Peugeot ме покани да присуствувам на интернационалното тест возење на целосно новата трета генерација на 3008 кое се одржа во прекрасната Јужна Франција. Новиот 3008 е една вистинска револуција, не само генерациски како модел, туку и за целиот бренд. Ова е автомобил кој со себе носи една голема низа на (важни) промени. Па ајде да зборуваме за новиот E-3008.
Замената на еден бестселер модел никогаш не е лесна задача. Од Peugeot беа доста свесни и многу добро го знаеа ова, па при креирање на најновата генерација е вложено многу труд и внимание, дури и на најситните детали. По повеќе од седум години кариера и продадени повеќе од еден милион примероци, на сцена доаѓа новата трета генерација на 3008 која сега е трансформирана во Fastback SUV – веднаш да разјасниме, ова не е исто со Coupe SUV.
Во 2009 година кога беше претставен првиот 3008, голем дел од луѓето не го сфатија како сериозен автомобил, а тоа се должи главно поради „чудниот дизајн“ во тоа време. Но, според мене, Peugeot направи многу паметен потег, претстави нешто ново и интересно на пазарот, а благодарение на тоа, брендот до ден денес има навистина голем успех со овој модел. Во 2016 година, на пазарот се појави втората генерација, која и тогаш направи една револуција. Оваа генерација веднаш го фати патот на успехот и стана еден од најпопуларните модели на Peugeot. Предностите на таа генерација беа модерниот и уникатен дизајн, ергономијата и современата атмосфера во внатрешноста благодарение на i-Cockpit концептот.
Сега во 2024 година, Peugeot со третата генерација на 3008 повторно прави револуција, само што овој пат таа револуција е уште поголема – и може да се каже дека и оваа трета генерација на 3008 веднаш ќе го продолжи големиот успех на претходникот. Овој пат ќе зборуваме исклучиво само за електричниот E-3008, бидејќи на тест возењето на располагање беше достапна само таква верзија.
„мојот“ E-3008 е врвната GT верзија и е во (според мене) најубавата достапна боја, односно „Obsession Blue“. На презентацијата беа изложени возила во сите достапни бои – Okenite White, Ingaro Blue (мешавина од сино и сиво), Artense Gray, Titanium Gray и Perla Nova Black. Малку чудно е што прекрасната црвена боја од претходната генерација тука не е достапна. Исто така, новиот 3008 е достапен само во две нивоа на опременост – Allure и GT. Од Peugeot истакнуваат дека ова е направено со цел да се олесни изборот на клиентот при купување, а визуелните разлики помеѓу овие две нивоа се навистина суптилни. Главната разлика е во опремата.
Предниот дел на автомобилот го прифаќа новиот дизајн на брендот со нов остар изглед и еволуција на „лавовските заби“ кои мутираат формирајќи три лавовски канџи. Тука е и новата (полна) предна маска која има елементи во бојата на каросеријата. Благодарение на острите линии, целата предница изгледа доста моќно.
Крилата се мускулести, додека профилот е со мазни и едноставни линии. Стаклените површини се убаво изведени и перфектно вклопени со каросеријата, а нивниот стил малку потсетува на новиот 408. Сето ова создава семејна врска помеѓу кросоверот и новиот SUV. Инаку, многу интересен елемент се скриените „кедери“ на прозорците, па благодарение на тоа се добива една поелегантна слика за автомобилот. Од одредени агли, се гледа дека новиот E-3008 зазема некои карактеристики од претходната генерација, но малку редизајнирани.
Задниот дел изгледа малку чудно и во живо бидејќи е некако целосно вертикален. Комплексните форми и линии се присутни и тука, а карактеристичен елемент се секако светлата со три линии. Генерално, целиот автомобил изгледа малку комплексно поради најразличните форми и линии, но истовремено изгледа и доста елегантно. Потребно е малку време да се навикнете на новиот дизајнерски јазик. Исто така, уште една работа која мене лично не ми е баш по мерак се достапните алуминиумски бандажи, „обичен“ дизајн на бандажи тука нема да најдете – сите достапни опции се со нова модерна форма.
Покрај тоа, Peugeot објаснува дека новиот, многу тенок профил на E-3008 нуди подобра пенетрација на воздухот и нуди респектабилни Cx 0,28. Сето ова нуди подобра електрична автономија – и тоа не мора да биде на штета на патниците.
Одиме внатре, првиот впечаток кога ќе седнете зад воланот е како да сте седнале во некој многу поголем и повисок автомобил. Поради поставеноста на батериите во подот, седечката позиција е доста висока. А откако ќе седнете, седиштате ве наградуваат со својата удобност и мекост – тестираниот примерок имаше прекрасни седишта обвиени во алкантара, како опција, секако, достапни се и кожни седишта. Друга работа што е веднаш забележителна во внатрешноста е квалитетот и завршната обработка на сите елементи. Се чувствува дека Peugeot со новиот 3008 се качиле две скалила погоре во однос на квалитет и премиум чувство. Сите места кои се видливи со око се не само меки на допир туку и изгледаат фино и луксузно. И конечно – сите копчиња и ракетите зад воланот тука се целосно нови!
Откако ќе се сместите пред вас ве чека комплетно новиот i-Cockpit концепт со целосно нова ергономија и пред се целосно нов интерфејс. Лебдечкиот екран од 21-инчи кој ги спојува инструмент таблата и инфозабавниот панел има свој ефект и изгледа навистина спектакуларно. Инфозабавниот систем го користи најновиот софтвер кој има одлична графика, брзо реагира на секоја команда и е релативно лесен за користење. Екранот пред возачот исто така има одлична графика и јасно ги прикажува сите потребни информации околу возењето, а достапни се и неколку различни прикази од кои може да одберете – и дополнително да ги конфигурирате според вашите потреби. Во оваа прилика сакам да го пофалам и новото амбиентално осветлување кое прави една спектакуларна атмосфера во кабината навечер.
Големиот централен тунел, визуелно нуди ефект на простор со неговите физички копчиња сведени на минимум. Тука се присутни само четири копчиња – за електричната паркинг кочница, за јачината на звукот, за избирање на режим на возење и за трепкачите. Под централниот екран, i-Cockpit концептот го прифаќа и новиот i-Toggles дигитален панел кој обединува кратенки поврзани со инфозабавата на екранот. Добро е што има засебни контроли за одредени работи, но искрено ова не е толку практично решение како што се класичните физички копчиња. И сето ова ќе бара одредено време на привикнување – за лизгањето лево или десно да биде течно треба да го поставите прстот во перфектната позиција. Исто така, би сакал да има хаптичка или некаква звучна повратна информација кога ќе се притисна на одередена икона.
Инаку, Peugeot неодамна направи интеграција со ChatGPT, оваа интеграција е направена во комбинација со гласовниот асистент во автомобилот и практично овозможува да разговарате со вашиот автомобил. Може да прашувате најразлични прашања во однос на дестинацијата каде што сакате да одите, автоматски да ви ја уклучи најдобрата и најбрза рута до одредена дестинација и слично. Дополнително на ова, достапна е и нова Trip Planner апликација која служи за да ви помогне при бирање на рута до дестинацијата каде што сакате да одите, да ви ги покаже сите полначи каде што може да полните по пат и колку време ќе ви биде потребно да полните на одреден полнач за да стигнете што е можно побрзо до крајната дестинација.
Одиме на задните седишта, а тука новиот 3008 има со што да се пофали. Благодарение на новата платформа, новата генерација нуди малку поголемо меѓуоскино растојание, сето тоа надополнето со рамниот под без централен тунел значи дека просторот тука е навистина добар. Двајца патници со просечна висина ќе можат сосема удобно да се сместат, а ниту подолгите релации нема да претставуваат некаков проблем.
Багажниот простор кај оваа електрична верзија нуди 520 литри капацитет на располагање – што е идентично и со претходната генерација. Отворањето е широко, а просторот е во правилна форма. Дополнително, под подот има специјално место за складирање на каблите за полнење.
Најважната новост кај третата генерација на 3008 е она што ние не го гледаме, а тоа е платформата. Кај новиот 3008 дебитира целосно новата STLA Medium платформа на групацијата Stellantis. Оваа платформа ќе се користи и за многу други модели од групацијата, а благодарение на модуларноста, тука може да биде сместен електричен погон како и класичен погон со мотор со внатрешно согорување. А исто така може да користи погон на предните тркала или пак погон на сите четири тркала.
Во моментов, новиот Peugeot 3008 е достапен во изведба со 1.2-литарски бензински mild-hybrd погон и целосно електричната E-3008 изведба која што ми беше на располагање за време на тест возењето.
Поточно, станува збор за основната верзија на електричниот E-3008 која располага со батерија од 73 kWh. Електромоторот испорачува 210 коњски сили и 343 Nm вртежен момент кон предните тркала. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 8.8 секунди, додека максималната брзина е ограничена на 170 км/ч. Перформансите на овој погон се навистина задоволителни и без никаков проблем го задвижуваат автомобилот, а како и кај секој електричен автомобил цела моќност е достапна практично „од нула“. Официјалниот досег со полна батерија на оваа верзија е 525 километри.
Новата модуларна STLA Medium платформа е поставена на 400-волтна архитектура, а тоа овозможува полнење со максимална моќност од 160 kW на DC брзите полначи. Со користење на ваков полнач, на батеријата и се потребни околу 20 минути за да се наполни од 20 до 80%. Доколку се користи стандарден AC полнач со моќност од 11 kW, полнењето од 15-20% до 100% би требало да трае околу 8 часа. Една од најважните работи за електричните автомобили е тоа што не треба да чекате батеријата да се испразни целосно па тогаш да ја полните. Во секоја прилика кога имате можност, треба да го ставите на полнач, на тој начин заштедувате на време, а и батеријата секогаш ќе ви биде доволно полна.
Од Peugeot најавија уште две верзии за новиот E-3008 кои треба да се појават на пазарот подоцна оваа година. Првата верзија ја користи истата батерија од 73 kWh, но има два електромотори кои овозможуваат погон на сите четири тркала и моќност од 320 коњски сили. Втората верзија е воедно и најважната за Peugeot – ќе ја носи ознаката Long Range, батеријата тука е со капацитет од 98 kWh и електромоторот испорачува 230 коњски сили. Оваа верзија ќе нуди досег до фантастични 700 километри со едно полнење.
И за крај, каков е новиот Peugeot E-3008 зад воланот? Новата платформа и новиот електричен погон ветуваат многу. Разликата во споредба со претходната генерација е веднаш воочлива. Новиот E-3008 нуди многу пријатен комфор во градот и покрај големите 20-инчни тркала и релативно тврдата суспензија. Компактниот волан дава доволно информации за положбата на тркалата и многу брзо ќе се навикнете на возењето на E-3008. Напуштајќи го градот, Е-3008 се чувствува „како дома“ и на автопат при брзини од 130 км/ч. Амортизацијата е добра и има корист од спокојното управување на патот, со низок центар на гравитација благодарение на батериите. За динамика, не треба да се потпирате на режимот „Normal“ кој фаворизира удобност. Режимот „Sport“ логично ветува поголема одзивност, но далеку од тоа да ви даде удар во грбот. Префрлањето во овој режим го намалува нивото на помош при управувањето, но не прави ништо во однос на чувството на автомобилот. Суспензијата е прилично тврда и автомобилот останува цврст и без премногу навалување во свиоците. Би рекол дека и сосема коректно ја „прикрива“ својата тежина која надминува 2100 килограми.
Она што заслужува огромна пофалба е звучната изолација. Peugeot направи вистинска работа околу тишината во кабината. Дури и на автопатски брзини воздушниот шум е исклучително добро филтриран и се чувствувате безбедно во автомобилот. Но, ни еден автомобил не е целосно совршен. Со тоа што Peugeot секогаш сака да прави нешто различно и уникатно, за одредени работи оди по малку „погрешен пат“. Одредени елементи и функции во новиот E-3008 знаат да бидат фрустрирачки, како што е локацијата на менувачот зад воланот од десната страна и режимот на возење на местото на менувачот. За време на возењето постојано го менував режимот на возење, наместо да сменам од D во R или обратно. Тука е и ергономијата на централниот екран кој сè уште нѐ турка да го тргнеме погледот од патот.
Новиот Peugeot E-3008 носи со себе една револуција за брендот. Тој е многу позрел автомобил од претходните електрични модели на брендот. Исто така е удобен, практичен, има одлична звучна изолација и внатрешност со многу квалитетни материјали. Дополнително на сето ова нуди и модерни решенија и изгледа навистина добро.
ГАЛЕРИЈА