењето трае 15 часа, доколку го полните на јавно достапните полначи на ЕВН кои ги има низ цела Македонија и кои воедно се и бесплатни, полнењето од 0% до 100% трае околу 3 ипол часа. Последната опција е да го полните со DC брзите полначи со кои полнењето од 0% до 80% трае само 30 минути, но за жал овие полначи сега за сега не се достапни во Македонија.

MINI Cooper отсекогаш бил познат по забавното и доста агилно возење. Земајќи го во предвид полесниот мотор напред, идеалната дистрибуција на тежината и центарот на гравитација кој е за 30 милиметри пониско од Cooper S, електричниот автомобил ја надоградува оваа репутација. Поради заштита на батеријата, електричниот модел има повисока суспензија за 18мм. Исто така, она „go-kart“ чувство зад управувачот е присутно и кај Cooper SE. Низ град, со притискање на педалата за гас сите други автомобили ги оставате далеку зад себе, а тоа е благодарение на забрзувањето од 3.9 секунди до 60 км/ч. Cooper SE на градските улици е „како дома“, поради лесниот и прецизен управувач тој е неверојатно агилен, доброволно го менува правецот и времето поминато зад управувачот е многу забавно за возачот. Достапни се две фази на рекуперација – по стартување на возилото, секогаш е поставен посилниот режим, кој ви овозможува да возите во голема мера само со педалата за гас и многу ретко да ја користите педалата за сопирачките. Океј, треба време да се навикнете, но работи доста убаво. Вториот режим е послаб и „поприроден“, ако сакате да уживате во свиоците, добро е да го изберете овој режим на рекуперација. Прегледноста од сите страни е на доста високо ниво, плус поради компактните димензии може да се паркирате и во најтесните места без никаков проблем. Она што можеби нема да одговара секому е крутото подесување на шасијата, во споредба со некои конкурентни модели дупките и нерамнините ќе ги чувствувате малку повеќе, но во никој случај возењето не станува неудобно. Сето ова ќе го заборавите кога ќе се најдете на пат полн со свиоци, каде што Cooper SE ќе ве изненади со перфектна стабилност, одличен грип, многу забава и огромна насмевка на вашето лице. Да, на ентузијастите ќе им фали звукот од моторот и издувниот систем, но импресивното и инстантно забрзување со секое притискање на педалата за гас ќе ве натера да заборавите на тие звуци…Достапни се неколку режими на возење – Green +, Green, Mid и “најбруталниот” Sport. Јас најчесто го користев Mid режимот бидејќи нуди идеален компромис. Во Green + перформансите на возилото се намалени, педалата за гас поспоро реагира и доколку имате вклучено клима уред и греачи на седишта, автоматски ги исклучува за да се добие што поголем опсег. Во Sport ги добивате сите тие 184 коњски сили, педалата за гас инстантно реагира и управувачот добива плус тежина. Надвор од градските средини, Cooper SE е исто така одличен автомобил, комфорен и релаксиран. На автопат, бучавата од тркалата и ретровизорите е поприметлива во кабината, но тоа е поради тишината која преовладува бидејќи не работи конвенционален мотор под хаубата. За крај, ако мислевте дека со појавата на електричните автомобили, интересните и забавни хечбек модели ќе исчезнат, тогаш MINI Cooper SE е тука да ви докаже дека и електричните автомобили можат да бидат доста забавни.

Цената на тестираниот модел изнесува 33.900 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на BMW и MINI.

ЗАКЛУЧОК
MINI Cooper SE нуди моќен електричен мотор, одлични возни карактеристики, прекрасен дизајн и уникатен ентериер. Да, некои конкурентни модели нудат поголем опсег, но од друга страна, повеќето електрични автомобили се наменети за градот и искрено јас повеќе би сакал да имам малку пократок опсег и забавно возење отколку "досаден" електричен автомобил со подолг опсег, што не крајот пак ќе го користам само за во град.
ПОЗИТИВНО
Задржано е „Go-Kart“ чувството.
Уникатен и квалитетен ентериер.
Атрактивен надворешен изглед.
НЕГАТИВНО
На задните седишта нема простор за возрасни луѓе.
Потврдата суспензија нема да биде по сечиј вкус.
4
More Stories
2018 Kia Stonic-Review