Корејскиот производител на автомобили го лансираше урбаниот кросовер XCeed во 2019 година. Оттогаш до сега се продадени повеќе од 120.000 примероци во Европа. Заедно со сите други каросериски варијанти на моделот Ceed, кросоверот претрпе мала модернизација, што го измени изгледот на надворешноста и внатрешноста, донесе нова plug-in хибридна верзија во понудата како и GT-Line верзија која за прв пат до сега се појавува кај моделот XCeed.
На прв поглед, ништо драстично не се промени на надворешноста. Модернизираниот XCeed, може да се препознае по ревидираниот преден дел – има нов браник, нов дизајн на маската и нови Full LED фарови, кои веќе се дел од стандардната опрема. Предните светла сега вклучуваат и интегрирани светла за магла – тие претходно се наоѓаа на страните на браникот. Нивното место во модернизираната верзија го зазедоа новите отвори за воздух, кои го насочуваат протокот на воздух околу тркалата. Новиот елемент го намалува аеродинамичниот отпор и исто така има мал ефект врз потрошувачката на гориво. На задниот дел, промените се уште посуптилни – главно долниот дел од браникот е променет, новитетот е поизразениот дифузер и новите украсни елементи кои веќе не личат толку многу на лажни завршетоци од издувот. Исто така, додадени се нови бои за надворешноста и нови дизајни за алуминиумските бандажи.
Дури и по фејслифтот, Kia XCeed останува класичен кросовер, односно модел кој ги комбинира карактеристиките на различните типови на автомобили. Каросеријата наликува на хечбек, но е малку позаоблена, со закосена линија на покривот која може малку да потсетува на купе. Kia го постави стилското тело на шасија со поизразено растојание од подлогата. Кај тестираниот автомобил со тркала од 18-инчи (кој воедно се стандардни кај XCeed) растојанието од подлогата е 184 милиметри. Поголемото растојание од подлогата има свои предности, се разбира, може да биде корисно не само на земјен пат или на полесен терен, туку и при паркирање до тротоари – не треба толку многу да се грижите за тоа дали предниот браник ќе „фати“.
Во споредба со класичниот Ceed, XCeed е малку поголем. Двата автомобили имаат исто меѓуоскино растојание, но благодарение на подолгиот преден и заден дел, кросоверот има должина од 4395 милиметри, додека хечбекот е пократок за 85 милиметри. Во исто време, XCeed е 26 милиметри поширок и нуди пообемен багажен простор.
Kia многу дискретно пристапи и кон освежување на внатрешноста – нов е сјајно црниот елемент околу автоматскиот менувач, заменет е внатрешниот ретровизор, а дигиталната инструмент табла од 12.3-инчи доби редизајнирана графика. Но, сега сигурно се прашувате зошто примерокот кој пристигна на тест е со класична аналогна инструмент – причината за тоа е што станува збор за модел од 2022 моделска година, сега сите верзии на XCeed стандардно се опремени со новата дигитална инструмент табла.
Целокупниот впечаток на кабината е ист како и кај пред фејслифт верзијата – па затоа впечатокот останува многу добар. Контролната табла со централниот панел е свртена кон возачот, а на горниот дел е поставен инфозабавниот систем. Како и за инструмент таблата, истото важи и за централниот екран – тест примерокот е со помалиот 8-инчен екран, но сега сите верзии стандардно доаѓаат со најновиот и поголем екран од 10.25-инчи. Екранот добива и ротациони контроли од двете страни за прилагодување на јачината на звукот или одзумирање на мапата од навигацијата. Исто така, стандардно се добива и вградена навигација, како и wireless поврзување преку Apple CarPlay и Android Auto. И кај поголемиот екран (кој е стандарден) се добиваат копчиња на допир кој служат како кратенки до одредени функции, што пак го олеснува целото искуство со ракување на функциите.
Но, она што највеќе ми се допаѓа е одлуката на Kia да го зачува засебниот панел со физички контроли наменет за функциите на клима уредот. Покрај тоа, температурата се регулира со ротациони контроли, што според мене е најдобриот начин. Нормалните копчиња може да се најдат и до рачката на менувачот, вклучувајќи го и копчето за деактивирање на Start/Stop системот. Брилијантно! Одличната ергономија е дополнително нагласена со распоредот и дизајнот на контролите на воланот кои се ултра лесни за користење.
Во споредба со стандардниот Ceed, положбата на предните седишта во XCeed е зголемена за 44 милиметри. Оваа промена го прави влегувањето и излегувањето нијанса полесно и го дава она чувство дека седите малку „над сообраќајот“. Всушност, разликата и не е толку голема за да се чувствувате како да возите вистински SUV. Во XCeed, можете лесно да се сместите во удобна положба за возење со нозете напред, а не надолу. И седиштата се доста удобни и нудат солидна странична поддршка. Ми се допаѓаат и меките потпирачи за раце во вратите. XCeed работи многу добро во однос на просторот, на задните седишта има сосема доволно простор и за патници кои се со малку надпросечна висина. Просторот и за главата и за нозете е одличен во однос на класата на која припаѓа XCeed. Исто така, патниците назад добиваат и засебни отвори за климата, како и еден USB приклучок.
Што се однесува до багажникот, во стандардната конфигурација на располагање имаме 426 литри, а по преклопување на задните седишта се добива капацитет од 1378 литри. Сепак, употребливоста не е најидеална, таа е ограничена со плиткост и висока раб на товарање. Но, куките за кеси, рачката на левата страна и приклучок од 12V ќе се најдат корисни.
Верзиите на XCeed кои се достапни на нашиот пазар се многу едноставни, има само две – Edition 2 и GT-Line. А дури и „основното“ ниво, ако може така да се нарече, содржи огрооомна листа на стандардна опрема. За понудата на мотори, и тоа е исто така поедноставено и прилагодено според побарувачката на нашиот пазар. Основното ниво е достапно исклучиво само со 1.5-литарски T-GDi бензински мотор со 160 коњски сили и 7-степен автоматски менувач, додека GT-Line верзија е исклучиво достапна со 1.6-литарски T-GDi бензинец со 204 коњски сили и автоматски менувач – ова е истиот мотор од Ceed GT и ProCeed GT.
Тестираниот примерок под хаубата го има 1.5-литарскиот T-GDi мотор кој испорачува 160 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 253 Nm вртежен момент достапен од 1500 до 3500 вртежи во минута. Силата секогаш се пренесува само на предните тркала (овој модел не е достапен со погон на сите четири тркала) и во конфигурација со 7-степениот DCT автоматски менувач од 0 до 100 км/ч забрзува за 9.2 секунди и максималната брзина која може да ја постигне е 208 км/ч.
Моторот 1.5 T-GDI работи доста убаво, рафиниран е, добро изолиран и флексибилен. Прекрасно реагира уште од ниски вртежи, а потоа убаво влече во остатокот од опсегот на вртежи. Благодарение на него, XCeed се чувствува пријатно динамичен и нема проблеми со стрмните искачувања, левата лента на автопат или пак ако „натоварен“ со четири патници. И исто така, брзо се справува со маневрите за претекнување. Се разбира, ова не е премногу експлозивна единица, но е повеќе од доволно жива за нормална работа. Седумстепениот DCT менувач со двојна спојка е многу добро подесен. Менувањето на степени е интуитивно и непречено, а при нормално возење се труди да го задржи моторот во најмала можна брзина. Степените ги менува целосно непречено и практично незабележливо и никако не му пречи на возачот. Проблеми нема да се појават дури ни во моменти кога треба значително да забрзате, бидејќи кога посилно ќе ја притиснете педалата за гас, менувачот сам ќе спушти во понизок степен без значително доцнење и автомобилот веднаш почнува да забрзува. Пријатно сум изненаден и од потрошувачката – во градски услови на возење се движеше околу 7.5 литри, на автопат со темпо според пропишаната брзина потрошувачката е 6.3 литри, а пак долгорочниот просек кога го вратив возилото изнесуваше 6.9 литри.
Што се однесува до возните карактеристики, XCeed е исто толку добар како и претходно. Со фејслифтот не се направени никакви промени на шасијата – а не се ни потребни бидејќи шасијата и целиот сетап оставаат многу добар впечаток. XCeed е единствениот во семејството на модели Ceed кој стандардно користи хидраулични амортизери на предната оска, а има и малку помеки пружини – седум проценти напред и четири проценти назад. Резултатот од сето ова е многу удобен и пријатен автомобил, дури и со 18-инчни тркала комфорот воопшто не е нарушен. Суспензијата успешно ги филтрира сите дупки и нерамнини на нашите улици без да се пренесуваат несакани вибрации или удари во кабината. Во исто време, XCeed не е премногу „мек“, ниту пак претерано изолиран од она што се случува под тркалата. Одлично се однесува во свиоци и делува доста стабилно. Искуството зад воланот е главно неутрално и покрај поголемото растојание од подлогата, не се навалува премногу во свиоци и пристојно ја држи патеката. Ова е автомобил кој вози повеќе како компактен хечбек отколку SUV. Балансот помеѓу удобноста и контролата е едноставно одлично подесен од производителот. Управувањето е доста остро и брзо, и иако не е модел на комуникативност, тој е исклучително прецизен. На автопат, за пофалба е добрата звучна изолација и благодарение на тоа во кабината е рафинирано и тивко – без бучава од моторот или тркалата.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Почетната цена за Kia XCeed 1.5 T-GDi 160 DCT7 Edition 2 изнесува 29.450 евра.
Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Kia.

















