Брендот Chery е еден од попознатите кинески автомобилски брендови и верувам деко голем дел од Вас барем некаде сте го прочитале или едноставно сте слушнале за овој бренд. Но, сега има еден многу битен фактор за Chery – заборавете се што знаете за овој бренд од минатото бидејќи новите модели кои се во понуда сега немаат никаква врска со моделите од пред неколку години – не само визуелно, туку и технолошки. Chery има големи амбиции за освојување на европскиот пазар, а ќе привлече клиенти благодарение на богатата стандардна опрема и релативно атрактивната цена.
На македонскиот пазар, во моментов Chery нуди три SUV модели – FX, Tiggo 7 Pro и Tiggo 8 Pro. Понатаму понудата ќе биде збогатена со уште неколку модели, а ќе има и целосно електрични верзии кои треба да бидат исто така доста интересни. Денес ќе зборуваме за најмалиот модел, односно FX. Ова е модел кој директно ја таргетира помладата публика, а причината за тоа е компактната големина, уникатниот и атрактивен дизајн, како и модерната хај-тек внатрешност.
Реалноста е дека кинеските автомобилски брендови драматично напредуваа во изминативе неколку години, да го тргнеме на страна дизајнот, квалитетот на материјалите во кабината, завршната обработка, погонските единици и технологии кои се вградени во овие нови модели немаат никаква споредба со моделите од претходно. Од компанијата велат дека и токму Chery FX е нивниот прв вистински глобален модел. Да бидам искрен, по само 5 километри поминати зад воланот, веднаш ми стана јасно дека ова е модел кој е правен навистина со умисла за европскиот пазар.
Па ајде да започнеме со надворешниот дизајн. Од овој аспект, веднаш е јасно дека Chery сакале да направат автомобил кој ќе привлекува многу внимание. FX е навистина впечатлив од некои агли, но дефинитивно има агли од кои изгледа и малку чудно. Може да се каже дека дизајнот е поларизирачки, но генерално, изгледа како добро осмислен екстериер со кроеви, облини и димензии кои се во склад со идентитетот на брендот. На преднот дел веднаш „боде очи“ големата решетка која не наликува на ниту еден друг автомобил – плус поени за уникатноста тука. Во линија со хромираната линија на горниот дел од решетката се вклопени дневните светла, додека во долниот дел (и со малку чудна форма) се вклопени главните фарови.
Страничниот дел е во класична кросоверска форма со малку купеовски стил. Црните пластики околу тркалата, на праговите и на долниот дел од браниците го нагласуваат тој кросоверски изглед. Дополнително, тестираниот примерок има црн покрив и елементи во црвена боја на ретровизорите, праговите, предниот браник и задниот спојлер, како и на бандажите. Мене лично, црвените инсерти на бандажите не ми се допаѓаат баш, но за луѓе како мене постои можност да ги нема сите овие црвени елементи бидејќи станува збор за пакет кој е опционален. Задниот дел изгледа сосема коректно и добро, тука се Full LED светлата (кои имаат анимација при отклучување и заклучување). Исто така, интересна информација е тоа дека графиката на задните светла е инспирирана од баркод, што дефинитивно е знак на големата употреба на QR-кодови во Кина. Она што не ми се допаѓа и мислам дека тотално немало потреба од тоа се лажните отвори за издувот кои се акцентирани со хром. Се прашувате што означува тоа 290T на десната страна на багажникот? – и мене не ми беше јасно за што е таа ознака, но со малку повеќе пребарување, дојдов до информација дека тоа го означува вртежниот момент на моторот…чудно и не видено до сега, но добро, наместо да стои ознака со кубикажата на моторот, они се одлучиле за вртежниот момент. Ова се ситни детали кои укажуваат на тоа дека кинеските производители се трудат да направат нешто различно од европските производители.
Chery FX може да се пофали и со многу модерна и дигитална кабина. Квалитетот на завршната обработка и конструкцијата се исто така за пофалба со релативно добри пластики на вратите и сосема задоволувачки квалитет на горниот дел од целата контролна табла. Да, во долниот дел на вратите и на места кои не се допираат толку често има нијанса потврди пластики, но тоа не е ништо лошо бидејќи и кај голем дел од европските производители е слична приказна. Тапацирот на седиштата (кои воедно се доста удобни и нудат добра странична поддршка) од синтетичка кожа е во ред за оваа цена, а „магнетните“ црни панели исто така се простливи бидејќи тие се индустриски стандард во овој момент.
Она што е доста импресивно е дигиталното искуство и огромната количина на опрема што ја има Chery FX. Пред возачот е целосно дигитална инструмент табла со големина од 10.25-инчи, а веднаш до овој екран се наоѓа уште еден кој е со иста големина и е наменет за инфозабавниот систем. Дигиталниот интерфејс е прилично едноставен и пристојно поставен. За пофалба е и безжичното поврзување со Apple CarPlay и Android Auto кое работи одлично. Под централниот екран, уредно се интегрирани и контролите за клима-уредот кои се секако на допир. Може да се користат за прилагодување на температурата и јачината на вентилацијата во кабината и со допирање на која било од нив се појавува и менито за климатизација на инфозавниот систем. Понатаму по должината на тој панел е шарен елемент на амбиентално светло видлив ноќе, додека амбиенталното осветлување има и опција да пулсира и менува бои во ритам на музиката.
Воланот и менувачот изгледаат како да излегле од некој поскап автомобил. Воланот е со одлична дебелина и со рамно дно. Моностатичниот менувач на брзини е исто така убав детал во кабината. Позициониран е на централната конзола со карактеристична темна завршница, а до него има неколку копчиња за инфозабавата кои се осетливи на допир. Елементот над менувачот е многу добро осмислен и иако изгледа дека е подлога за безжично полнење на два телефони, всушност само левата страна е безжичен полнач, додека десната страна е место за да го оставите клучот. Материјалот што се користи тука изгледа навистина добро и дава еден полуксузен шмек на кабината. Она што ми остави најголем позитивен впечаток е работата на гласовниот асистент во автомобилот – било што да му кажете – пример, отвори го предниот лев прозор, затвори го сончевиот покрив, подесија температурата на 23 степени или уклучи го греењето на возачкото седишта – веднаш разбира и „од прва“ го прави навистина тоа што сте го кажале. Дополнително, FX доаѓа и со одличен Sony аудио систем со осум звучници.
На прв поглед, задниот дел од кабината на Chery FX не изгледа премногу простран, но реалноста е дека на задните седишта сосема комотно може да се сместат патници со просечна висина и да имаат доволно простор и за нозете и за главата (дури и со сончев покрив). По потреба ќе може да се сместат и тројца патници, но не за некои подолги потувања. Исто така, патниците на задните седишта добиваат отвори за вентилација, USB-A приклучок и џебови во предните седишта.
Во однос на багажниот простор, во ова Noble ниво на опременост се добива и електрично отворање/затворање на вратата од багажникот – што е секако добредојдено. Капацитетот на багажникот изнесува 378 литри и е во правилна форма. Со преклопување на задните седишта се добива капацитет од 1075 литри.
Chery FX е достапен исклучиво само со еден турбо-бензински мотор и силата секогаш се испраќа само кон предните тркала. Станува збор за 1.6 T-GDi мотор од третата генерација на серијата ACTECO кој е развиен од брендот Chery. Овој мотор произведува 186 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 290 Nm вртежен момент од 2000 до 4000 вртежи во минута. Моторот.е спарен со 7-степен DCT автоматски менувач со двојна спојка од брендот GETRAG. Па така, забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 7.8 секунди, додека максималната брзина е 206 км/ч. Инаку, користејќи ги благодетите на модерната технологија, овој мотор води пред сите други кинески мотори со термичка ефикасност од 41 процент благодарение на петте основни технологии како што е системот за согорување iHEC и е меѓу „Топ 10 мотори на годината“.
Комбинацијата од моќен 1.6-литарски турбо-бензинец и автоматски менувач обезбедува возбудливо искуство во возењето и ефективно ја пренесува моќта на патот, притоа поддржувајќи ја економичноста и придонесувајќи за високото ниво на ефикасност. Без разлика дали станува збор за ненадејни маневри на автопат за менување лента или ненадејно забрзување при средна брзина, погонската единица одговара на нарачките од педалот за гас со моментално забрзување. Chery успеале да го опремат FX со навистина добар мотор, а дури и на најпребирливите нема да им недостасуваат перформанси. Одлично си ја врши работата и автоматскиот менувач, менувањето на брзини е мазно и неприметно, а во исто време нуди и многу брзи реакции при подинамично возење. Во однос на потрошувачката, во градски услови на возење борд компјутерот покажа просечна потрошувачка која се движеше од 8 до 9 литри. На автопат при брзини кои се легални во нашата држава, потрошувачката изнесува околу 7 литри.
Возните карактеристики на Chery FX се подесени кон максимална удобност и лесно маневрирање во градски услови. Управувањето е исклучително лесно (за мој вкус можеби и прелесно) и обезбедува навистина добро маневрирање низ тесните градски улици, а поради таквото подесување повратни информации скоро и да нема – но тоа е и сосема очекувано од ваков тип на автомобил. Дополнително, во тесни улички и при паркирање тука е 3D Surround view прегледот од камерите – кои воедно имаат и зачудувачки добра и кристално чиста слика. Во однос на суспензијата, и покрај 18-инчните тркала таа успева совршено да ги исфилтрира сите дупки и нерамнини на патот, без да се наруши удобноста на патниците. Благодарение на ваквото „помеко“ подесување на шасијата, спортскиот карактер тука е сведен на минимум. Да, при подинамично возење во свиоци тракцијата е добра и FX релативно добро се справува со менување на правецот, но тешко е да се каже каде е лимитот на автомобилот и навалувањето при нагли промени во свиоци е малку поизразено – повторно ќе кажам, ова е нешто сосема очекувано. Купувачите на овој модел секако нема да бараат спортски карактеристики. Прегледноста е на доста завидно ниво, освен кон задниот дел, а тоа се должи на купеовскиот стил. Интересно е и тоа што внатрешниот ретровизор е конвексен и малку чуден, па треба одредено време да се привикнете. Друга работа што позитивно изненадува е звучната изолација на автопатски брзини, кабината останува тивка без премногу бучава, а единствената замерка е тоа што пневматиците знаат да бидат малку побучни – но ништо сериозно.
Chery FX е подготвен да ја предводи својата класа во однос на паметните системи за помош при возење благодарение на L2.5 нивото за автономно возење. Сите оние стандардни ADAS системи како – emergency braking, lane keeping assist, lane departure warning, blind spot monitoring и така натаму се стандардни во сите верзии на FX и можат да избегнат потенцијални несреќи. Исто така, интересен е системот за следење на возачот (DMS) кој е важна технолошка иновација воведена од Chery. Камера на воланот ги следи изразите на лицето на возачот во реално време, предупредувајќи го возачот кога ќе открие поспаност или одвлекување на вниманието – а на инструмент таблата се појавува порака „You’ve been distracted for a long time“ пропратена со звучен сигнал.
Дополнително, Chery FX има напредни скокови и граници во однос на безбедноста при судар и достапната технологија за помош на возачот, а сето тоа овозможи да добие максимални пет ѕвезди на Euro NCAP тестирањето.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Почетната цена на Chery FX 1.6 T-GDi DCT Comfort изнесува 29.500 евра.
Цената на тестираниот модел Chery FX 1.6 T-GDi DCT Noble Color изнесува 33.400 евра.
За повеќе информации околу возилото посетете го продажниот центар на Гранд-Ауто.